Политико: Москва доби нов адут со успехот на вакцината Спутник

Европа ризикува уште еднаш да заостане во својата стратегија за вакцини, вели Политико.

Фото: ЕПА

Кога минатиот август излезе веста дека Русија е првата земја што одобрила вакцина против коронавирусот, многумина ја дочекаа со сомнеж.

Вакцината – наречена Спутник V - не ги имаше поминато стандардните тестови. Експертите предупредија дека избрзаниот процес може да ја наруши довербата на јавноста во вакцината. Во меѓувреме медиумите известуваа дека проблеми во производството го одложуваат нејзиното пуштање во употреба.

Импресивните резултати од доцните клинички испитувања неодамна објавени во едно од најпрестижните медицински списанија го донесоа долгоочекуваното прифаќање од научната заедница.

Веста дека руската вакцина е подеднакво ефикасна како и најдобрите на Западот со радост ја дочекаа земјите од Блискиот Исток и Јужна Америка, каде што некои држави веќе ја имаа одобрено вакцината, но истовремено стана трн во окото на претставниците на ЕУ, кои се обидуваат да одржат една коалиција огорчена поради лошите стратегии на блокот за вакцинација и тромавото спроведување на вакцинирањето.

Додека земји како Унгарија, Србија, па дури и Германија, преговараат за набавка на руската вакцина, жителите на ЕУ бараат одговор на прашањето зошто нивните лидери од самиот почеток не соработувале со Москва заради јавното здравје на своите граѓани.

Студијата објавена во Лансет пред сѐ утврди дека руската вакцина е сериозен конкурент со ефикасност од 92 проценти. Таа бројка беше изведена со споредување на бројот на лицата заразени со коронавирусот во вакцинираната група (14.964) со контролната група што примила плацебо (4.902).

Сметањето на бројот на лицата заразени со корона почна по примањето на втората доза, 21 ден по првата доза. Истражувачите регистрирале 16 случаи на симптоматски ковид-19 во вакцинираната група во споредба со 62 во плацебо-групата. Уште поважно, немаше „умерени или тешки“ случаи на инфекција со вирусот меѓу вакцинираните.

Светска турнеја

Овие резултати ќе ги охрабрат земјите од периферијата на ЕУ, како Србија и Белорусија, кои се обложија на руската вакцина. А Спутник V веќе има „купувач“ и во самата ЕУ - Унгарија, која на 22 јануари ја одобри вакцината. (Будимпешта го употреби процесот на итно одобрување, кој им дозволува на членките на ЕУ да го заобиколат правилото дека новите биолошки изведени лекови мора да бидат оценети централно од Европската агенција за лекови, ЕМА).

Политико контактирал со сите регулаторни тела во ЕУ и Европскиот економски регион. Меѓу оние што одговориле - Белгија, Словачка, Хрватска, Летонија, Холандија, Естонија, Ирска и Шпанија - никој немал никаков контакт со тимот на Спутник. Ниту некој од нив планира да контактира со него.

„Засега не планираме да ја набавиме вакцината Спутник V“, рече Ивана Шипиќ Гавриловиќ, портпаролка на хрватската агенција за лекови ХАЛМЕД.

Бидејќи руската вакцина се добива преку биотехнолошки процеси, „задолжителна е централизирана процедура за да се добие одобрение за употреба во ЕУ“, рече таа.

„Затоа, ние внимателно ќе ја следиме состојбата во врска со можното овластување на вакцината преку споменатата постапка, која дава еднакво и високо ниво на безбедност за сите европски граѓани“, рече таа.

„Ние ќе ја слушаме ЕМА“, рече Дони Потасе, портпаролот на холандската агенција МЕБ.

Портпаролот на рускиот фонд за директни инвестиции (РДИФ), кој е одговорен за промовирањето на вакцината во странство, раскажува друга приказна: Москва, наводно, има билатерални разговори со неименувани земји на ЕУ – и на исток и на запад – и дека тие напредуваат.

До денес, Унгарија добила само една мала пратка вакцини за клинички испитувања. Но Ројтерс објави дека во вторник треба да пристигне првата пратка од 40.000 вакцини, цитирајќи телевизиско интервју со министерот за надворешни работи Петер Сијарто.

Додека една група го критикуваше осамениот пристап на Унгарија, други сметаат дека ЕУ изгубила скапоцено време на политички прашања наместо да се бори против вирусот и да спречи луѓето да починуваат.

