Полска е проблем за ЕУ токму поради тоа што не сака да замине

За разлика од Британија, Полска ќе остане внатре и ќе предизвикува проблеми, вели Економист.

Фото: ЕПА

Брегзитот, пред да се случи, беше замислуван во многу форми. Тврд, мек, норвешки, швајцарски или турски, а накратко беше дискутирана и албанска опција, пишува Економист и додава дека во најголем дел се зборувало за „чист брегзит“, што значи излез на Британија од единствениот пазар, царинската унија и европските судови.

Весникот посочува дека како што има повеќе начини за напуштање на ЕУ, така има и повеќе начини да се остане во блокот. Постои чиста опција, според која земјите тивко ги прифаќаат структурите на ЕУ, а потоа тука е хаотичната верзија, која Економист ја нарекува „валкано останување“.

Полска е пример за „валкано останување“. Уставниот суд на таа земја со одлуката на 7 октомври го доведе во прашање правниот поредок на клубот. Во случајот покренат од полскиот премиер, судот, во кој се наоѓаат сојузници на полската влада, одлучи дека суштински делови од правото на ЕУ немаат примат над полскиот устав.

Накратко, Врховниот суд на ЕУ веќе не е врховен, барем кога станува збор за Полска.

Полјаците масовно протестираа, тврдејќи дека владата се обидува против нивна волја да ја извади земјата од блокот. Сепак, секој што очекуваше „полегзит“ во британски стил ќе биде разочаран. Поддршката за ЕУ во земјата е меѓу најголемите во регионот. Економист пишува дека засновувањето на изборната кампања на напуштање на ЕУ би било како некоја партија да издаде манифест во кој ќе наведе дека ќе ги удави сите кученца. Весникот посочува дека проблемот не е во тоа дека Полска се обидува да ја напушти ЕУ, туку во тоа дека има намера да остане.

„Валканото останување“ нанесува повеќе штета отколку полегзитот. Даниел Сармиенто од Универзитетот Комплутенсе во Мадрид тврди дека постои ризик правниот поредок на ЕУ во Полска полека да бледнее. Во таа ситуација, доаѓа до домино-ефект, и ако судовите низ целата ЕУ не можат да им веруваат на своите полски колеги, тогаш почнува колапсот на правниот систем на ЕУ. Налогот за апсење издаден во еден дел од ЕУ нема да важи во друг, а тоа важи и за голем број дозволи, пишува Економист.

Со текот на времето, областа во која луѓето, стоките, капиталот и услугите се движат слободно станува област во која движењето значи неволја.

Лошото однесување е заразно. Евроскептиците главно се откажаа од идејата за напуштање на ЕУ, бидејќи, како што се покажа во случајот со Британија, тоа е доста стресно. Ерик Земур, националистички радикал што размислува да се кандидира на претседателските избори во Франција, вети дека ќе го врати приматот на француското право во однос на правото на ЕУ. Дури и поумерените личности, како Мишел Барние, главниот европски преговарач за брегзитот, флертуваат со оваа идеја.

Ако една влада може да избегне да се покорува на непопуларните одлуки на највисокиот суд на ЕУ со мал страв од санкции, тогаш сите други влади ќе бидат во искушение да го побараат тоа.

Полските поборници на пркосот кон правото на ЕУ тврдат дека сите го прават тоа, но дека се напаѓа само Полска. Полските судии често ги наведуваат како пример своите германски колеги, кои го обвинија Европскиот суд на правдата (ЕСП) за пречекорување на неговите овластувања во последните години. Во ваквите одлуки, посредникот е исто толку важен колку и пораката, посочува Економист и додава дека додека никој не се сомнева во независноста на германскиот Уставен суд, никој не верува во независноста на полскиот.

Пораката е исто така различна. Германскиот суд го обвини ЕСП за пречекорување на мандатот за одобрување на програмата за откуп на обврзници на Европската централна банка. Полскиот суд одлучи дека националниот устав има предност над суштински делови на ЕУ.

Економист посочува дека германскиот суд си поиграл со кибритче, а полските колеги го полеале правниот систем на ЕУ со бензин и намерно запалиле оган.

На хартија, решението за таквото несогласување е едноставно: излегување од ЕУ. Британија му ги олесни работите на клубот кога си замина. Наместо да остане и да ги блокира работите и генерално да создава хаос, Британија ги следеше процедурите наведени во членот 50.

Наместо тоа, Полска ја следи стратегијата од стрипот „Надзирачи“. Во него, Роршах, откако е испратен во затвор, истура врело масло врз главата на затвореник во кантината и вели: „Никако да разберете. Не сум јас тука затворен овде со вас, вие сте затворени со мене“.

Во ЕУ судбините се поврзани. Ако некој почне да истура масло, сите мора да се наведнат. Дејвид Камерон, британскиот премиер во тоа време, пред британскиот референдум за излез побара отстапки од ЕУ, вклучително и опција за „потесна унија“. Полска без предупредување фрли врело масло во воздух.

Со вакви валкани трикови, тешко е да се излезе на крај внатре во клубот. Една држава може својата волја да ја наметне внатрешно, да испрати полиција или дури и војска да го задуши бунтот. ЕУ нема такви инструменти. Европската комисија може да ѝ го одбие пристапот на Полска до Фондот за закрепнување од ковид, лишувајќи ја земјата од 57 милијарди долари. Од друга страна, Полска може во знак на протест да ги попречува сите потези на ЕУ.

Лошото однесување надвор од клубот е помал проблем. Откако како членка ги почитуваше сите правила, Британија ја откри бунтовничката кратенка и се обидува да се повлече од своите договори со ЕУ. Ова не е голем проблем за ЕУ, посочува Економист и додава дека тоа не се егзистенцијални прашања, туку повеќе прашања како што е движењето на колбасите низ Ирско Море.

За разлика од тоа, владеењето на правото во Полска е отворена рана. Тоа е долгорочна закана што мора да се реши ако ЕУ сака да постигне напредок. Исто како што финансиската криза од една земја може да се прошири во друга, истото важи и за уставната криза. За ЕУ е релативно лесно да се справи со нечие заминување, додека валканото останување е многу потешко, заклучува весникот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Првичната реакција на голем број држави кога се појави новата варијанта на ковид-19 вирусот за забрана на патувањето од Јужна Африка и од соседните држави, иако истиот веќе се има проширено, е очајна мерка. Всушност, државите можеби се и подобро подготвени отколку што мислат за што и да следи.

повеќе

Со неколку геополитички шаховски потези, Кина докажа дека не секогаш оружјето и војните се единствениот начин за глобална доминација.

повеќе

Македонија може да ги задоволи потребите од електрична енергија ако на површина од 160 км2 постави соларни панели, а инвестицијата за тоа е 2,4 милијарди евра.

повеќе