Никогаш нема да биде исто

Париз шокиран додека пожарот ги голташе кулите на Богородичината црква

Француските пожарникари во понеделникот се тркаа да ја спасат катедралата Нотр Дам во Париз, откако џиновски пожар почна да ја пустоши, заканувајќи се да ја срамни со земја и да го збрише вековното наследство.

Пожарот веќе го уништи покривот на 850-годишниот споменик заштитен од УНЕСКО, чија спектакуларна готска шпицеста кула се урна пред очите на ужасените набљудувачи упатени на спокојна пролетна прошетка.

Од огнот, кој почна во приквечерието, додека католиците се подготвуваат да го слават Велигден, портокалови пламени и огромни облаци од сив чад се извиваа кон париското небо, додека шокираните парижани и туристи гледаа со вкочанет ужас.

Некои липаа, други се молеа од бреговите на реката Сена, додека пеколот ја голташе обожаваната атракција во срцето на градот на светлината, вели Франс прес.

Кога падна мрак, околу 400 пожарникари попусто се бореа да го скротат огнот и да ги спасат барем легендарните предни кули, кои сè уште стоеја исправено.

„Ова е навистина тажно - најтажната работа што некогаш сум застанала и сум ја гледала во животот“, рече 50-годишната британската туристка Сем Огден, која дошла да ја посети катедралата со своето семејство.

Воздишки и извици „О Боже мој“ се слушаа околу еден час откако првпат избувна пожарот, кога горниот дел на црквата се урна.

„Во почетокот изгледаше малку, а потоа во рок од еден час сè се урна“, додаде Огден.

 

„Франција е Нотр Дам“

Причината за пожарот не беше веднаш потврдена. На катедралата се изведуваше интензивна реставраторска работа, за што противпожарната служба рече дека може да е виновникот.

Минатата недела на драматичните снимки се виде дека работниците отстрануваат 16 бакарни статуи од шпицестата кула, која беше подложена на реконструкција финансирана од државни и приватни донатори.

Историчарите со неверица го гледаа уривањето на зградата што речиси цел милениум беше симбол на Франција и преживеа и војна и револуција.

„Ако Париз е Ајфеловата кула, тогаш Франција е Нотр Дам. Во овој споменик е олицетворена целокупната култура, целокупната историја на Франција“, рече историчарот Бернар Лекомпте за БФМ ТВ.

Заменик-градоначалникот на Париз, Емануел Грегоар, изјави за БФМ ТВ дека кулата „се урна навнатре“ и дека работниците се бореле „да ги спасат сите уметнички дела што може да се спасат“.

Портпаролот на катедралата за АФП изјави дека дрвената конструкција што го потпира покривот била голтната од пожарот.

„Сè гори“, изјави за Франс прес портпаролот на Нотр Дам, Андре Фино.

 

„Емоцијата на цела една нација“

Претседателот Емануел Макрон го откажа големото телевизиско обраќање што беше закажано за вечерва, поради „ужасниот пожар што го уништува Нотр Дам“.

Тој лично се упати на местото.

На Твитер ја изрази „емоцијата на цела нација“ кога го видел Нотр-Дам.

„Како и сите мои сонародници, тажен сум што гледам како дел од нас вечерва гори“, рече тој, изразувајќи солидарност со „сите католици и целиот француски народ“.

Германската канцеларка Ангела Меркел ја нарече катедралата Нотр Дам „симбол на европската култура“ додека пожарот беснееше.

Ватикан ја изрази својата „неверица“ и „тага“, изразувајќи „блискост со француските католици и со париското население“.

 

Не се користени водени бомби

„Париската противпожарна служба се обидува да го скроти пламенот“, напиша градоначалничката на Париз, Ана Идалго, барајќи од жителите да го почитуваат безбедносниот кордон формиран околу местото.

Американскиот претседател Доналд Трамп во твит рече: „Страшно е да се гледа огромниот пожар во катедралата Нотр Дам во Париз. Можеби летачки танкери со вода би можеле да бидат употребени во гаснењето. Мора да се реагира брзо!“

Но француската Агенција за цивилна безбедност, која е задолжена за справувањето со кризи во земјата, во твит му одговори на Трамп дека не ни помислуваат да праќаат водени бомби.

„Ако се употребат тие, може да се урне целата структура на катедралата“, рекоа тие.

 

Никогаш нема да биде исто

Стотици луѓе се собраа на мостовите на Париз низводно како сведоци на сцената, а многумина снимаа со своите смартфони.

Катедралата во средниот век се наоѓала во центарот на француската престолнина и нејзината изградба била завршена во средината на 12 век, по 200 години работа.

За време на Француската револуција во 18 век, катедралата била вандализирана од масовно антикатоличко насилство: нејзината шпицеста кула била расклопена, нејзините богатства биле ограбени, а нејзините големи статуи на влезната капија биле уништени.

Ќе стане централен лик во романот на Виктор Иго објавен во 1831 година, „Ѕвонарот на Богородичината црква“, а набргу потоа ќе почне проектот за реставрација што ќе трае две децении, предводен од архитектот Јуџин Виолет-ле-Дук.

Ќе го преживее уништувањето на двете светски војни во 20 век и славно ќе бие со камбаните на 24 август 1944 година, денот на ослободувањето на Париз од германската окупација на крајот од Втората светска војна.

„Париз е обезличен. Градот никогаш нема да биде како што беше порано“, рече Филип, комуникациски работник на 30-тина години, кој со велосипед дојде на местото откако пријател му јавил за пожарот.

„Тоа е трагедија“, додаде тој. „Ако се молите, сега е време да се помолите.“

 

На мојот пријател, овчарот Митко му реков: „Дојде време ти, јас, сите граѓани на Македонија да си го вратиме суверенитетот на оваа наша држава".

повеќе

Неопходно е да се допрецизира законот со што би се овозможило одреден дел од финансиски средства да се пренасочат кон делот на општествена одговорност на приредувачите на игри на среќа со цел подобрување на спортската инфраструктура.

повеќе

Тоталното разочарување од сите мејнстрим политички елити, вклучувајќи ги и зелените, континуирано води кон отуѓување на граѓаните, за што доказ е се помасовното бојкотирање на изборните процеси.

повеќе