„Ужасно тажно. Крај на една ера“

Погребот на кралицата: ремек-дело на дипломатската кореографија (ВИДЕО)

Во Вестминстерската опатија, зградата во која англиските и британските монарси илјадници години се крунисувани, венчавани и погребувани, на кралицата Елизабета Втора вчера ѝ оддадоа почит светските лидери, кралеви, кралици, султани и еден цар.

Фото: ЕПА

Тоа беше еден од најграндиозните државни погреби и ремек-дело на дипломатската кореографија, пишува порталот Политико.

Два часа пред почетокот на погребот почнаа да пристигнуваат светските лидери. Тие доаѓаа во бранови – а хиерархијата беше очигледна. За повеќето, пристигнувањето во 750-годишната Вестминстерска опатија, преку улица од Вестминстерската палата, значеше внимателно слегување од заедничкиот ВИП-автобус на лондонскиот тротоар.

Американскиот претседател Џо Бајден беше еден од ретките што не го искористија заедничкиот превоз наменет за странските функционери, па во Вестминстерската опатија со сопругата Џил дојде со својата блиндирана лимузина позната како „Ѕверот“. Сепак, дури и поради американскиот претседател, внимателно планираниот протокол на погребот на кралицата не смееше да се наруши.

Според Гардијан, Бајденови пристигнале со неколку минути доцнење, поради што 79-годишниот американски претседател и 71-годишната прва дама морале да чекаат да помине поворката на хероите со највисоки воени одликувања. По непријатното стоење на главниот влез, Бајденови конечно биле однесени до нивните места. Во 14-тиот ред во јужниот дел на опатијата.

Американскиот претседател го седнаа зад Анджеј Дуда, претседателот на Полска, и пред Петр Фиала, премиерот на Чешка. Лево, Џил Бајден седеше до Игнасио Касис, претседателот на Швајцарија.

Пред нив место добија лидерите на териториите на Комонвелтот - земјите во кои кралицата Елизабета остана на чело на државата. Канадскиот претседател Џастин Трудо, премиерката на Нов Зеланд Џасинда Ардерн и новиот австралиски лидер Ентони Албаниз добија поугледни седишта.

Тие, како што пишува Политико, на погребот пристигнале заедно, а Ардерн за време на викендот потврди дека со огромно задоволство ќе го прифати заедничкиот автобуски превоз. И покрај незадоволството на дел од странските амбасади во врска со организирањето на транспортот во пресрет на вчерашниот погреб, голем број светски лидери го прифатија заедничкиот превоз. Кениските медиуми објавија фотографија од претседателот Вилијам Руто како позира во автобусот на пат кон Бакингемската палата во неделата навечер.

Францускиот претседател Емануел Макрон пристигна со заеднички превоз со другите европски лидери, вклучувајќи го и претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел. Во исто време пристигнаа и ирскиот претседател Мајкл Д. Хигинс, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и јужнокорејскиот претседател Јун Сук-јеол.

Меѓу последните пристигна италијанскиот претседател Серџо Матарела, кој дојде со „масерати“ со регистарски ознаки „ИТА1“, пишува Политико.

Во земјата позната по протоколите и спектакуларните церемонии, вчерашниот погреб, кој несомнено бил подготвуван со децении, според коментаторите беше беспрекорно спроведен, и покрај огромните предизвици пред сѐ од безбедносен карактер.

Британските медиуми истакнуваат дека посебниот третман што го барала Белата куќа и не бил најголемиот проблем со кој се соочил војводата од Норфолк, кој бил задолжен за планирање на погребот.

Додека одлуката на де факто владетелот на Саудиска Арабија, престолонаследникот Мохамед бин Салман, да не дојде на погребот спасила неколку штетни наслови во медиумите, одлуката да биде поканет посрамениот поранешен крал на Шпанија Хуан Карлос и потоа да биде седнат до неговиот син, кралот Фелипе Шести, и неговата сопруга, кралицата Летиција, се чини ќе ги отежни работите за шпанското кралско семејство кога ќе се вратат дома.

