Писмото со кое демократите бараа Бајден да почне преговори со Русија

Иако беше брзо повлечено, писмото потпишано од 30 американски конгресмени во кое се бара од Бајден да ја промени својата воена стратегија - ги покажува првите пукнатини во либералното крило.

Фото: ЕПА

Украина сега има уште повеќе причина нетрпеливо да ги чека резултатите од ноемвриските меѓуизбори за Сенатот и Конгресот на САД. Таа не само што е загрижена дали на меѓуизборите ќе победат републиканците, кои најавија крај на финансирањето на војната во Украина, туку и иницијативата на демократските конгресмени покажа дека веќе ни меѓу демократите нема единствена поддршка.

Иако предлогот на 30 демократски претставници во Конгресот под очигледен притисок беше повлечен, ова беше првпат претставниците на неговата партија да му предложат на претседателот Џозеф Бајден да ја преиспита американската стратегија за војната во Украина и да почне директни преговори со Русија.

Сепак, писмото испратено до Белата куќа во понеделникот од група американски либерали и првпат објавено од Вашингтон пост може да изврши поголем притисок врз Бајден додека тој се обидува да ја задржи поддршката за Украина, а Киев се соочува со тешка зима и повикува на уште поголема финансиска и оружена помош. Писмото беше потпишано од некои од најистакнатите и најотворени либерални демократи во Конгресот, вклучувајќи ги Џејми Раскин, Александра Окасио Кортез, Кори Буш, Ро Кан и Илхан Омар, но не им се придружија дури ни сите членови на Конгресната прогресивна група.

Во писмото на 30 демократски конгресмени (што е приближно 13,5 отсто од сите демократи во Претставничкиот дом на САД) се бара воената помош за Украина да се комбинира со „проактивен дипломатски притисок и да се удвојат напорите за наоѓање реални услови за прекин на војната“. Писмото почнува со пофалби за напорите на Бајден да ја охрабри борбата на Украинците, која вклучува воена, економска и хуманитарна помош „за да ѝ се нанесе историски воен пораз на Русија“, принудувајќи ја драстично да ги намали целите на инвазијата. Бајден потоа го потсетуваат дека и самиот тврдел дека е императив да се избегне директен воен конфликт со Русија, кој би довел до Трета светска војна, а тој самиот во јуни рече дека војната сепак ќе заврши со некои преговори.

Бидејќи ризикот од употреба на нуклеарно оружје се проценува дека е поголем сега од кога било, тие повикуваат на удвојување на напорите за наоѓање реална рамка за завршување на војната. Освен тоа, предупредувајќи на поскапувањето на храната, минералните ѓубрива, бензинот, гасот и другите потреби, тие го потсетуваат Бајден дека како законодавец е одговорен за трошењето десетици милијарди долари (податоците укажуваат на 54 милијарди) од американските даночни обврзници на воена помош за Украина. „Ние веруваме дека таквото учество во оваа војна, исто така, создава одговорност за САД“, се вели во писмото, во кое се бара од претседателот сериозно да ги истражи сите можни начини за минимизирање на штетата, вклучително и директен ангажман со Русија.

Либералите предлагаат стимулациите за ставање крај на непријателствата да вклучат и некаква форма на ублажување на санкциите и обединување на меѓународната заедница за воспоставување безбедносни гаранции за слободна и независна Украина „што се прифатливи за сите страни, особено за Украинците“.

Од Белата куќа, преку портпаролот Џон Кирби, стигна одговорот дека нема преговори без Украинците и дека претседателот на Украина мора да одреди „како изгледа успехот и кога да се преговара“.

Најжестоките сојузници на Зеленски веќе рекоа дека за Украина не може да се преговара зад нејзиниот грб. Официјална Москва не ги отфрла преговорите, туку бара тие да бидат смислени, а кај меѓународната политичка јавност преовладува верувањето дека не може да има мир без договор меѓу САД и Русија.

По изнесувањето на ставот на Белата куќа и енергичните протести на другите демократи, кои го отфрлија предлогот, писмото беше повлечено, а претседателката на пратеничката група Прамила Џејпал беше принудена да ја разјасни ситуацијата: писмото било подготвено пред неколку месеци и било објавено без претходно одобрение. Таа нагласи дека демократите продолжуваат да ја поддржуваат Украина и посветеноста на Бајден таа да биде застапена во сите дискусии за нејзината иднина. „Дипломатијата е важна алатка што може да спаси животи – но е само едно од средствата“, заклучи таа.

Демократот од Висконсин Марк Покан рече дека писмото е напишано во јули и дека нема поим зошто е објавено сега, „во толку несреќно време“. Сара Џејкобс, која е и членка на Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, за Хил изјави дека писмото го потпишала на 30 јуни и дека сега не би го потпишала „бидејќи многу работи се променија“.

На дипломатски план сега е создаден ќор-сокак во однос на Украина. Украина и нејзините сојузници се надеваат на целосен пораз на Русија, па дури и на елиминација на Путин од позицијата шеф на државата. Зеленски, со закон одобрен од Радата, забрани какви било преговори со Русија додека со неа раководи Путин. САД не сакаат преговори без Зеленски, што ги прави војната и целосниот пораз (или елиминација на еден од претседателите) единствена опција.

Сепак, апелот на либералите за промена на стратегијата беше објавен, без разлика дали по грешка или не, токму во времето на првите американско-руски дипломатски контакти по многуте месеци војна: американскиот секретар за одбрана Лојд Остин минатата недела разговараше со својот руски колега Сергеј Шојгу, а потоа по барање на Шојгу разговорот беше повторен минатиот петок, кога зборуваа за употреба на „валкана бомба“.

И претходно Бајден и генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг, а сега тоа го повтори и портпаролот на Белата куќа, истакнуваа дека Зеленски треба да одлучи кога Украина е подготвена за преговори. Но тоа зависи и од воената и економската поддршка, пред сѐ од САД. Ако победат републиканците, тие веројатно ќе ја замрзнат воената помош, рече републиканскиот конгресен лидер Кевин Мекарти, но дури и да победат демократите, прашање е дали може да се надмине расколот што се наѕира во нивната партија. Јасно е дека огромното мнозинство од нив сè уште веруваат дека пукнатините во поддршката за Украина, без оглед на екстремно влошената економска ситуација меѓу нејзините граѓани, може да се излечат само со уште пожестока војна.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Почнавме со спротивставени мислења околу Законот за работни односи, со кој недела се прогласува за неработен ден. Завршивме на Уставен суд.

повеќе

Да ги споменеме и другите големи глобални предизвици: големите опасности од еколошка катастрофа; зголемувањето на нееднаквоста во нашите општества; и напливот на нови технологии кои можат да го нарушат светот доколку истите не бидат соодветно користени и контролирани.

повеќе

Им благодарам на Русите како креатори, но посебно на бугарските послушни  извршители за пропагандата што ја водат против Македонија. Што направија?

повеќе