Макрон нема време да здивне

Победа што само ја маскира силата на десницата

Воздишка на олеснување се слушна во неделата од европските и НАТО-сојузниците на Франција по победата на Емануел Макрон над десничарката Марин Ле Пен во вториот круг од претседателските избори.

Фото: ЕПА

Статусот на Франција како столб на Европската Унија и силен актер во поддршката на НАТО за Украина против Русија е загарантиран во следните пет години. Според Фајненшл тајмс, олеснувањето се гледа во изјавите на американскиот претседател Џо Бајден, германскиот канцелар Олаф Шолц и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен.

Сепак, изборната победа што во некоја друга земја може да се смета за убедлива - Макрон ја победи Ле Пен со 58,54 отсто од гласовите - само ја маскира реалноста дека националистичката, евроскептична, антиимигрантска екстремна десница е посилна од кога било по Втората светска војна.

Еден од насловите во медиумите вчера гласеше „Екстремната десница стана мејнстрим во Франција“. Десничарката во неделата не победи, но отиде чекор понатаму, наведува Асошиејтед прес.

Откако претставниците на семејството Ле Пен – прво таткото Жан Мари, а сега и ќерката Марин – учествуваат на изборите од 1974 година, никогаш толку многу француски гласачи не ја прифатиле нивната доктрина дека мултикултурната и мултирасна Франција, држава во која зборовите „слобода, еднаквост и братство“ се напишани во јавните институции, некако ќе стане побогата, побезбедна и пофранцуска доколку е помалку отворена за странците.

Накратко, според АП, Франција избегна политички, социјален и економски електрошок со тоа што не гласаше за Ле Пен, или можеби само го одложи, бидејќи претстојат парламентарните избори во јуни.

„Во овој пораз не можам а да не почувствувам некаква надеж“, изјави Ле Пен по објавувањето на резултатите. „Никогаш нема да ја напуштам Франција“, рече таа.

Макрон, кој во обраќањето по објавувањето на резултатите рече дека е свесен дека многу гласачи гласале за него само за да ја спречат Ле Пен да дојде на власт, вчера не можеше да здивне бидејќи неговите политички противници ги повикаа граѓаните во јуни да му го ускратат мнозинството во парламентот.

Доколку не успее да извојува уште една победа на парламентарните избори, овој проевропски и центристички претседател ќе има проблеми да ја истурка својата пробизнис-агенда, вклучително и непопуларните планови за зголемување на старосната граница за пензионирање.

„Гласањето не е завршено, парламентарните избори се третиот круг“, им порача на гласачите Џордан Бардела, близок соработник на Ле Пен. „Не ја ставајте целата моќ во рацете на Емануел Макрон.“

Левичарот Жан-Лик Меланшон, кој беше трет во првиот круг од претседателските избори, рече дека Макрон е избран „по дифолт“.

„Не се откажувајте“, им порача тој на своите поддржувачи. „Можете да го поразите Макрон (на парламентарните избори) и да изберете поинаков пат.“

На поновите парламентарни избори во Франција партијата на претседателот секогаш го освојувала и мнозинството во парламентот.

Доколку исходот овојпат биде поинаков, Макрон нема да има друг избор освен да назначи премиер од друга партија, по што би настапил период на обично напната „кохабитација“, во која претседателските овластувања се значително намалени.

За време на кохабитацијата, претседателот останува на чело на вооружените сили и задржува одредено надворешнополитичко влијание, но за секојдневните државни и политички прашања е одговорна владата.

„Реалноста е дека француските избори не може да се сведат на вчерашната победа на Макрон“, изјави за Ројтерс стратегот на Робобанк Џејн Фоли.

Откако прогласија победа во неделата, Макрон и неговите сојузници рекоа дека ќе владеат поинаку и повеќе ќе ги слушаат гласачите, надевајќи се дека тоа ќе им овозможи да освојат клучно мнозинство во парламентот на изборите во јуни.

За време на првиот мандат на Макрон, стапката на невработеност падна на најниско ниво во последните 13 години, а економијата - седма по големина во светот - ги надмина другите големи европски земји, како и пошироката еврозона.