Фелипе (54) дојде на тронот кога неговиот татко абдицираше во 2014 година, поради намалената популарност. 84-годишникот, кој изгледаше изнемоштено и мораше да се потпира на помошникот, поголем дел од своето време поминува во самонаметнат егзил во Абу Даби по серијата скандали поврзани со неговите финансии, кои кулминираа со тоа што Фелипе му ги одзеде годишната стипендија и личното наследство.

Во опатијата беа собрани членови на кралски семејства и светски лидери што не се видени со децении. Меѓу присутните беа и јапонскиот император, Нарухито, кој ретко патува во странство, и царицата Масако, која главно отсуствува од јавноста откако страдаше од она што царската агенција го опиша како „нарушено приспособување“ по раѓањето на нивното дете, принцезата Аико.

Членовите на европските кралски семејства, кои исто така пристигнаа со ВИП-автобуси, ги добија најдобрите места во опатијата, а покрај олтарот седеа холандскиот крал Вилијам Александар и членовите на шпанското кралско семејство. Кралицата Маргарет од Данска седеше директно спроти кралот Чарлс.

Поранешните британски премиери - Џон Мејџор, Тони Блер, Гордон Браун, Дејвид Камерон, Тереза Меј и Борис Џонсон - пристигнаа одвоено со флота од црни БМВ-а. Седеа заедно, блиску до кралското семејство.

Како што се очекуваше, рускиот претседател Владимир Путин и белорускиот претседател Александар Лукашенко беа изоставени од списокот на гости. Покани не добија ни лидерите на Венецуела и Сирија бидејќи Лондон нема дипломатски односи со тие земји.

Сепак, селекцијата ја поминаа кинескиот потпретседател Ванг Киџан, бразилскиот претседател Жаир Болсонаро и авторитарниот лидер на Египет Абдел Фатах ал-Сиси.

Колумнистката на Гардијан Марина Хајд вчера напиша дека голем број амбициозни светски лидери соочени со грандиозноста на вчерашниот настан веројатно помислиле дека нивното испраќање би било скромно во споредба. „Но тие сепак оддадоа почит, па дури и јапонскиот цар го исполни барањето да дојде во опатијата со обичен автобус“. Од друга страна, и покрај тоа што беше позната како несуетна, заедничкиот превоз би бил незамислив за самата кралица, забележа Хајд и истакна дека останува нешто неспорно уникатно во последното испраќање на британската кралица.

„Сите знамиња на јавните згради во САД 10 дена се веат на половина копје. Знаменитостите низ целиот свет засјаија црвено, бело и сино или потемнеа. Тешко е да се замисли друга личност за која би биле направени сите овие работи“, пишува колумнистката на Гардијан и прашува дали кралицата Елизабета била поголема и од монархијата.

„Има нешто во самата долговечност на владеењето и широчината на историските пресврти во кои таа сепак остана икона и константа, што изгледа едноставно неповторливо... На многумина денес им се чинеше не само дека гледаат момент од историјата, туку и дека гледаат како олицетворението на сега исчезнатото минато конечно преминува во историјата. Од Дејвид Бекам, преку непознати ужалени до странски политичари и локални градоначалници, впечатливо е што толку многу различни луѓе се појавија пред камерите во последните 10 дена и ја повторија реченицата: ‘Никој веќе нема да биде како неа’“, заклучува колумнистката.

Граѓаните се збогуваа со „една ера“

Голем број граѓани што вчера се собраа во Лондон по повод погребот на кралицата Елизабета порачаа дека спектакуларниот државен погреб е достојно збогување со кралицата, која почина на 8 септември на 97-годишна возраст.

„Тешко ми е да го искажам со зборови она на што штотуку бевме сведоци. Ова е навистина посебно и незаборавно“, изјави 53-годишната Камила Мур од Нотингем за Ројтерс откако присуствуваше на погребната служба во Лондон. „Ова е ужасно тажно. Толку тажно. Крај на една ера“.

