На европската сцена

Политико: Трамп во споредна улога во Париз, не му беше дозволено да го украде вниманието

На Доналд Трамп повеќе не му е дозволено да го краде вниманието – барем не кога е на европската сцена.

На самитот Г7 во Квебек минатиот јуни и на самитот на лидерите на НАТО во Брисел еден месец подоцна, американскиот претседател беше во центарот на вниманието и го наруши распоредот на програмата.

Меѓутоа, изгледа европските лидери се опаметија, пишува Политико.

Францускиот претседател Емануел Макрон на комеморацијата во Париз по повод 100-годишнината од крајот на Првата светска војна покажа дека постои нов пристап. Европа повеќе нема само да го смирува и зауздува Трамп, како што правеше во првите 18 месеци од неговиот мандат. Наместо тоа, европските лидери сега се спремни да возвратат и да го изолираат Трамп доколку тоа е неопходно, лишувајќи го од вниманието кон кое тежнее.

Откако Трамп слета во Париз во петокот вечерта и веднаш го „испука“ провокативниот твит обвинувајќи го Макрон дека бил „многу навредлив“ кога зборувајќи за европската одбрана кажа дека закана би можеле да претставуваат дури и САД, францускиот претседател на средбата со лидерот на САД во саботата наутро се обиде да ги смири несогласувањата. На крајот се сложија дека станувало збор за недоразбирање.

Меѓутоа, подоцна за Си-ен-ен, мрежеата која Трамп ја мрази, Макрон удри уште посилно кажувајќи дека иако Европа треба повеќе да троши на одбраната, тој не сака тие пари да одат за купување американско оружје и опрема. „Мислам дека доколку го зголемиме буџетот, тоа тогаш треба да биде за да изградиме наша автономија и да станеме вистинска суверена сила“.

Европските лидери велат дека сега имаат доволно искуство со Трамп за да знаат што да очекуваат и дека повлекувањето не дава резултати.

„Тој е играч на кој му е потребна моќ – така што ги почитува само оние кои возвраќаат а не оние кои се повлекуваат“, изјави за Политико европски функционер кој помагал во подготовката на билатералните средби со Трамп.

Особено драматичен беше говорот на Макрон во Париз во неделата кога всушност ја критикуваше политиката на Трамп „Америка на прво место“, кажувајќи дека „патриотизмот е всушност спротивно од национализам“ и дека „национализмот претставува предавство на патриотизмот“.

Меѓутоа, судирот не беше само реторички. Макрон и Елисејската палата сериозно се потрудија да го спречат Трамп да го засени историското значење на годишнината. Германската канцеларка Ангела Меркел беше веднаш покрај Макрон на официјалната церемонија – во силна демонстрација дека тој ден најмногу им припаѓа на Франција и Германија. Британската премиерка Тереза Меј ја одби поканата да ја претставува Британија и наместо тоа учествуваше на комеморации во Лондон во саботата и неделата.

Трамп и рускиот претседател Владимир Путин имаа седишта во првиот ред – но беше јасно дека нивните улоги се споредни – и дека не се главните актери на денот.

Интерфакс, руската новинска агенција, објави дека распоредот на седењето на лидерите по церемонијата бил сменет во последен момент за да ги раздвојат Трамп и Путин. Наместо тоа, Трамп беше сместен меѓу генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш и европскиот комесар Жан Клод Јункер. Јури Ушаков, советникот на Путин, кажа ека од кабинетот на Макрон биле „прилично упорни“ во барањата Путин и Трамп да не одржат билатерална средба бидејќи таа би го одвлекла вниманието од официјалната програма.

Трамп стигна с својата поворка на церемонијата (од безбедносни причини според Белата куќа) и доцнеше во однос на европските лидери. Тие стигнаа заедно со автобус, а Макрон, неговата сопруга Брижит заедно со Меркел, Јункер, Ердоган и низа европски лидери прошетаа до Триумфалната порта.

Меѓутоа, соло пристигнувањето на Трамп, кога останатите лидери веќе беа на своите места, брзо го засени Путин кој се појави последен.

Во текот на првите 18 месеци на Трамповиот мандат, европските лидери како да беа шокирани од настапот на бомбастичниот Американец, неговата провокативна реторика која ги доведува во прашање основите на трансатлантскиот однос. Се обидуваа да ги ублажат тензиите намалувајќи ги несогласувањата и оставајќи му на Трамп простор да се прилагоди на улогата на лидер на слободниот свет, оценува Политико.

Тоа очигледно се смени бидејќи и пред да слета во Париз Европа почна да удира – иако постои добра шанса тој за тоа да не е свесен. За време на престојот на Трамп во Париз – втор како претседаѕел на САД – највлијателниот француски весник Монд почна да објавува серија написи за дипломатската штета која Трамп ја нанел. Првиот напис почна со описот како лидерите на балтичките земји – Летонија, Литванија и Естонија – се вратиле од Белата куќа вџашени бидејќи Трамп ги обвинил за војната во Југославија, очигледно мешајќи ги Балтикот и Балканот.

Трамп придонесе на својата изолација. Веројатно уморен од неодамнешните избори во САД ја откажа посетата на воените гробишта во саботата, а белата куќа како причина го наведе лошото време. Еден ден подоцна избегна присуство на мировен форум и отиде да ги посети американските гробишта.

Видно поопуштен на настан што го организираат САД, Трамп кажа дека тоа е „кулминацијата“на неговата посета“.

Миграција со достоинство (#WithDignity) е темата на Меѓународниот ден на мигрантите 2018 година, кој го одбележуваме во вторник (18 декември).

повеќе

Без оглед на фактот што од постоењето на уметноста постои и теорија и приказна за тоа, уметничкиот процес останува крајно неразбирлив.

повеќе

Што е потребно младите велешки занаетчии да не станат самоубиствени гемиџии, туку да ги тераат своите замисли напред.

повеќе