Индекс

„По налудничавиот монолог на Вучиќ, едно е јасно - уплашен е“

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, денес во 15 часот се појави пред медиумите за да ги коментира големите немири што синоќа го потресоа Белград.

Граѓаните излегоа да протестираат поради најавата на Вучиќ дека драконските мерки и полицискиот час се враќаат поради пандемијата на коронавирусот, а протестите потоа беа обележани со неверојатно насилнички испади на полицијата против демонстрантите и обичните граѓани што се најдоа на патот на општото пендрачење, вели Индекс.

Според Вучиќевата верзија на настаните, ништо не било така. Претседателот на Србија го изведе својот вообичаен психопатски репертоар на закани, теории на заговор, пресметки со обичните граѓани, прозивање на странски сили, обвинувања до Хрватска и „хрватските либерални медиуми“ итн. Но за најважната работа се повлече.

 

Вучиќ трепна прв

Вучиќ се уплаши од силата на избувнувањето на спонтаниот народен гнев поради најавата за воведување полициски час. Очигледно, тој не можеше задоволително да ја контролира или да ја режира ситуацијата, па неочекувано попушти.

Дека Вучиќ е сериозно загрижен за опстанокот во претседателската фотелја сведочи и неговата одлука вечерва да остане во Белград, иако требаше да отпатува за Париз. Тој мора да остане во Белград за да проба да осигури дека втората вечер протести ќе биде и последна. На своите соработници не им верува дека се способни без него да се справат со ситуацијата, гледа дека неговиот последен арогантен говор во кој ги најави мерките е капката што ја прелеа чашата.

 

Тоа беше протест лично против Вучиќ

Затоа Вучиќ се обидува да претстави како во Белград да се протестирало за рамна земја или против мигрантите, иако на сите им е јасно дека се протестираше против него и неговиот режим.

Вучиќ е проблемот, а не народот, иако претседателот на Србија постојано се обидува да ја префрли вината за ширењето на вирусот исклучиво на граѓаните. Тој божем ги преколнува и ги моли, но тие не го слушаат и сега сите болници се полни, тоа е Вучиќевата верзија на настаните.

Сакајќи колку што е можно повеќе да избегне одговорност, одлуката дека нема да има полициски час тој им ја префрли на премиерката Ана Брнабиќ и министерот за здравство Златибор Лончар, кои утре би требало да претстават нови мерки против ширењето на коронавирусот, додавајќи дека тој не се согласува со нив, но „ги слуша своите соработници“. Ова е врв на цинизмот затоа што сите во Србија и во регионот знаат дека Вучиќ се слуша само себеси и дека неговите соработници немаат ни трошка самостојност во своите постапки, туку се обичен пренос на неговата моќ.

Впечатливо е и тоа што Вучиќ направи разлика помеѓу наводните агенти на странски тајни служби што ги управувале протестите и обичните граѓани, кои се „оправдано несреќни“ поради најавите дека ќе се воведе полициски час и ги повика вториве да не излезат на вечерашниот протест. Вучиќ тоа неколку пати го повтори, очигледно не му одговара втора ноќ снимки од уличната војна во Белград.

 

Извлекување на Косово

Сето ова се случува, тврди Вучиќ, поради преговорите за Косово. Тој на тој начин се обидува да го одврати вниманието на јавноста од протестите и пандемијата, како и од сопствената самоволност и лудачко однесување, кон националистичкиот евергрин за „срцето на Србија“ и себеси да се претстави како заштитник на српството. Тој ќе се бори за Србија на претстојните средби со францускиот претседател Макрон, германската канцеларка Меркел итн. Вучиќ сам против сите во Париз и Брисел, а тука во Белград не му даваат да спие, па ќе отиде помалку одморен на средбата со Макрон, се пожали тој.

За Србија, Вучиќевиот (краткорочен) страв е добра вест затоа што е избегната ситуацијата во која тој станува управител на затворот Република Србија, а граѓаните негови затвореници, како што се случи во првиот бран на пандемијата.

По серијата напади на режимот врз слободата на граѓаните на Србија, белграѓани конечно јасно возвратија и во оваа битка - го поразија режимот на Вучиќ и го принудија wannabe диктаторот (засега) да се повлече.

За преродба требаат само три чекора: промена на изборниот модел, укинување на мега и квази државниот апарат заедно со сите паразити во него и економски план за ревитализација на земјата.

повеќе

Нашиот капацитет за справување со општи кризи е ограничен. Дали здравството е немоќно, или ние не можеме да се прилагодиме на промени?

повеќе

 За базата во Ново Село, Бугарија не добива ни долар за закупнина, а отворени се и бројни прашања за животната средина.

повеќе