„Ако го загубиме Истанбул, ја губиме Турција“

Почеток на крајот на султанот Ердоган

Поразот на Ердоган можеби не значи само нова страница за Турција, туку и за моделот на авторитарен водач со „цврста рака“, кој се претставува како бранител на народот од внатрешните и надворешните непријатели, во исто време уништувајќи го владеењето на правото и пресметувајќи се со политичките противници и критичарите.

„Ако го загубиме Истанбул, ја губиме Турција“, рече претседателот Реџеп Таип Ердоган во 2017, веднаш по референдумот што ја претвори Турција од парламентарна во претседателска демократија, што му даде огромна моќ.

Во неделата стравот на Ердоган се оствари - го загуби Истанбул. На вчерашните повторени избори во најголемиот турски град владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) го изгуби Истанбул, токму како и на првите избори пред нешто помалку од три месеци.

АКП тогаш го изгуби не само Истанбул, градот што заедно со предградијата има околу 15 милиони жители, туку и главниот град Анкара и третиот најголем град Измир.

АКП, нејзиниот кандидат за градоначалник на Истанбул и поранешен премиер Бинали Јилдирим, како и нејзиниот лидер, турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, не го признаа поразот тврдејќи дека гласовите во овој мошне тесен пораз им биле украдени. На Ердоган, кој политичката кариера ја почна како градоначалник на Истанбул, поразот во неговиот роден град особено тешко му падна. Побарано - извршено: Врховното изборно поверенство ги поништи резултатите од изборите на 5 мај и распиша нови избори.

А на повторените избори кандидатот на Ердоган повторно доживеа пораз, и тоа далеку потежок отколку првиот пат. Додека на првите избори разликата изнесуваше само 13.000 гласа во корист на кандидатот на опозицијата Екрем Имамоглу, денеска таа разлика порасна на повеќе од 777.000 гласа. Значи, разликата се зголеми речиси за 14 пати. Во проценти се зголеми од минорните 0,16% на 9,78% гласови – 54,21% спрема 44,99% за Имамоглу.

Победата на својот кандидат синоќа на улиците на Истанбул ја прославија стотици, главно млади гласачи на опозицијата, како што јавува репортерот на Би-би-си Кагил Касапоглу. Претпазливиот оптимизам се претвори, со прогласувањето на неофицијалните резултати, во општа еуфорија. Мнозина од овие гласачи, кои на улиците излегоа со турски знамиња и со слики на Имамоглу и на првиот турски претседател Кемал Ататурк, во својот животен век немале друг претседател освен Ердоган.

Во секој случај, со вчерашните повторени резултати се потврдија поразителните резултати за АКП на Ердоган: 5 од 6-те најголеми градови во Турција ѝ припаднаа на опозициската кемалистичка, односно социјалдемократска Републиканска народна партија (ЦХП). На АКП не му помогна ни тоа што во изборите првпат одеше во коалиција со екстремно десната Партија на националистичкото движење (МНР).

Имамоглу ги поздравува поддржувачите по победата  

Самиот Ердоган вчера го призна поразот во значајна објава на твитер. „Националната волја денеска повторно се манифестираше. Му честитам на Екрем Имамоглу, кој победи на изборите според неофицијалните резултати“, напиша тој. Пред изборите речиси и не му го споменуваше името, но затоа, како и цела низа други претставници на опозицијата во последните неколку години, го обвини дека ги поддржува терористите.

Го спореди со египетскиот претседател Абдел Фатах ел-Сиси, автократ што де факто дојде на власт со воен удар, со кој е симнат првиот демократски избран претседател на Египет, исламистот Мохамед Морси. Морси умре во затвор минатата недела.

Но поразот на Ердоган во Истанбул тешко дека може да биде поинаков од доаѓањето на власт на Сиси. Доаѓањето на Сиси на власт беше дефинитивен знак на крајот на Арапската пролет, бранот на продемократски масовни демонстрации против диктаторите низ целиот Блиски Исток.