Сепак, неговиот повремено груб стил и пробизнис-реформите, вклучително и законот за олеснување на отпуштањата на вработените, предизвикаа големо незадоволство, особено кај левичарските гласачи.

Макрон во неделата вечер изјави дека е свесен за начинот на кој дошол до победа во вториот круг од претседателските избори.

„Многумина во оваа земја гласаа за мене не затоа што ги поддржуваат моите идеи, туку затоа што сакаа да спречат да дојде на власт екстремната десница. Сакам да им се заблагодарам и да им кажам дека знам дека сум нивен должник во годините што следуваат“, рече Макрон.

„Ќе мора да бидеме добронамерни и полни со почит бидејќи нашата земја е оптоварена со сомнежи и многубројни поделби.“

Макрон всушност рече дека работите ќе се променат во однос на првиот мандат.

„Нашата прва задача ќе биде да се обединиме“, рече претседателот на парламентот Ришар Феран, близок соработник на Макрон, порачувајќи дека во иднина пратениците повеќе ќе ги вклучуваат гласачите во процесот на донесување одлуки.

Конзервативниот весник „Фигаро“ во својот уводник вчера објави: „Статуата од мермер всушност е џин со глинени стапала. Емануел Макрон е многу свесен за тоа... Тој нема да може да ужива во никаков грејс-период“.

Ова значи дека Макрон веројатно може да очекува уште протести како оние што го обележаа неговиот прв мандат.

„Јасно е дека нема да има уште пет години од истиот мандат. Нема да му го дозволиме тоа“, изјави за Ројтерс Клер Сиера, 63-годишна административна работничка.

„Ако тоа се случи, мислам дека луѓето се подготвени да излезат на улица.“

Според Ројтерс, Макрон ќе мора да биде многу внимателен ако не сака ситуацијата повторно да зоврие.

Првиот мандат му го одбележаа ПР-гафови, поради што стекна репутација на арогантен и снисходлив. Многу Французи го презираат: еден човек за време на кампањата во лице му кажа дека е „најлошиот претседател на Петтата република“.

Политичките сојузници предупредуваат дека тој ќе мора да се консултира со пратениците, синдикатите, граѓанското општество и да се откаже од стилот на управување „од горе надолу“ што го користеше во својот прв мандат, а кој самиот тој арогантно го опиша како „јупитерски“.

„Емануел Макрон ја сфати пораката. Тој не може за сè да одлучува одозгора, не е на чело на некаква компанија“, изјави пратеникот Патрик Вигнал за Ројтерс. „Тој ќе мора да ја прифати идејата за преговори, консултации.“

Сепак, некои гласачи се навистина среќни поради победата на Макрон. „Многу сум среќен затоа што претседателот веќе успешно нѐ изведе низ низа предизвици“, рече Лусиен Созино, 65-годишен возач на камион. „Покажа храброст, и ова е резултатот.“

Аналитичарите посочуваат дека изборите во Франција уште еднаш покажаа дека стариот конфликт меѓу левицата и десницата повеќе не постои и дека е заменет со цивилизациски конфликт меѓу националистите и популистите, од една страна, и глобалистите и либералите, од друга.

„Ситуацијата во моментов ја покажува кревкоста на француското општество“, рече политикологот Доминик Рејни за ФТ. Тој посочи дека иако Макрон генерално победил, Ле Пен имала поголема поддршка во некои делови од земјата, како и кај работничката класа. „Нејзината поддршка секој пат е сѐ поголема“, рече тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Одлучната изборна победа на италијанската десница овозможува нејзиниот лидер да биде првата жена премиер во Италија и прва која тврди дека недвосмислено има постфашистичко потекло.

повеќе

Нов фронт за работа на градежните фирми на веќе изградените згради (и куќи) треба да биде топлинската изолација.

повеќе

Во Македонија не постои никаква забрана за конверзиона терапија, а лиценцираните психолози што може да се јават како спроведувачи или наведувачи на ваква „терапија“, за жал, не сносат никакви последици.

повеќе