Еден од нив е баварскиот премиер Маркус Зедер, кој минатиот викенд рече дека регулаторните тела на ЕУ треба итно да ги одобрат руската и кинеската вакцина ако се безбедни и ефикасни. Слично искоментира и германскиот министер Јенс Шпан, кој наведе дека овие вакцини треба да се користат низ цела Европа под услов да се безбедни. Канцеларката Ангела Меркел во меѓувреме разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за можното производство на Спутник во Германија.

Прашањето што на сите им виси над глава е кога ЕУ ќе ги одобри вакцините. Портпаролот на РДИФ во вторникот рече дека преговорите со ЕМА се во тек и дека тимот на Спутник испратил документација и податоци до европското регулаторно тело, кое подоцна овој месец ќе ги објави резултатите од своето испитување.

Кој ќе купува?

Спутник може да биде спас за многу земји. Според тимот на Спутник, вакцината се продава за помалку од 10 долари по доза и е поевтина од иРНК-вакцините на Фајзер / Бајонтек и Модерна, но сепак е поскапа од вакцината на АстраЗенека, која чини меѓу 4 и 5 американски долари по доза.

Она што е важно да се знае е дека вакцината Спутник користи аденовирусна векторска технологија, дека е стабилна на 2-8 Целзиусови степени и логистички е полесна за употреба и за дистрибуција од иРНК-вакцините, кои мора да се чуваат на екстремно ниски температури. Тоа може да биде мамка за посиромашните земји како Бугарија, кои не сакаат скапи вакцини што мора да ги чуваат во специјални фрижидери, според медиумите.

Еден руски функционер им рече на новинарите дека руската вакцина е дизајнирана со цел да биде лесно достапна, особено затоа што инфраструктурата неопходна за иРНК-вакцините не е загарантирана на некои места, како далечниот Сибир.

Доколку Будимпешта почне да ги претекнува своите соседи по бројот на вакцинирани, додека остатокот од ЕУ се мачи, вакцината Спутник може да стане неодолива за соседните земји што имаат нешто потопли односи со Москва, што дополнително ќе ја закопа стратегијата на Европската комисија за вакцинација.

Еден поранешен чешки министер за здравство веќе оцени дека Чешка погрешила што ја игнорирала Спутник и ги повика властите да размислат за набавка на вакцината за своето население.

Сепак, сè зависи од количеството вакцини што Русите можат да ги произведат. РДИФ не откри колкаво производство е во тек во моментов, но рече дека целта им е да произведат милијарда дози до крајот на годинава, доволно за 500 милиони луѓе. Москва има договор за производство на вакцини со Индија, Кореја и Бразил. Производството во Кина треба да почне овој месец.

Симона Гуаџиардо, аналитичарка во Центарот за европски политики, предупреди дека е важно да се разбере тежината на одобрувањето од ЕМА. „Постапката што ја спроведува ЕМА е дизајнирана да создаде доверба во вакцините. Не е мала работа тоа што Европа е глобален епицентар на колебањето за вакцинацијата“, рече таа.

Глобални амбиции

Сѐ досега, Спутник V - заедно со кинеските Синовак и Синофарм - е единствената надеж за вакцинирање во сиромашните земји. Немајќи пари да договорат испорака на вакцини од големите фармацевтски компании и не добивајќи вакцини од иницијативата Ковакс тие се вртат кон Русија и Кина – потенцијално за сметка на квалитетот, вели Политико.

Фактот дека овие вакцини беа купени пред да се докаже нивната ефикасност е само показател за очајот на тие земји, вели Кејт Елдер, виш советник за вакцинација во „Лекари без граници“.

Затоа, текстот во Лансет ќе им понуди одредено олеснување и на тие земји и на клиничарите како Елдер, кои сакаат фер-дистрибуција на квалитетни вакцини за сите.

Тереза Фалон, директорка на Центарот за руски, европски и азиски студии, е јасна во својата процена: руската вакцина влезе во „престижниот клуб на три глобални вакцини за кои е потврдено дека се повеќе од 90 проценти ефикасни“.

„Конкуренцијата е добра, дури и во вакцинирањето, и колку побрзо почне програмата за вакцинација, толку побрзо светот ќе се опорави од пандемијата“, рече Фалон.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во чест на Меѓународниот ден на трудот, вреди да се разгледа состојбата со работничките права во државата, да се направи краток осврт на изминатата година и да се согледа што може да се направи за да се насочат работите кон подобро.

повеќе

Таквиот вид на анахрон национал-романтизам, со речиси апологетски однос кон окупаторската политика на Бугарија во Втората светска војна, штетна е за хармонизација на односите на Балканот, пред сѐ на Бугарија со РСМ, но и со Србија.

повеќе

Некогаш да градиш на три континенти, а денес да не ја градиш сопствената држава.

повеќе