Германија и СССР пред 80 години ја поделија Источна Европа

Пактот Хитлер-Сталин го смени Стариот континент

Адолф Хитлер и Јосиф Сталин идеолошки не беа блиски. Тоа, меѓутоа, не ги спречи пред точно 80 години да склучат договор за ненапаѓање. Последиците од тоа се чувствуваат до ден денес во Источна Европа, пишува Дојче веле.

Договорот беше поприлично циничен, но на почетокот за двата диктатори беше функционален. За при нападот врз Полска да ја обезбеди неутралноста на Советскиот Сојуз и да избегне отворање на два фронта, бидејќи од другата страна се закануваа Британија и Франција, сојузниците на Полска, Хитлер со Сталин склучи договор за ненапаѓање. Тој договор, кој во Москва го потпишаа министрите за надворешни работи Рибентроп и Молотов, имаше и свои економски елементи. Тој на нацистичка Германија ѝ обезбедуваше снабдување со советски сировини.

Хитлер на тој начин сакаше да спречи повторување на сценариото од Првата светска војна кога Германија на крајот доживеа крах поради британската поморска блокада. Сталин, од друга страна, веруваше дека таканаречениот Трет рајх во војна со западните сили ќе се исцрпи. Тој долгорочно очекуваше Хитлерова Германија да го нападне и СССР, и сакаше времето до тогаш да го искористи за дополнително вооружување.

Најважните делови од договорот Хитлер-Сталин се наоѓаа во тајните анекси: поделба на земјите на зони на влијание. Така Естонија, Летонија и источниот дел од Полска му припаднаа на Советскиот Сојуз, а западниот дел на Полска на таканаречениот Трет рајх.

Неколку дена подоцна, на 1 септември 1939 година, нацистичка Германија ја нападна Полска. Две недели подоцна истото го направи и Советскиот Сојуз, од источната страна. Поделбата на Источна Европа, со тесна соработка на тајните служби на Берлин и Москва, така и почна.

Полска повторно ичезна од географските карти. Балтичките држави кои, како Полска, стекнаа независност дури по Првата светска војна, станаа советски републики. Романска Бесарабија ѝ припадна на советската република Украина. За населението од освоените територии од двете страни почна период на прогон и истребување.

Пактот беше на сила две години, од 1941 кога Хитлер, погрешно проценувајќи ги сопствените сили, го нападна Советскиот Сојуз. Веќе во зимата 1941-1942 Вермахтот почна да го губи тлото под нозе. И повторно најлошите воени дејства се случуваа на териториите на „интересните сфери“. И повторно најмногу трпеше локалното население.

Пактот на Хитлер и Сталин трајно го смени лицето на Европа. Како што смета историчарот Јерг Ганцемилер, западните сили не можеа својот партнер во победата, Советскиот Сојуз, да го спречат да го задржи „пленот“ кој беше добиен во договорот со Хитлер. Дури во 1990 балтичките земји повторно стекнаа независност.

И покрај тоа што им кумуваше на новите политички реалности во повоена Европа, пактот Хитлер-Сталин долго време беше заборавен. Во Западна Германија таа епизода не играше голема улога при соочувањето со последиците од војната. Дури по падот на Берлинскиот ѕид таа тема се врати во јавноста. Во Советскиот Сојуз, од идеолошки причини, не се зборуваше за некаков договор меѓу злосторникот Хитлер и Сталин.

Но, изгледа дека тој договор од дневно-политички причини сега доживува рехабилитација. Уште пред десет години, при одбележувањето на 70-годишнината од потпишувањето на пактот, рускиот претседател Владимир Путин во своето „Писмо до Полјаците“ договорот на Хитлер и Сталин го опиша како неморален чин. Неколку години подоцна меѓутоа, по анексијата на Крим, Путин за истиот пакт зборуваше како за нешто што во тој момент било нужно. И потписникот на тој пакт доживува рехабилитација: во едно истражување на јавното мислење, 70 отсто од анкетираните Руси позитивно се изјасниле за улогата на Сталин.

Во Полска и во балтичките земји затоа повторно расте стравот дека би можеле да станат жртви на политиката што ја водат Германија и Русија, како што сметаат, преку нивниот грб. Во тоа спаѓа и дебатата околу изградбата на гасоводот Северен тек 2 кој од Русија во Германија, одминувајќи ги балтичките земји и Полска, би требало да го транспортира сибирскиот гас. Тој проект стана симбол на новоразбудените стравови. Полска на помош ги повика САД и Вашингтон од тогаш врши постојан притисок врз Германија да се откаже од енергетскиот проект.

Меѓутоа, „историски паралели во овој случај не можат да се повлекуваат“, смета историчарот Ганцемилер. „Полска и балтичките земји се многу поблиску до Германија од Русија. Сите тие земју се членки на Европската Унија и НАТО“. Сепак, Ганцемилер на германската надворешна политика ѝ префрла за тоа што нема доволно чувство за историските стравови на источните соседи.

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе