„Девојката што ја уби државата“

По убиството на тинејџерката откриени врски на романските криминалци со властите

Кога 15-годишното девојче минатиот месец очајнички ги викала итните служби на југот на Романија за да јави дека е киднапирана, претепана и силувана, за случајот бил задолжен шефот на окружната полиција. Но, наместо веднаш да се координира со другите државни институции за да ја најде и спаси тинејџерката, тој контактирал сомнителен шеф на локална фирма за обезбедување, пишува Радио слободна Европа.

Неколку часа откако жртвата Александра Мачешану на 25 јули испратила три очајнички повици за помош, молејќи да биде спасена, заменик шефот на полицијата во округот Олт, Николае Алексе, му се јавил на Ремус Радои, не само еднаш туку десет пати, тврди Радои, кого романските медиуми го опишуваат како локален мафијаш.

Алексе му испратил на Радои и пораки барајќи да провери два телефонски броја и автомобил, откривајќи клучни информации во случајот на Мачешану.

Дури побарал и упатства од Радои, а шефот на фирмата за обезбедување му дал адреси на некои луѓе во градот Каракал, кои Алексе требало да ги провери.

Една трага – целосно бескорисна – водела до наводниот шеф на банда Никусор Оака, соперник на Радои со врски со двајца високи полицајци во Каракал.

Оака кажал дека знае за комуникацијата меѓу Алексе и Радои.

Градоначалникот на Каракал Ливиу Ради, меѓутоа, кажал дека ти и окружниот началник за киднапирањето дознале дури утредента и тоа од медиумите. Исто било и со обвинителите во случајот, кои полицијата требало да ги информира.

Но, до тогаш веќе било предоцна.

Адресите кои Радои ѝ ги дал на полицијата за проверка, добиени од Оака, се покажале како ќорсокаци.

Полицијата на крајот ја нашла адресата на која Мачешани била држена, 19 часа по телефонскиот повик на 15-годишното девојче до итните служби.

До тогаш таа била мртва, а нејзиниот наводен грабнувач, 65-годишниот механичар Георге Динка, од тогаш тврди дека ја убил и дека го запалил телото, а призна и дека ја убил 18-годишната Луиза Меленка, која од април се води како исчезната. Нејзиното тело не е најдено.

Сомнителни врски

Покрај трагедијата и негодувањето на јавноста поради лошото постапување на власта во случајот, овие настани фрлија и непријатно светло на сомнителните врски меѓу криминалните групи, локалните власти и политичарите во Романија.

Откако излегоа деталите од случајот во медиумите – Радои на новинарите дури им ги покажа и своите пораки разменети со шефот на полицијата на Вотсап – голем број Романци се шокирани и огорчени, обвинувајќи ги високите полициски службеници за неспособност и дека работат рака под рака со луѓето кои би требало да ги гонат за злосторства како изнуда и грабнувања.

Засега нема ништо што Динка би го поврзало со организираните криминални групи во Каракал, сиромашен град со 30.000 жители.

Но, Сорин Јонита, директор на организацијата Експерт форум, за РСЕ вели: „Сѐ уште не знаеме дали тој бил „осамен волк“ или е поврзан со организираниот криминал и трговијата со луѓе, случајот сѐ уште не е завршен“.

Стелиан Танасе, писател и аналитичар, напиша дека Романија на локално ниво ја контролираат кланови кои ги формирале „политичари, мафијаши, полицијата и обвинителите кои ги користат ресурсите за своја корист и на штета на обичните граѓани“.

Танасе тврди дека голем број Романци одамна знаат дека полицијата „е во дослух со мафијашките банди“.

„Не работата на заштита на граѓаните или на одржувањето на законот. Полицијата премина на другата страна. Тие ги бранат криминалците, а не законот... Тоа го покажаа и настаните во Каракал“, кажа Танасе.

