Резултатите се знаеја и пред изборите

Парламентарни избори во Иран – тивкиот бојкот е порака за врховниот лидер

Конзервативците победија на изборите во Иран бидејќи на другите кандидати не им е дозволено да учествуваат. Но рекордно ниската излезност покажува што мисли мнозинството за клерикалниот режим, пишува Дојче веле.

Ајатолахот Али Хамнеи, духовниот лидер на Иран, би можел да помисли дека неговите сонародници гласаа како што му одговара. Веќе по пребројувањето на гласовите од половина изборни окрузи се отцрта убедливата победа на конзервативците на парламентарните избори.

Тој триумф беше впишан уште пред Иранците во петокот да тргнат на гласање. Таканаречениот Совет на чуварите, моќното тело кое му одговара на Хамнеи, уште пред изборите ја забрани кандидатурата на повеќе од половина кандидати. Низ тоа сито не беа пропуштени реформистите, туку само тврдолинијашите. Хамнеи значи однапред можеше да биде сигурен дека меѓу новите пратеници нема да има такви што ќе заговараат политичко и културно отворање на земјата.

Сепак, Хамнеи има причина за грижа: излезноста беше најниска во четирите децении од исламската револуција во Иран. И тоа иако гласачките места беа отворени шест часа подолго отколку што беше првично планирано, за да се крене излезноста барем малку и да се зачува привидот на легитимитет. На крајот гласаа 42 отсто од гласачите.

Убедливото мнозинство Иранци кои останаа дома сега ќе мора да се помират со политичката реалност дека наместо нив избра малцинството. На масата пастиненти од почетокот ѝ беше јасно дека нивниот глас ништо не би значел. За кого да гласаат? Затоа тивкиот бојкот беше единствената опција за Хамнеи високата излезност да не ја претстави како дополнителна победа.

Младите во Иран мораат и понатаму да живеат во апсурдот во кој за нивната иднина одлучува старец од преку 80 години. Хамнеи очигледно ни по три децении на власт не сака да ја пушти моќта и ги присилува Иранците да ја следат неговата слика на светот.

Ајатолахот и неговите следбеници се спремни на сила, како што покажаа во последните месеци – на протестите во октомври беа убиени над 1.500 демонстранти, пишува Ројтерс. Изгледа дека толкава цена во човечки животи сосема им одговара на Хамнеи и дружината за да го продолжат курсот кој го предвиделе за Иран.

Но, ниската излезност го покажува политичкиот и идеолошки јаз кој ја дели земјата. Поддржувачите и противниците на режимот стојат непомирливо едно наспроти други. На стабилноста на земјата не може да ѝ придонесе тоа што огромно мнозинство луѓе немаат претставници во парламентот и сметаат дека власта не ги сфаќа сериозно. За Хамнеи и режимот доаѓаат турбулентни времиња.

Најголемата закана од оружје засновано на ВИ не доаѓа од поединечни земји. Заканата ќе дојде од недржавни актери.

повеќе

Потребно е неодложно формирање на државен фонд кој ќе овозможи во прв момент преживување во оваа ситуација...

повеќе

Во време кога пандемијата на коронавирусот и понатаму е вон контрола, најдобар економски исход на кој би можеле да се надеваме е рецесија која ќе биде подлабока од онаа со финансиската криза во 2008 година. 

повеќе