Њу саентист

Пет причини зошто пандемијата на ковид-19 е таков кошмар

Луѓето и претходно се соочувале со пандемии, но овојпат се споија некои невообичаени карактеристики на ковид-19 и на современото општество и создадоа совршена бура.

Фото: ЕПА

Дали „досега невидено“ беше најкористената фраза во 2020 година? Нема сомнеж дека ковид-19 имаше извонреден спектар од последици, од претворањето на тоалетната хартија во скапоцена стока и правењето табу од ракувањето до затворањето на училиштата и ставањето цели земји во карантин. Но луѓето отсекогаш морале да се соочуваат со болести. Дали оваа е навистина толку поинаква од другите?

Додека вакцините влегуваат во употреба и почнуваме да гледаме светлина на крајот од тунелот, вреди да се разгледа ова прашање. Нема сомнеж дека владите, институциите и поединците правеа грешки при обидот да се справат со ковид-19. Но можеби може да ни биде простено за некои од тие грешки, бидејќи во текот на изминатата година стана јасно дека оваа болест има невообичаени карактеристики. Ова, во комбинација со одредени карактеристики на современиот свет, можеби создаде совршена пандемиска бура. Било во нашите процени за карантинот и личниот ризик, било за прашањата од каде потекнува и каде оди вирусот, навистина се соочивме со досега невидени предизвици.

Дилемата за карантинот

Во јануари 2020 година, кога се појави веста дека е воведен карантин во Вухан, Кина, во обид да се запре ширењето на ново заболување, малку граѓани на други земји можеа да замислат дека наскоро и ним ќе им се ограничи животот.

Карантинот долго време се користеше како оружје против заразните болести, од реакцијата на англиското село Ејам на чума во 1665 година до активностите преземени во Западна Африка за да се спречат епидемиите на ебола во 21 век. Сепак, пред една година, за многумина се чинеше незамислива идејата дека демократски избраните влади насилно ќе ги ограничат слободите на цели народи.

Клучната разлика помеѓу ковид-19 и минатите епидемии на заразни болести е нејзината релативно ниска стапка на смртност. Ниту една земја не ја затвора својата економија кога е соочена со сезонскиот грип - кој е одговорен за дури половина милион смртни случаи низ светот секоја година - но каде ја повлекувате границата? САРС-КоВ-2, вирусот одговорен за пандемијата на ковид-19, секако убива поголем процент од луѓето што се заразуваат со него отколку грипот. Повеќето процени укажуваат на стапка на смртност од околу 1 на 100 лица, иако тоа беше тешко да се утврди, а процените се движат од 0,5 до 3,5 проценти. Ковид-19 дефинитивно е далеку помалку смртоносен од еболата, која без медицинска интервенција убива повеќе од 80 проценти од луѓето што заболуваат од неа. Како резултат на тоа, политичарите не секогаш знаеле како да постапат.

„Ова е многу незгодно за владите“, вели Деви Сридар, научник за јавно здравје на Универзитетот во Единбург, Велика Британија. „Да беше како епидемиите на МЕРС или САРС од раните 2000-ти, кога од првиот починаа околу 33%, а од вториот 10% од заразените пациенти, сите ќе реагираа остро и ќе воведеа карантин. Но владите мислат дека им се суди според нивните економии, а не за ковидот“.

Фото: ЕПА

Дилемата се зголемува поради нашето создавање модели што покажуваат колкав процент од населението веројатно ќе умре ако не се воведе карантин. Прашањето за политичарите тогаш ќе биде што да прават со тие информации, знаејќи дека секако ќе има последици.

„Моделирањето може да биде навистина корисно, но тоа нема никакви вредносни процени, а клучните одлуки се политички, а не научни“, вели Сридар. „Нов Зеланд, со премиерката Џасинда Ардерн, веднаш изреагира и го третираше ова како САРС. Споредете го ова со Шведска, која се обиде да постигне имунитет на стадо со лекување на коронавирусот како грип“.

Во светски рамки, владите што дејствуваа рано и решително генерално доживеаја пониски стапки на смртност, но сликата не е прецизна. На крајот на краиштата, нема да знаеме кои стратегии функционирале најдобро сѐ додека не заврши оваа пандемија.

