„Добра вест за Европската Унија“

Политико: Популистичката плима порасна, но не успеа да ја поплави ЕУ

Евроскептиците нема во скоро време да го преземат Брисел.

Уф, добро е. Излезе дека европската крајна десница многу повеќе лае отколку што каса.

Да, нелибералните партии добро напреднаа во Франција и Италија, Полска, Унгарија и пошироко. Но воопшто не подобро од очекуваното, а во некои случаи и полошо, вели Метју Карничниг за Политико.

Поентата: финишот на популистите не е толку многу појак отколку во 2014 година.

Тоа е добра вест за европските демократски партии и уште подобра вест за Европската Унија. Стратегијата на европските центристи, од Меркел до Макрон, да ги претстават изборите како прашање на „судбината на Европа“, помогна да се поттикнат гласачите да излезат на избирачките места.

Во текот на кампањата, проевропските партии предупредија дека камшикот на евроскептичкиот популизам, под маската на француската Национална алијанса, Алтернативата за Германија (АфД), италијанската Лига и многу други, се заканува да ги уништи децениите европска интеграција.

Европејците ги послушаа тие повици и масовно излегоа да гласаат, при што одѕивот на гласачите низ цела Европа изнесуваше околу 51 процент, во споредба со 43 проценти во 2014 година.

Силниот одѕив помогна да се неутрализираат резултатите на евроскептиците, на кои обично им користи слабиот одѕив, бидејќи тие се добри во убедувањето на сопствените гласачи да гласаат.

Во Германија и Австрија, екстремнодесните популисти завршија полошо од нивните резултати на националните избори во 2017 година, паѓајќи за 1,8 и 3,3 проценти, по тој редослед.

Иако АфД брзо истакна дека нејзиниот резултат е зголемен за повеќе од 50 отсто во споредба со последните европски избори во 2014 година - од 7,1 на 10,8 отсто - споредбата е проблематична бидејќи партијата од тогаш претрпе драматични промени. Пред пет години, АфД сè уште беше фокусирана на противењето кон финансиските избавувања во еврозоната; дури подоцна дојдоа нејзиниот тврдокорен занес и фокусот на миграцијата.

Недостигот од среќа за екстремната десница на германското говорно подрачје можеби беше под влијание на неодамнешната афера „Ибица“ во Австрија, но има знаци на слабости и на други места.

Антимигрантската Данска народна партија освои само едно место во Европскиот парламент, во споредба со четирите минатиот пат. Во Холандија екстремнодесничарските партии имаа полош резултат отколку што стравуваа многу нивни противници. Во Шпанија, популистичката партија Вокс успеа да освои само околу 6 отсто од гласовите. Естонската екстремнодесничарска ЕКРЕ партија, која неодамна ѝ се приклучи на владејачката коалиција во земјата, заврши на третото место на европските избори во неделата.

Иако Партијата за брегзит на Најџел Фараџ постигна успех во Велика Британија, освојувајќи го првото место, мала е веројатноста да игра голема улога во следниот парламент без членство во некој од главните сојузи, што се чини неверојатно.

Дури и во Франција и во Италија, каде што популистите остварија најдобри резултати на континентот, резултатите се под некои очекувања. Националната алијанса на Марин ле Пен забележа силни 23,5 отсто од гласовите во Франција, завршувајќи прва - но тоа сепак е нешто помалку од резултатот на партијата во 2014 година. Нејзината ребрендирана партија овојпат е на пат да добие две места помалку во Европскиот парламент.

Се чини дека партијата на Салвини, Лига, имаше силен настап во Италија, освојувајќи повеќе од 33 отсто од гласовите. Но неговите соништа за формирање на најголемата група во Европскиот парламент ќе останат токму тоа. Проекциите на Политико велат дека неговата група ќе има околу 70 места во 751-члениот парламент.

Салвини ги поставуваше темелите за една нова популистичка алијанса, која се очекува да ги вклучи АфД, Национална алијанса, австриската Партија на слободата и можеби Фидес на Виктор Орбан, кој можеби наскоро ќе ја напушти централнодесничарската Европска народна партија.

Со или без Орбан, големо прашање е колку е цврсто планираното популистичко групирање. Иако партиите споделуваат суштинска одбивност кон миграцијата и нелиберален, антидемократски етос, тие немаат многу друго заедничко.

На пример, Салвини се подбива со европските правила за буџетската дисциплина, став што АфД и австриската Партија на слободата го мразат. Италијанскиот лидер, исто така, сака другите европски земји да преземат голем број од бегалците што сега се заглавени во Италија, нешто што Орбан комплетно го одбива.

Иако таквите поделби не се нови, тие ја илустрираат предноста што центристичките партии - група што се очекува да го контролира мнозинството на новиот парламент - ќе ја имаат пред популистите.

По дефиниција, популистичките групи следат националистичка агенда, која е спротивна на градењето коалиции на европско ниво. Тоа значи дека главните партии не мора да се обидуваат да ги поделат и да ги освојат. Популистите сами ќе го направат тоа.

Најголемиот предизвик на секоја земја е развојот и одржувањето на здрава популација.

повеќе

Албанија и Северна Македонија уште ќе чекаат, една година откако блокот рече дека имаат шанси за разговори за членство, вели Политико.

повеќе

Ништо не ме научи повеќе за моите родители, а и за мене, од храната што тие ја обожаваа откако избегаа од Босна.

повеќе