Кризата која ја предизвика коронавирусот ја менува агендата на рускиот лидер

Пандемијата го запали дворот на Путин

Кога демонстрантите влегоа во зградата на владата на Киргистан претходно неделава многумина од нив кажаа дека нивниот гнев е последица на кризата предизвикана од пандемијата на ковид-19, што е вторпат заразата да е позадина на немири во регионот кој рускиот претседател Владимир Путин го смета за свој двор.

EPA-EFE

Киргистан е четвртата поранешна советска република која годинава ја зафати нестабилност откако демонстрантите, гневни и поради наводно украдените избори, ја преземаа владината зграда, а спротивставени опозициски групи во општиот хаос полагаат право на власта.

Белорусија веќе некое време ја погодуваат масовни демонстрации против Александар Лукашенко, а Ерменија и Азербејџан се во конфликт околу Нагорно Карабах, каде отворената поддршка на Турција на Азербејџан укажува на слабеењето на руското влијание во тој регион.

Неконвенционалниот начин на кој Лукашенко пристапи на кризата која ја предизвика ковид-19 голем број демонстранти го наведуваат како една од главните причини за бунтот.

Лукашенко ги советуваше Белорусите да пијат вотка, да одат во сауни и возат трактори за да останат здрави, но не воведе рестриктивни мерки.

Демонстрантите во Киргистан велат дека нивната влада вовела мерки за ограничување на движењето, но дека ги оставила луѓето во небрано кога рестриктивните мерки дополнително ги отежнале постоечките проблеми – што според Ројтерс е главната причина поради која гневот премина во конкретна акција.

„Ни дадоа вреќа брашно, и ни кажаа да преживееме до крајот на пандемијата“, вели 20-годишната студентка Нур. „Луѓето беа болни и гладни“, кажа 18-годишниот Алмаз.

Во јуни болниците беа полни, а граѓаните приморани самите да набавуваат резерви кислород, како и опрема за примање терапија. Затворањето на границите жестоко ја погоди економијата, како и приходите на граѓаните поради големата зависност од Русија и соседна Кина.

Директниот повод за востанието беше чувството дека претседателот Суронбај Женбеков и неговите сојузници на измама победиле на парламентарните избори на 4 октомври.

Грабежот за контрола врз ресурсите меѓу влијателните кланови беше уште еден фактор а кулминираше и гневот поради корупцијата, потсетува британската агенција.

Меѓутоа, начинот на кој сега веќе поранешната влада постапуваше за време на пандемијата сега изгледа како главен иницијатор на бунтот кој не престана кога Женбеков кажа дека изборите треба да се повторат.

Економските тешкотии предизвикани од пандемијата го продлабочија незадоволството и во Русија. Во градот Хабаровск на рускиот Далечен исток, илјадници луѓе веќе 13 недели протестираат поради апсењето на популарниот градоначалник.

Одделни аналитичари тврдат дека порастот на незадоволството во Русија значи дека Путин треба повеќе да се фокусира на домашните теми како економските проблеми, загадувањето и здравствениот систем, наместо на глобалната геополитика.

Меѓутоа, настаните од последните месеци тоа веројатно нема да го дозволат, пишува Њујорк тајмс,

„За Путин, практично неговата целосна мисија и визија за руската големина и успех се врти околу неговата надворешнополитичка агенда“, вели за Њујорк тајмс Татјана Становаја од Карнеги центарот во Москва.

Досега повеќето надворешнополитички успеси на Русија се резултат на Путиновата способност да ја искористи нестабилноста во странство. Русија во 2014 ги искористи немирите во Украина за да го припои Крим, потсетува Волстрит џурнал и додава дека на сличен начин постапи на Блискиот исток каде тамошните конфликти ги искористи за да го рашири своето влијание во Сирија и Либија.

Меѓутоа, се покажа дека е многу потешко да се одржи влијанието и контролата врз територијата на поранешниот Советски Сојуз, делумно поради географската големина, но и поради трошоците за одржување на безбедносното присуство во блиското соседство.

Во планот за буџетот за следната година Русија планира да пренасочи пари на социјалните програми дома за да ги ограничи последиците на пандемијата, што според американскиот весник ќе се одрази врз одржувањето на скапите воени бази во Ерменија, Киргистан и Таџикистан.

„Русија нема пари ниту воени капацитети да биде ангажирана насекаде“, вели Максимилијан Хес, шефот на одделот за политички ризици во компанијата Хоторн едвајзорс.

Тоа особено важи за Централна Азија, каде Русија немо набљудуваше како кинескиот претседател Си Џинпинг ги продлабочува дипломатските врски, договара кредити вредни десетици милијарди долари, ги јакне енергетските инвестиции па дури и преговара за безбедноста со Туркменистан, Узбекистан, Казахстан, Киргистан и Таџикистан.

Избивањето на повеќекратните кризи во рускиот двор е со такви размери што одделни аналитичари на Кремљ веќе почнаа да го обвинуваат Западот за организирана кампања на сеење нестабилност во поранешните советски републики.

Меѓутоа пообјективните аналитичари препознаваат еден константен фактор во растечките немири.

И Русија и нејзините соседи ги дестабилизираше пандемијата на коронавирусот, поради која на површина исплива недовербата во институциите и лидерите кои се оддалечија од граѓаните.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Веќе е јасно дека светот никогаш нема да биде ист по завршувањето на пандемијата и дека последиците ќе креираат нови образовни можности.

повеќе

Време е да се слушнат мислењата на 30-те компании кои најдобро се справуваат со кризата.

повеќе

Мицкоски треба да побара собраниска расправа за односите со Бугарија или во перцепцијата на јавноста ќе биде изедначен со Заев. Лидерските средби не се институционална форма.

повеќе