Различните лични ризици

Обично можеме да идентификуваме кој може да биде под најголем ризик од одредена болест и да ги откриеме основните причини зошто е тоа така. На пример, пандемијата на грип од 1918 година. За разлика од повеќето годишни епидемии на грип, таа била посмртоносна за луѓето на возраст меѓу 20 и 40 години отколку за постарите луѓе. Беа откриени две веројатни причини: пренатрупаноста на млади војници во рововите на Првата светска војна и нивото на имунитет кај постарите луѓе како резултат на контакт со претходни вируси на грипот. За разлика од тоа, променливата тежина на ковид-19 продолжува да нè збунува.

Преземајќи нов пристап што користи здравствени анализи за толкување на огромни групи податоци за англиските пациенти, групата наречена Опен сејфли (OpenSAFELY) покажа дека ниту една демографска група не е со нула ризик да умре од ковид-19. Сепак, многу фактори се поврзани со повисоките стапки на смртност. На пример, луѓето постари од 65 години се изложени на многу поголем ризик од помладите, мажите почесто умираат од ковид-19 отколку жените, а припадниците на етничките малцински групи имаат потешки случаи. Не знаеме зошто се случува ова. Исто така, не сме сигурни зошто разни постоечки болести, како што се нарушувања на белите дробови, коронарна срцева болест и дијабетес, ја зголемуваат веројатноста на поединецот да умре од ковид-19. И не знаеме зошто некои луѓе добиваат трајни симптоми на долг ковид.

Постојат голем број претпоставки за објаснување на согледаните модели и недоследности, но, како што наведува еден напис на Нејчр, ковид-19 претставува „загатка за имунолошкиот систем“. Знаеме доволно за да им дадеме приоритет на вакцинациите, но и покрај неколкумесечно интензивно истражување, сè уште не знаеме зошто едно лице заразено со САРС-КоВ-2 станува сериозно болно, додека друго нема никакви симптоми.

Скриениот пренос

Во 2012 година во Саудиска Арабија се појави ново заболување, предизвикано од коронавирус. Таа болест, МЕРС, е далеку смртоносна од ковид-19, но и помалку заразна. Ова е главно затоа што луѓето го фаќаат МЕРС од камили, животно што повеќето од нас ретко го среќаваат. Новиот коронавирус, САРС-КоВ-2, напротив, се шири од човек на човек. Густината на човечката популација и нашата љубов кон интерконтиненталните патувања објаснуваат зошто ковид-19 го зафати целиот свет само неколку месеци откако се појави во Кина.

Сепак, сè уште не се знае како се пренесува вирусот. Главната патека е преку честички што се пренесуваат во воздухот. Ние знаеме дека е поверојатно луѓето да бидат изложени на нив во затворени простории отколку на отворени места, надвор. Но не знаеме колку далеку патуваат овие аеросоли или колку долго вирусот останува инфективен кога се пренесува преку воздухот. Покрај тоа, нема цврсти докази за тоа колку е голем ризикот од заразување од вирусни честички на површините. Некои студии велат дека коронавирусот на пластика може да остане потенцијално заразен повеќе од една недела. Други велат дека, дури и кога има вирусни честички, површините веројатно нема да заразат некого што ќе ги допре.

Во почетокот на пандемијата членовите на медицинската заедница беа поделени околу тоа дали се корисни маските за лице. Сега знаеме дека носењето маска ве штити и вас и другите во ваша близина, особено во затворен простор. Во голем дел, тоа е резултат на една друга невообичаена карактеристика на ковид-19: може да го фатите и од некој што нема симптоми.

Истражувањата од почетокот на пандемијата открија дека до 75 проценти од заразените луѓе не покажуваат никакви симптоми. Една студија од декември 2020 година вели дека бројката може да биде далеку помала. Како и да е, со други заразни болести, како што е грипот, повеќето луѓе барем малку се разболуваат кога ќе се заразат. Покрај тоа, асимптоматските луѓе со грип обично го пренесуваат со многу пониска стапка. Луѓето со заразна болест, исто така, обично се самоизолираат, или по своја одлука или затоа што им е премногу лошо за да одат каде било, давајќи му на патогенот помала можност за пренесување.