Од друга страна, победата на опозицијата и поразот на Ердогановата исламистичка партија во Истанбул се знак дека турската демократија и понатаму е жива, и покрај речиси апсолутистичките претседателски овластувања што си ги даде Ердоган врз основа на референдумот за уставните промени во 2017 година. И покрај невидените масовни чистки на наводните приврзаници на движењето на Фетулах Ѓулен, кој – повторно наводно, односно според непоткрепени тврдења на турските власти – го организирал неуспешниот пуч од 2016 година. Илјадници војници и цивили, полицајци, универзитетски професори, судии, државни службеници, новинари и уредници оттогаш се затворени, а десетици илјади се отпуштени поради „соработка со терористите“.

И покрај тоа што Ердоган обилно ги користеше државните медиуми во кампањата што самиот ја предводеше, организирајќи речиси секојдневно масовни политички собири по кои е познат. И покрај затворањето на опозициските лидери, како што е поранешниот копретседател на прокурдската и левичарска Народна демократска партија (ХДП) на Селахатин Демиртас.

Демиртас лани беше осуден на 4 години и 8 месеци затвор поради политички говор од 2013 година. Турскиот суд се оглуши и на Одлуката на Европскиот суд за човекови права со која се бара негово пуштање од затвор. Ова е само еден процес што се води против него – обвинителството бара за него вкупно 142 години затвор.

Во април изгледаше дека партијата на Ердоган повторно ќе се пресмета со политичките противници на недемократски начин – дека едноставно нема да ѝ дозволи на опозицијата да ја преземе власта во Истанбул. Но, за среќа, откако изгуби и вторпат, Ердоган сепак се соочи со реалноста.

Можеби кон тоа придонесе и фактот дека доживеа пораз и во некои квартови што се сметаа за негови изборни бастиони. Како што коментираше за Вашингтон пост Синем Адар, виша соработничка на факултетот Хумболдт во Берлин, изгледа дека советниците ги криеле од Ердоган размерите на незадоволството кај неговото гласачко тело. „Ердоган е значително ослабен“, заклучи Адар додавајќи дека сега би можело да следува и бегање на истакнати претставници на АКП од партијата.

Првите знаци на несогласување со Ердоган веќе се појавија во владејачката партија. Парламентарецот на АКП Мустафа Јенероглу на Твитер напиша дека АКП „го изгуби Истанбул зашто ја изгубивме својата морална супериорност“ и додаде дека треба да се фокусира на „соништата на младите луѓе, рационалноста и на владеењето на законот“. Иако ова звучи како дипломатски еуфемизам со оглед на тоа до која мера Ердоган ги поткопа владеењето на правото и рационалноста во Турција, очигледно е дека почна период на преиспитување, а можеби и на раскол во власта.

Да, Ердоган во минатиот јуни повторно е избран за петгодишниот претседателски мандат, но неговата аура на непобедливост дефинитивно е скршена вчера во Истанбул. На крајот на краиштата, тој самиот еднаш кажа дека „тој што ќе го добие Истанбул, ќе ја добие и Турција“. Аналитичарот на Би-би-си Марк Ловен исто така смета дека драматичниот пораз на Ердоган во Истанбул ќе предизвика поделби во АКП и ќе го засили разговорот за иднината на Турција по Ердоган.

Некои веројатно ќе бараат и новите претседателски избори да се одржат многу порано од 2023 година, за кога се предвидени. Очигледно е дека, му се допаѓало на Ердоган или не, многумина во Турција не сакаат да чекаат толку долго за да се ослободат од него. Тие го изгубија трпението со неговото глумење султан, вели Индекс.

Или, како што кажа и самиот Имамоглу при прогласувањето на победата: „Оваа победа значи отворање нова страница. Таа значи нов почеток.“ Но таа можеби не значи само нова страница за Турција, туку и за моделот на авторитарен водач со „цврста рака“, кој се претставува како бранител на народот од внатрешните и од надворешните непријатели додека во исто време го уништува владеењето на правото и се пресметува со политичките противници и со критичарите. Можеби демократијата сепак не е толку лесно да се уништи како што се надеваат нејзините непријатели, а се плашат заговорниците.

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе

Зрелоста на еден народ е да препознае кога протестите за замена му ги продаваат како протести за промена. 

повеќе