Политички претставник на Србите на прославата на Олуја – пресврт во односите на српскиот и хрватскиот народ во Хрватска?

За првпат политички претставник на српското национално малцинство во Хрватска ќе учествува на прославата на годишнината на Олуја. Може ли тоа да значи нов почеток во односите на српскиот и хрватскиот народ во Хрватска?

EPA-EFE

Потпретседателот на хрватската влада Борис Милошевиќ (од Самостојната демократска српска партија) ќе учествува на 5 август на прославата на 25-годишнината на воено-полициската акција Олуја во Книн. Министерот на бранителите од ХДЗ на 24 или 25 август треба да положи венци на српските жртви.

На оние кои не ги познаваат хрватските прилики оваа вест може да им звучи како здодевна протоколарна информација, но станува збор за симболичен пресврт во соочувањето со минатото кое, доколку има политичка мудрост, би можела да прерасне во намалување на тензиите меѓу мнозинскиот хрватски и малцинскиот српски народ во Хрватска.

За Хрватите, особено оние кои на почетокот на деведесеттите беа протерани од таканаречената Република Српска Краина, Олуја е круната на Татковинската војна во која беше поразена големосрпската политика олицетворена во парадржавата на нивната територија. Легалноста на оваа воено-полициска операција беше потврдена на Хашкиот суд кој од обвинувањата за воени злосторства ги ослободи генералите кои ја водеа – Анте Готовина и Младен Маркач.

Од друга страна, за српското население кое тој август 1995 година избега пред налетот на хрватската војска, Олуја претставува почеток на крајот, рушење на колку-толку нормалниот живот и траума на бегалството кое ја почувствуваа стотици илјади жители на поранешна Југославија. Со бројките на избеганите српски цивили и припадници на српската паравојска се лицитира и денес и тие, зависно од страната која ги презентира, се движат од 90.000 до 250.000.

Освен тоа, хрватската политика и врвот на војската не успеаја да ги спречат грабежот и палежот на таканаречената Краина кои следеа по големата победа. Според податоците објавени од Документа – центар за соочување со минатото, за време на официјалното траењее на Олуја и во следните 100 дена, припадници на Хрватската војска (или вооружени лица со воени или полициски униформи), усмртиле над сто, а според хрватскиот Хелсиншки комитет за човекови права најмалку 410 цивили, иако не пружале отпор. Запалени биле над 22.000 куќи.

Хрватските претседатели, од Стјепан Месиќ преку Иво Јосиповиќ до Колинда Грабар Китаровиќ повеќе пати изразија осуда и жалење поради српските жртви, но политиката се трудеше да ја маргинализира оваа приказна. Истовремено, сигналите кои доаѓаат од Белград, а за кои големосрпската политика и страдањето на Хрватите пред 5 август речиси и да не постојат, не помагаше во помирувањето на Хрватите и Србите.

Хрватската десница со години во Книн сака доаѓање на политичкиот претставник на Србите во Хрватска, Милорад Пуповац (претседателот на СДСС), јавно зборувајќи дека тоа би било лековито за општеството. Имајќи предвид дека Пуповац во тој дел на гласачите е јасно означен како послушник на Белград и „дежурен виновник“ во Хрватска, интимно тоа би имало и вкус на уште една, можеби и конечна победа преку понижување на „противникот“.

Бидејќи не треба да се заборави дека традиционалната книнска прослава е воедно и неформална сцена за хулиганите и ширачите на омраза кои не доаѓаат да ја слават големата воена победа, туку српскиот пораз па низ таа прослава ги извлекуваат песните и симболите на фашистичката Независна држава Хрватска.

Но, тоа е мудро избегнато бдејќи во владата на Андреј Пленковиќ како потпретседател не влезе Пуповац, туку Борис Милошевиќ, релативно ново лице на СДСС кое не го носи товарот ставен на грбот на неговиот партиски шеф. Самиот Пленковиќ никогаш не кажал дека самиот Пуповац треба да дојде во Книн, туку дека би сакал таму да биде целата негова влада, а во тоа го поддржа и претседателот Зоран Милановиќ.

„Тоа е двострана слика на која морам да гледам така. Не можам да поминам преку и да ги заборавам невините жртви и запалените куќи, егзодусот на населението. Тоа е дел од мојот идентитет“, изјави Милошевиќ за Н1 само неколку дека пред одлуката да замине во Книн.

Многу е веројатно дека таму ќе го дочекаат и провокаторите кои во изминатите години им свиркаа и на поранешниот претседател Иво Јосиповиќ (СДП) и на денешниот претседател а тогашен премиер Зоран Милановиќ (СДП).

„Ако моето доаѓање е гест, имам желудник за секој вид на гест за кој сметам дека само би го подобрил статусот на мојата заедница“, кажа Милошевиќ.

Дваесеттина дена потоа на српските жртви ќе им се поклони министерот за бранителите Томо Медвед. Бригадниот генерал на хрватската војска, три пати рануван во борбите со тоа несомнено ќе предизвика негодување кај дел од бранителите кои нема да ја препознаат шансата за подобро утре на новите генерации.

Милорад Пуповац, пак, порача дека последната порака за мир се слушнала од генералот Анте Готовина откако Хашкиот суд го ослободи од обвинувањата за воени злосторства во Олуја.

„Војната е готова. Да се свртиме кон иднината“, им кажа тогаш Готовина на грашаните кои го дочекаа на главниот загрепски плоштад. Хрватските граѓани во изминатите осум години не го послушаа – но сега ќе добијат нова прилика.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе

Нивото на Советот на Центар никако да порасне и да покаже демократски капацитети и зрелост очекувана од граѓаните

повеќе

Historia magistra vitae est (Историјата е учителка на животот). Оваа латинска изрека ќе ги објаснува односите меѓу народите и нациите додека постои светот.

повеќе