Асимптоматското и претсимптоматското пренесување му олеснуваат на коронавирусот да се префрла, а нам ни отежнуваат да го следиме, вели Сридар. „Тестот и трагањето зависат од луѓето што ќе добијат симптоми“.

Фото: ЕПА

Мистериозната еволуција

Нема сомнеж дека оваа пандемија почна во или во близина на Вухан, Кина. Сепак, дезинформациите, теориите на заговор и политичките агенди нѐ спречуваат да утврдиме како воопшто вирусот се пренел на луѓето. Знаеме дека локалните лилјаци ги носат формите што му се генетски предци на САРС-КоВ-2. Една од идеите е дека некој што учествувал во трговија со диви животни или уништување на шумите се заразил со вирусот и го внел во градот. Друга е дека пренатрупаноста на огромниот Хуанан пазар на морска храна на големо во Вухан - каде што се тргува и со диви и со домашни животни - создала совршена еволутивна средина за вирусот да се приспособи на нови домаќини, меѓу кои се и луѓето.

Она што се случи потоа е исто така збунувачко. Теоријата на еволуцијата предвидува дека патогените микроорганизми што се пренесуваат од човек на човек често со текот на времето стануваат помалку смртоносни затоа што болеста што убива премногу брзо наскоро ќе остане без домаќини што може да ги заразува и и самата ќе исчезне. Геномот САРС-КоВ-2 содржи 30.000 бази - буквите од генетскиот код - и од почетокот на пандемијата имаше само мал број широко распространети мутации, според Некстстрејн, проект што ги следи генетските промени во вирусот додека тој се движи низ човечките популации.

Иако САРС-КоВ-2 досега беше исклучително стабилен, тоа може да се промени. Две неодамнешни мутации - една доминантна во Велика Британија, една позната како јужноафриканска варијанта - предизвикуваат загриженост. Покрај овие две нови варијанти, неколку наводни случаи на реинфекција кај луѓе укажуваат дека луѓето наишле на мутантни верзии на вирусот што биле доволно различни за да ја избегнат нивната имунолошка меморија. Освен тоа, откривањето на мутациите во вирусите САРС-КоВ-2 што циркулираат меѓу фармите на ласици во Данска - што, во ноември, резултираше со уништување на околу 17 милиони животни - се чини дека ја поткрепува хипотезата дека вирусот еволуирал поради пренатрупаноста на пазарот во Вухан. Но сè уште немаме јасна слика за тоа како различните мутации влијаат на тоа колку е пренослив и вирулентен вирусот или дали тие ќе влијаат на ефикасноста на вакцините - иако експертите се согласуваат дека ризикот од мутација не треба да ги одвраќа луѓето од вакцинирање.

Пренатрупаноста со информации

Во минатите пандемии секогаш имало огромни дупки во знаењето за потеклото и ширењето на болеста. Така е и овојпат. Исто така, се соочуваме со друг, парадоксален проблем: пренатрупаност со информации. Академските списанија објавија десетици илјади трудови за пандемијата на ковид-19. Би требало да читате по неколку стотици страници на ден за да бидете во тек со резултатите. Заедно со биолошките особености на САРС-КоВ-2, поради оваа презаситеност со истражувања научните податоци се тешки за толкување.

Кога дури ни научниците не се усогласени, за луѓето е лесно да шират дезинформации – а за владите е тешко да создадат цврсти планови за јавното здравје. Не е ни чудо што има многу теории на заговор и многу влади не успеаја успешно да комуницираат со своите граѓани. Како резултат на тоа, на јавноста останува да биде прониклива кон информациите што ги добива и да биде претпазлива кон политичките мотивации што стојат зад научните прогласи. Дури и кога вакцините влегуваат во редовна употреба, ние мора да научиме да се справуваме со ризикот и со неизвесноста доколку сакаме да ја надминеме оваа многу чудна пандемија.

Њу саентист

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Вакцинирањето преку ред, слабата стратегија и лошата комуникација со јавноста ги обележаа првите месеци на вакцинирање во Хрватска која во моментов е близу дното на ЕУ во однос на процентот на вакцинирана популација. 

повеќе