Се шират лажни тврдења

Политиката и теориите на заговор се закана за вакцинацијата на Балканот

Вакцини од Западот, Русија или Кина, или ниедна? Тоа е дилемата со која се соочуваат државите од Југоисточна Европа, каде кампањата за вакцинација е спора и во сенка на вжештена политичка дебата и теории на заговор.

EPA-EFE

Во државите како Чешка, Србија, Босна и Херцеговина, Романија и Бугарија меѓу скептиците кога станува збор за вакцините се и поранешни претседатели, па дури и одделни доктори, пишува Асошиејтед прес.

Лажните тврдења дека коронавирусот е измама или дека со вакцините ќе бидат вбризгани и микрочипови се рашири во државите кои некогаш беа под комунистичка управа. Населението кое некогаш на редовна база се вакцинираше сега е длабоко поделено околу тоа прашање, наведува американската агенција.

„Постои директна врска меѓу поддршката на теориите на заговор и скепсата кон вакцинацијата“, покажа неодамнешна студија спроведена на Балканот. „Повеќето во регионот не планираат да се вакцинираат, за разлика од останатите делови на Европа каде повеќето поддржуваат имунизација против ковид-19“, се наведува во студијата. Само околу 200.000 луѓе се пријавиле за вакцина во Србија, каде живеат околу 7 милиони луѓе, во деновите откако тамошните власти ја почнаа процедурата. За разлика од тоа, околу милион Срби се пријавија за помош во износ од 100 евра првиот ден откако владата понуди таков вид помош поради кризата предизвикана од пандемијата, потсетува АП.

Функционерот на српското министерство за здравство Мирсад Џерлек ја опиша реакцијата на кампањата за вакцинација како „задоволувачка“, но во разговорот за Радио телевизија Србија предупреди дека „луѓето во руралните области обично веруваат во теории на заговор, и поради тоа со нив треба да се разговара отворено и да им се објасни дека вакцините се единствениот излез од оваа ситуација“.

Студијата спроведена од групата Балкан во Европа, објавена пред во декември во регионот да почне вакцинирањето покажала дека во теориите на заговор веруваат речиси 80 отсто од граѓаните на западен Балкан. Во студијата се наведува дека половина ќе одбијат вакцинирање.

Неоснованите теории тврдат дека вирусот не постои или дека е биолошко оружје кое го создале САД или нивните непријатели, а една од популарните теории на заговор е дека основачот на Мајкрософт Бил Гејтс ги користи вакцините против ковид-19 за да ја чипува светската популација од седум милијарди луѓе.

Нискиот степен на информираност за вирусот и вакцините, недовербата во владата и упорните тврдења на властите дека нивните држави се под опсада на странци можат да помогнат во објаснувањето на високата застапеност на таквите уверувања, наведува американската агенција. Слични трендови се забележани и во некои држави од Европската Унија. Во Бугарија, распространетите теории на заговори во изминатите години ги загрозија напорите за вакцинирање против сипаници. Истражувањата покажуваат дека недовербата во вакцините останува висока иако бројот на заболени и смртни случаи од коронавирусот расте. Неодамнешна анкета на Галуп покажа дека 30 отсто од анкетираните сакаат да се вакцинираат, 46 отсто би одбиле, а 24 отсто се неопределени.

Бугарските лекари се обиделе да ја сменат ваквата ситуација. Докторот Стефан Константинов, поранешен министер за здравство, на шега кажа дека на луѓето треба да им се каже дека соседна Грција нема да дозволи престој во нивните одморалишта на оние кои нема да ја примат вакцината, бидејќи „тоа сигурно ќе влијае околу 70 отсто од населението да побрза да ја прими вакцината“.

Во Чешка, каде истражувањата покажале дека 40 отсто од населението не сака вакцина, демонстранти на голем протест против мерките за спречување на ширењето на вирусот во Прага бараа вакцината да не биде задолжителна. Поранешниот претседател Валцлав Клаус, жесток критичар на начинот на кој владата реагираше во пандемијата, кажа дека вакцините не се решение. „Тие тврдат дека сè ќе биде решено со чудотворна вакцина“, кажа 79-годишниот Клаус, кој тврди дека луѓето треба да се изложат на вирусот за да стекнат имунитет, што експертите го отфрлаат. „Мораме да кажеме јасно и гласно дека тоа не постои... јас нема да се вакцинирам“.

Популистичките власти во Унгарија заземаа цврст став против дезинформациите околу вирусот, но анкетите покажаа дека 30 отсто од популацијата и понатаму одбива да се имунизира. Тамошниот парламент во март им овозможи на властите кривично да го гонат секој кој сметаат дека „ја поткопува успешната одбрана“ против вирусот, вклучувајќи ги лицата кои шират паника или лажни вести. Најмалку две лица кои ја критикуваа реакцијата на владата на пандемијата на социјалните мрежи се уапсени, а против нив се поднесени обвиненија.

Романскиот министер за здравство Влад Војчулеску кажа дека тој се потпира на семејните лекари да „информираат, направат распоред и да ги следат луѓето по вакцинацијата“ и дека неговото министерство ќе им понуди бонуси на медицинските работници врз основа на тоа колку луѓе ќе убедат на вакцинација. На прашањето дали таквите иницијативи ќе поттикнат пропаганда против вакцините, Војчулески кажа: „Повеќе ме интересира ставот на лекарите по тоа прашање отколку ставот на антиваксерите“.

Докторот Ивица Јеремиќ, кој од март во Србија работи со заболените од ковид-19 и кој и самиот бил заразен во ноември, кажа за АП дека се надева дека програмите за вакцинација ќе добијат на замав кога луѓето ќе го совладаат стравот од непознатото.

„Луѓето ќе сфатат дека вакцината е единствениот начин за враќање на нормалниот живот“, кажа тој.

Во надеж дека ќе ја поттикнат вакцинацијата, српските функционери јавно примија вакцини. Сепак и тие меѓу себе се поделени околу тоа дали треба да се прими западната на Бајонтек/Фајзер, или руската Спутник V.

Српскиот претседател Александар Вучиќ во саботата пречека пратка од милион дози на кинеската вакцина Синовак на Синофарм, кажувајќи дека тој ќе ја прими таа вакцина за да покаже дека е безбедна. Премиерката Ана Брнабиќ ја прими вакцината на Фајзер.

„Србите ја претпочитаат руската вакцина“, гласеше неодамна наслов во еден провладин таблоид, откако властите соопштија дека 39 отсто од оние кои се пријавиле да ја примат вакцината ја фаворизираат руската вакцина, додека 31 отсто се определиле за Бајонтек/Фајзер верзијата – што донекаде ја одразува и поделбата меѓу проруски и прозападно ориентираните жители на Србија. Во соседна БиХ, политиката е фактор бидејќи Република Српска се определи за Спутник, а Федерацијата БиХ за западните верзии.

Саша Миловановиќ, 57-годишен агент за недвижнини од Белград смета дека сите вакцини се дел од „глобалната манипулација“ со пандемијата. „Луѓето се затворени, тие повеќе немаат животи и живеат во состојба на хистерија и страв“, кажа тој за АП.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Формирањето на платформа за прекугранична соработка за борба против аерозагадувањето има потенцијал вистински да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во нашата земја.

повеќе

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе