Политичка криза во Црна Гора: Ѓукановиќ мајсторски предизвика распад на владејачката коалиција

Црна Гора повторно е во политичка криза, која ја предизвика смената на министерот за правосудство и човекови и малцински права Владимир Лепосавиќ, кој негираше дека во Сребреница се случил геноцид.

EPA-EFE

Всушност може да се каже дека просрпската, а истовремено и проевропска владејачка коалиција, која ја предводи премиерот Здравко Кривокапиќ, е во криза од самиот почеток.

И тоа додека владата на Кривокапиќ се соочуваше со побеснетиот трет бран на пандемијата на ковид-19, поради што во еден момент на улиците беше изнесена војската за да го контролира спроведувањето на строгите мерки.

А сето тоа од страна го гледа актуелниот претседател на Црна Гора Мило Ѓукановиќ, лидерот на најголемата опозициска партија ДПС и повеќедецениски неприкосновен владетел на поранешната југословенска република. Кога минатата година на парламентарните избори ДПС на Ѓукановиќ тесно изгуби, многумина помислија дека Мило падна.

Тој не само што не падна, туку засега изгуби дел од власта, но не ја изгуби својата политичка моќ. Ѓукановиќ досега има преживеано сè, останувајќи на власта, па во ситуација кога ДПС, иако поединечно најсилна партија, ги изгуби изборите, тој остана на власт како претседател на Црна Гора. Никој не треба да се изненади ако во блиска иднина добие осми премиерски мандат, откако ќе му заврши претседателскиот.

Од минатата година Ѓукановиќ, од една страна, ја консолидираше моќта во ДПС и во јануари повторно беше избран за претседател на партијата, додека од друга страна почна кампања на прозивање на просрпската опозиција, која е мнозинство во коалициската влада.

Тој во февруари изјави дека со оживувањето на идејата за голема Србија сака да се смени карактерот на Црна Гора, која наместо досегашната мултиетничка, секуларна и проевропска земја, би станала дел од големосрпскиот триаголник Белград – Бања Лука – Подгорица.

Ѓукановиќ истакна дека креаторите на таа идеја, сега наречена „српски свет“, за остварување на својата цел сакале Црна Гора да ја подложат на идентитетски инженеринг и да ја престават како „стара српска држава“, демек формирана од Српската православна црква, што е, како што кажа, „епска лага“. Претседателот на Црна Гора тврди дека пред 30 години меѓународната заедница многу поедноставно, порешително и навремено реагирала на ваквите ретроградни политички идеи, но дека тоа овој пат не е така. „Новата, софистицирана фаза на хибридната војна, на која Црна Гора беше изложена во текот на целата 2020, не е креирана поради нас. Ова е војна против Европа и НАТО“, тврди тој.

Тој повторно го обвини официјален Белград дека се меша во внатрешните работи на Црна Гора, а сè поради, според него, исконструираната опасност од загрозеноста на Србите.

Наспроти тоа, во владејачката коалиција постојано има кавги. Тоа најдобро се виде по тоа што не успеаја да се договорат за смената на контроверзниот министер Лепосавиќ, како и околу осудата на злочинот во Сребреница, што од САД јавно го побараа САД.

Двете одлуки се усвоени благодарение на гласовите од опозицијата. Тесно мнозинство, 43 од 81 пратеник, имаше предлогот на премиерот Кривокапиќ за разрешување на министерот Лепосавиќ, кој во јавен настап го релативизираше злосторството во Сребреница и ги оспори пресудите во Хаг. Резолуцијата за Сребреница, која ја предложија пратениците на Бошњачката партија, поддржана од целата опозиција, доби поддршка од 55 пратеници, додека против беа пратениците на владејачкиот просрпски Демократски фронт.

Клучни во двете гласања беа гласовите на пратениците на Демократската партија на социјалистите на Ѓукановиќ, кои го прекинаа бојкотот на работата на парламентот и се вратија за да гласаат. Ѓукановиќ го понижи Кривокапиќ и покажа дека е политички моќен и умешен.

Црногорскиот премиер е под постојани напади, за што и самиот е свесен. За тоа зборуваше и во парламентот за време на гласањето за смената на Лепосавиќ.

„Овој момент е специфичен бидејќи оваа влада ја уриваат сите, и власта и опозицијата и опкружувањето и центарот, никој не ја доживува како своја. Јас сум премиер на сите граѓани, најважен ми е интересот на граѓаните. Тоа се детски болести. Му дадов слобода на секој министер, верувајќи во нивните биографии и стручноста, протежирајќи работа, ред, дисциплина и одговорност. Тврдам, врз основа на информациите кои ги имам, дека ова е обид за уривање на владата одвнатре. На тоа работи ДПС со своите уште присутни сателити. Сега во Црна Гора се создаваат два блока: ултрасрпски и ултрапатриотско-комитски“, кажа Кривокапиќ, порачувајќи дека министерот своите приватни мислења не може да ги изнесува како став на владата.

Сето ова значи дека Црна Гора ја очекуваат турбулентни денови, кои може да завршат со нови парламентарни избори. Постои и можност да се создаде ново владејачко мнозинство.

Во секој случај, политичката судбина на премиерот Здравко Кривокапиќ не е во негови раце. А Мило Ѓукановиќ е спремен да ја врати апсолутната власт во Црна Гора.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Стратешко партнерство на македонската влада со Зока енерџи солушнс, компанија регистрирана за обработка и отстранување на опасен отпад, не е правилен начин за решавање на проблемот во мала држава како Македонија.

повеќе

Цивилизацијата би можела да се дефинира како глутница која има рационална потреба да ги легитимира и образложи своите колежи, грабежи и узурпации.

повеќе

„Сакајќи ја Америка и должејќи ѝ ја првата верност нејзе, ние ќе бидеме безвредни синови и ќерки на Америка ако немаме љубов во нашите срца за почвата што нè хранеше во нашето детство, за јазикот што го зборуваме и што го немаме заборавено...“

повеќе