„Округот Олт не е изолиран од остатокот на Романија. Би требало да дознаеме колку овој феномен е распространет меѓу полицијата и мафијашките банди... колку полицијата е нагризена од корупцијата“, кажа аналитичарот.

„Романците не ѝ веруваат на полицијата. Криминалните групи мора да се отстранат. Мафијашите имаат удел во бизнисот на локално ниво, контролираат институции и луѓе, вклучувајќи и шефови на полицијата... и корумпирани политичари“.

Јоинта додава: „Имаме слаба држава, во која полицијата и обвинителите се под политички патронат, особено во сиромашните делови каде луѓето се социјално загрозени. Полицијата ќе добие наредба дека во некое место не треба да оди и целиот систем престанува да се бори и ништо не функционира“.

Од падот на комунизмот, Романија стана главната мета во источна Европа за трговците со луѓе.

Во еден случај поврзан со синџир за трговија со луѓе, за кој беше утврдено дека дејствувал од 2012 до 2017, 14 романски мажи беа осудени за секс со малолетни лица, а ниеден од нив не ја отслужи затворската казна.

Радои се вози по Каракал со „ролс ројс фантом“ и ја води фирмата за обезбедување СЦ сејфти секјурити, која има 1.800 вработени и големи договори со државни агенции вклучувајќи ја локалната електроцентрала ЦЕ Олтенија, која ја снабдува со струја јужна Романија.

Тој негира вмешаност во злосторства и истакнува дека помага во борбата против локалниот организиран криминал, и дека за полицијата фаќал осомничени, тврдејќи дека на властите им ги „сервирал на тацна“.

Тој ја обвинува полицијата дека е попустлива со некои локални мафијаши, особено со неговиот ривал Оака. Сепак, се чини дека ривалството со Оака, обвинет за трговија со луѓе и против кого се води истрага за нелегално позајмување пари, придонело на бавното наоѓање на Мачешану.

„Требало да отидат до местото кое девојчето го опишало, таа дала многу детали“ за својата локација, кажа Оака на 5 август на новинската агенција Медијафакс. „Зошто полицаецот (Алексе) соработувал со Радои кога требало да соработува со своите колеги?“

Недоволно полицајци

Алексе во интервју за телевизијата Б1 на 2 август ја бранел својата постапка кажувајќи дека ги користел „сите достапни методи“.

Јоинта вели дека телефонскиот повик не е голем проблем, „но поентата е полицијата да ги користи мафијашите, а не мафијашот да ја користи полицијата“.

Она што е можеби незаконско се пораките на поранешниот шеф на полицијата до Радои во кои тој открил детали од истрагата. Поради лошо водење на случајот, освен Алексе отпуштени се уште двајца шефови на локалната полиција.

Оака е поврзан со потпретседателот на владата Пол Станеску, моќен регионален политичар, кој воедно е и романски министер за регионален развој.

Неколку аналитичари истакнуваат дека познатите врски меѓу членови на криминалните банди, властите и политичарите се прилично чести во помалите градови во Романија. Во земјата во која сиромаштијата и невработеноста се големи, корупцијата лесно пушта корења.

Поради убиството на Мачешану не ги изгубија работните места само шефовите на локалните власти. Среде континуираниот гнев, министерот за внатрешни работи Николае Мога поднесе оставка на 30 јули, а премиерката Виорика Данчила ја отпушти министерката за образование Екатерина Андронеску откако таа даде коментар со кој сугерираше дека Мачешану не требала да оди на возење со, како што се претпоставува, непознат човек како Динка.

Но, Александру Кумпанасу, вујко на убиената тинејџерка, кој ги објави транскриптите на очајните повици на својата внука до итните служби и беше портпарол на семејството, ја обвини државата за нејзиното убиство.

„Ние имаме работа со злосторници – соучесници од институциите на оваа бедна држава, кои не биле во состојба да ја заштитат – кои не успеаја да ја заштитат Александра“, кажа тој. „Не ја уби Александра ова чудовиште (Динка), туку романската држава“.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе