Вашингтон пост

Походот по брегзит ја уби Британија

Брегзитска Британија го достигна неизбежниот крај на популизмот. Владата се распаѓа додека конзервативните министри без последици гласаат против својата сопствена влада. Еднакво хаотичната опозиција не може да опонира. Никој не може да каже дали мојата земја ќе се откорне од Европската Унија предизвикувајќи економска и социјална криза, вели колумнистот Ник Коен за Вашингтон пост

Искрените коментатори веќе не даваат предвидувања, туку зјапаат во урнатините со паднати вилици.

„Немаме поим каде одиме“, изјави минатата недела Сем Гјимах од конзервативната влада на Тереза Меј. „Нема стратегија; нема план“.

Британската криза е подлабока од таа во Соединетите Американски Држави, бидејќи во нејзиното срце лежи пропустот да се каже вистината. Ние немаме еквивалент на Претставничкиот дом под контрола на демократите; немаме центар на моќ ниту цврст глас што може да ги разоткрие популистичките политичари чија комбинација на цинизам и магично размислување нè доведе до овој јаз.

Брегзитот што гласачите тесно го изгласаа на 23 јуни 2016 година може да се постигне на два начини. Британија може да избере целосен прекин со Европската Унија. Тогаш ќе треба повторно да се изгради цврста граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска, со што би се загрозил мировниот договор од Белфаст од 1998 година, едно од најголемите политички достигнувања во мојот животен век. Тоа би ја откорнало Британија од единствениот пазар на ЕУ, дестинација на 44 отсто од нашиот извоз, и од договорите од последниве 46 години што го овозможија најнепреченото движење на стоки, услуги и луѓе. Тоа ќе ја уништи британската царинска унија со ЕУ, заедно со договорите за слободна трговија со 56 други земји. Тоа сè уште може да се направи, ама проклето многу ќе боли.

Од друга страна, би можеле да останеме на единствениот пазар и во царинската унија, да прифаќаме закони на ЕУ во чие донесување не сме имале глас, и само формално да заминеме. Процес што ќе го покрене умесното прашање: а зошто би го правеле тоа?

Како и популистичките движења низ целиот Запад, кампањата „Заминуваме“ одби да донесе тешка одлука. Наместо тоа, вети дека таа разорувачка промена може да биде постигната без болка. За разлика од националистите од 20 век, чиј фетиш беше жртвата, нивните наследници се автентични претставници на една генерација „бејбибумери“ што сакаат да имаат сè. Борис Џонсон, политичар од високата класа покрај кој претседателот Трамп изгледа како пример за интегритет, и неговите колеги поддржувачи на брегзитот ветија дека задачата да се добие нов договор за трговија со ЕУ ќе биде „една од најлесните во историјата на човештвото“. Како што се покажа, тензијата на усогласувањето на популистичката пропаганда на референдумската кампања со заштитувањето на економијата предизвика нервен слом во политиката, а вистинските преговори дури и не се ни почнати. Во меѓувреме, британските поборници на идејата за исклучителност, исто како и нивните американски колеги, инсистираа на тоа дека другите земји ќе ни се поклонуваат. Бевме постојано уверувани дека ние повеќе ѝ требаме на ЕУ отколку што таа ни треба нам, перчење што од ден на ден станува сè поапсурдно.

Но последиците од референдумот се тоа што ја уби Британија. Меј ја поддржуваше идејата Британија да остане во ЕУ, но таа никогаш не ги растури фантазиите на кампањата „Заминуваме“, ниту ja разјасни тешката одлука. Опозициската Лабуристичка партија е под контрола на Џереми Корбин и неговата екстремно лева фракција, која е поблиска до комунистичката отколку до социјалдемократската традиција. За разлика од другите европски централно-левичарски и постмарксистички лидери, Корбин целата своја кариера е против ЕУ. Во еден друг пример за британската исклучителност, тој и покрај сите докази верува дека Британија може да тргне сама и да изгради социјализам во една земја. Се разбира, тој и неговите поддржувачи не покажаа ни најмала намера да расправаат и за проевропскиот случај.

Како резултат на тоа, милиони луѓе веруваат дека брегзитот не успева не затоа што е проект осуден на пропаст, туку затоа што злобната елита ја поткопува волјата на народот.

Соучесништвото на нашите политички лидери во злочинот ги охрабри најлошиот тип националисти. Десничарските ултраси двапати го спречија провизорниот обид на Меј да почне да договара со ЕУ заштитувајќи го ирскиот мировен договор. Тие не можат да поднесат компромис, колку и да е скромен. Иако поединците новинари, активисти и политичари дадоа сè од себе, повеќето од 17,4-те милиони што гласаа за брегзит во 2016 година никогаш не добија отчет од мажите што толку лежерно им даваа лажни ветувања.

Никој не знае што ќе се случува сега. Неделава има муабети дека можеби договорот на Меј за повлекување ќе биде усвоен од Парламентот во третиот или четвртиот обид, но парламентарната процедура може да ја спречи повторно да се обиде. Никој не знае. Парламентот во четвртокот рече дека сега е подготвен да ја праша ЕУ да го продолжи рокот за заминување на Велика Британија по 29 март. ЕУ не е обврзана да се согласи. Дури и ако се согласи, што би било поентата? Не постои консензус за тоа што треба да направиме понатаму. Велика Британија е во ќор-сокак и катастрофалната можност за откршување на земјата од ЕУ без договор не треба да се потценува.

Немам никаква желба да ја потценам сериозноста на критиките против Трамп или да сугерирам дека тој е способен да владее со голема земја. Но Трамп ќе го снема до 2020 година или, ако демократите зезнат работа, до 2024 година. Брегзитот, по сите знаци, ќе ја парализира Британија со генерации.

Северна Македонија стана кандидат 9 години пред Албанија и нема ништо лошо побрзо и да оди напред.

повеќе

Сега, додека балканскиве политичари ќе шетаат низ духовноста како волови во свила - каде им се врвните интелектуалци што би внеле елеганција во совладување на споровите?

повеќе

Рециклирањето можеби ни се чини како спас за природата, но најчесто е спасение само за нашата (валкана) совест.

повеќе