Клои Џејсон (59), која во Лондон пристигнала од Манчестер, рече дека погребната церемонија била многу емотивна за неа. „Чувствувате тага за земјата и за нејзиното семејство. Во исто време, тоа беше и прослава на нејзиниот живот... Повремено плачев, но не бев тажна“, рече таа. „Најдоброто нешто е што имаше луѓе од сите сфери на животот, од сите раси и религии и сите дојдоа овде да ѝ оддадат почит.“

Повеќе од еден час пред почетокот на погребната служба беше објавено дека сите места за гледање се полни. Властите рекоа дека очекуваат милион луѓе да пристигнат во главниот град.

Мелани Оди (60), учителка, кампувала во шатор со своите ќерки и внуци откако пристигнала во неделата попладне. „Ова е единствена можност во животот да бидеме дел од историјата, да оддадеме почит“, рече таа.

Некои од присутните беа тивки и сериозни, облечени во црно. Други носеа светли бои и рекоа дека сакаат да го прослават животот на кралицата.

Ана Кетрин од Ричмонд никогаш не ја запознала и не ја видела кралицата. Сепак, таа вели дека нејзиното семејство чувствува лична врска со неа.

„Како да почина некој од нашето семејство, ова не можевме да го пропуштиме“, рече таа. „Тоа беше светла точка во животот на секого и сега се чини како светлината да згасна.“

„Рбетот на монархијата и фактор на стабилност на Комонвелтот“

Во Хонг Конг, стотици луѓе го гледаа погребот на кралицата Елизабета на своите телефони додека со часови чекаа во редици да оддадат почит.

Во Сиднеј граѓаните се собраа во пабовите за да ја следат церемонијата.

Во Париз, сопственикот на кафулето Тибо Дупон покажа нова тетоважа со кралицата на раката.

„Таа не беше наша кралица, но владееше со Британија повеќе од 70 години. Само Луј XIV владеел толку долго. Значи, тоа е заедничка историја“, изјави тој за Ројтерс.

Низ целиот свет, граѓани се собраа пред британските амбасади и конзулати, кафулиња и барови и други јавни места за да го гледаат спектаклот што се одвиваше илјадници километри далеку од нивните домови. 

„Нејзиното присуство е буквално сегде“, изјави професорот за информатичка технологија Виктор Лаи пред британскиот конзулат во Хонг Конг, каде што луѓето во последните десет дена чекаа ред да се потпишат во книгата на жалост.

„Имаме болници, училишта, па дури и патишта што го носат нејзиното име“, додаде овој 30-годишник.

Во близина на конзулатот, посетителите оставаат цвеќиња, рачно напишани пораки, фотографии, свеќи и други предмети во центарот на градот, кој сè уште ги носи белезите на 156-годишното британско колонијално владеење. Погребот на кралицата во Хонг Конг е повеќе од настан што има историски одек. Кралицата во Хонг Конг 45 години беше шефица на државата во период на брз развој што некои го сметаат за златна доба.

Во Соединетите Држави, погребот се емитуваше на кабелските канали и беше насловна вест.

Преку границата во Отава, Канаѓаните - повеќето во мантили со чадори – ја гледаа воената парада во чест на кралицата, која беше шефица и на нивната држава.

„Таа беше фактор на стабилност во Комонвелтот и тоа го правеше со легендарна грациозност“, рече Ерик Сладик, 53-годишен инженер од Отава.

Во хотелот Лорд Дадли во Сиднеј, Нина Витфелд го следеше погребот со други гости. „Ова е историски момент. Таа беше столбот на монархијата и лепилото што држеше сè заедно. Ќе недостига“, рече  Вотфилд за Ројтерс.

„Најмногу од сè, го губиме нашето наследство“, рече Кристофер Вилкен, кој го следеше погребот во паб во Оукланд, Нов Зеланд.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе