Политико: Балканскиот крах на Макрон

Бриселскиот портал Политико пишува дека самитот во Берлин бил неуспешен во обидот да се овозможи излез од ќор-сокакот во кој влезе дијалогот меѓу Белград и Приштина.

Политико оценува дека тоа укажува на пропустите во надворешната политика на ЕУ.

Францускиот претседател Емануел Макрон беше на работ на нервите, истакнува порталот, додавајќи дека Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел решија да ги земат работите во свои раце „исфрустрирани од неуспехот на ЕУ“ да дојде до договор што ќе ги смири тензиите меѓу Белград и Приштина.

Но по завршувањето на самитот, тие најверојатно посакуваат да не преземеа ништо, наведува Политико.

Наместо да остварат пробив, Меркел и Макрон несвесно на јавноста ѝ ја покажаа дисфункционалноста на европската дипломатија, а самитот ги подвлече поделбите не само меѓу Белград и Приштина, туку и меѓу Париз и Берлин, како и меѓу земјите членки на ЕУ и апаратот надлежен за надворешната политика во Брисел.

Порталот наведува дека Макрон неколку часа се обидувал да го наговори косовскиот премиер Рамуш Харадинај да прифати компромис за да се ублажи спорот со Белград, а потоа прибегнал на својата карактеристична особина да биде грубо отворен.

Повикувајќи се на две неименувани лица кои сведочеле на состанокот на Макрон и Харадинај во Берлин, Политико пишува дека францускиот претседател го повишил гласот додека му се обраќал на Харадинај, а додека ги гледала групата лидери од регионот.

Макрон наводно му кажал на Харадинај дека „не е во позиција ништо да бара“.

Пред самитот, поради тоа што се чинеше дека ниедна страна не е спремна да попушти, некои дипломати прашуваа дали самитот воопшто треба да се одржи.

Без оглед на несогласувањата, додава Политико, Макрон и Меркел се надеваа дека ќе се искористи еланот околу договорот меѓу Грција и Македонија околу името за да се оствари некаков напредок со Белград и Приштина.

„Беа разочарани“, тврди порталот и наведува дека средбата, која требаше да се фокусира и на тежнеењето на регионот кон евроинтеграциите, набрзо се „заплетка“ и „заглави“ поради односот меѓу Србија и Косово, што предизвикало критики дека наместо да ја подобри ситуацијата „дипломатијата на Берлин и Париз само ги влоши нештата“.

„Единствено среќна беше Могерини“, кажал еден од учесниците.

Таа се најде на удар на критики поради немањето напредок во односите меѓу Белград и Приштина и, како што се тврди, „создала проблеми прифаќајќи го планот кој би овозможил таканаречена размена на територии вдолж етничките линии“.

Политико наведува дека додека некои во Белград и Приштина ја поддржуваат таа идеја, Меркел е длабоко против, бидејќи се плаши колку опасен преседан ќе биде тоа во регионот, додека Франција е двосмислена околу прашањето.

Во текстот се тврди дека Меркел и Макрон за време на пауза го издвоиле косовскиот премиер Рамуш Харадинај, кој е опишан како поранешен герилски командант, и побарале од него да се откаже од царините против Србија на шест месеци за да овозможи да продолжат преговорите за „поширок договор“, користејќи ги безвизните патувања за жителите од Косово кои патуваат во Шенгенската зона „како морков“.

Меѓутоа, според извор кој сведочел на разговорот, Харадинај не попуштал и кажал дека „бара признавање“.

На крајот, Меркел и Макрон признале дека не постигнуваат ништо и го прекинале состанокот.

Кабинетот на Меркел го објави заедничкото француско-германско соопштение во кое наведоа дека Белград и Приштина се согласиле „конструктивно“ да работат на нормализацијата на своите односи.

„Но тоа не е така“, пишува Политико, тврдејќи дека не било ни спомнато двете страни повторно да го придвижат замрзнатиот дијалог.

 

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе