Изминативе два дена

„Пакосен“, „дволичен“, „клинички мртва“: НАТО го протурка самитот и покрај навредите

Лидерите на НАТО во средата ги оставија на страна навредите, од „деликвенти“ до „клинички мртва“ и „дволичен“, порачувајќи на крајот на самитот по повод 70-годишнината на Алијансата дека ќе бидат обединети пред заедничката закана од Русија и подготвени за подемот на Кина.

Функционерите по самитот инсистираа дека тој бил успешен, првенствено истакнувајќи дека турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се откажал од заканата дека ќе ги блокира плановите за одбрана на Северна и Источна Европа ако сојузниците на курдските борци во Сирија не ги прогласат за терористи.

Меѓутоа, самитот почна и заврши со искри, жестоки дури и за американскиот претседател Доналд Трамп, кој веднаш по пристигнувањето во Лондон го нарече францускиот претседател Емануел Макрон „пакосен“, а на крајот за канадскиот премиер рече дека е „дволичен“ затоа што му се потсмеваше.

Успеавме да ги надминеме нашите несогласувања и да продолжиме да ги исполнуваме нашите клучни задачи за заемна заштита и одбрана, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференцијата.

Во заедничката декларација по самитот водачите наведоа дека „агресивните постапки на Русија се закана за евроатлантската безбедност, а дека тероризмот во сите негови форми и манифестации останува постојана закана за сите нас“.

Декларацијата ја потврдува трајната трансатлантска врска меѓу Европа и Северна Америка и обврските утврдени со Членот 5 од Вашингтонскиот договор дека нападот против еден сојузник ќе се смета за напад против сите. Една од точките на декларацијата е посветена на поделбата на финансискиот товар, а лидерите ветија дека ќе ги зголемат трошоците за одбраната придонесувајќи во мисиите и операциите, посочувајќи дека трошоците за одбрана надвор од Соединетите Американски Држави се зголемуваат веќе пет години по ред.

Европа, Турција и Канада ветија дека ќе потрошат уште дополнителни 4.000 милијарди за одбрана до 2024 година, одговарајќи на обвинувањата на Трамп дека не придонесуваат доволно. Германија, честа мета на критиките на Трамп, вети дека до 2031 година ќе троши два проценти од БДП на одбраната.

Водачите на воената алијанса рекоа дека ѝ остануваат посветени на политиката на отворени врати, „која ја зајакнува Алијансата и им носи безбедност на милиони Европејци.

„Северна Македонија е денес тука со нас и наскоро ќе биде нашиот најнов сојузник“, се вели во декларацијата.

Франција и Германија добија и поддршка за стратегиско преиспитување на мисијата на НАТО, а Алијансата ќе формира група „мудреци“, кои ќе анализираат како треба организацијата да се позиционира во иднина.

Лидерите успеаја да постигнат договор и за безбедна комуникација, вклучувајќи ги и 5Г мобилните телефонски мрежи. Соединетите Држави сакаат сојузниците да ја забранат опремата на најголемиот светски производител на телекомуникациска опрема, кинескиот гигант „Хуавеи“.

„Сметам дека тоа е безбедносен ризик, тоа е опасност за безбедноста“, рече Трамп одговарајќи на прашање за Хуавеи, иако компанијата не се споменува директно во декларацијата.

Се знаеше дека полудневниот самит на теренот за голф во предградието на Лондон ќе биде напнат, а функционерите се надеваа дека ќе ги избегнат кавгите, кои ја одбележаа нивната средба минатата година, кога Трамп се жалеше дека сојузниците не го сносат товарот на колективната безбедност, потсетува Ројтерс.

Но оваа година состанокот дополнително го отежнаа Ердоган, кој почна офанзива во Сирија и купи руски ракети и покрај противењето на сојузниците, и Макрон, кој минатиот месец ја опиша Алијансата како „клинички мртва“.

Пред камерите изгледаше дека самитот во Лондон тргна уште полошо од очекуваното, а почна веќе во вторникот, кога Трамп рече дека коментарите на Макрон се „многу, многу пакосни“, а сојузниците што не трошат доволно за одбрана ги нарече „деликвенти“ - што го повторил и на состанокот со затворени врати.

Макрон остана критичен кон стратегијата на НАТО, велејќи дека е важно водачите да разговараат на отворен и директен начин доколку сакаат да најдат решенија. „Мислам дека наша одговорност е да разговараме за разликите што може да бидат штетни и да имаме вистинска стратегиска дебата“.

„Тоа почна, така што јас сум задоволен“.

Ердоган, поради неговите сè поблиски врски со Русија, особено околу Сирија, и поради кавгите со ЕУ за миграцијата и за други теми, стана мошне напорен НАТО-партнер, а со самото тоа и исклучително важен, вели АП.

Тензиите пораснаа откако на приемот во Бакингамската палата во вторникот камерата го сними канадскиот лидер Џастин Трудо, во друштво на Макрон, Борис Џонсон, холандскиот премиер Марк Руте и принцезата Ана, како го исмева Трамп за долгите разговори со новинарите и за тоа дека го исцрпува својот тим.

Трамп рече дека Трудо е вознемирен затоа што го прозвал за неисполнувањето на обврската од два проценти од БДП за трошоци за НАТО. „Тој е дволичен“, рече Трамп за Трудо.

До крајот на самитот, Трамп одлучи и да не ја одржи последната прес-конференција, велејќи дека веќе доволно зборувал.

 

Сложна алијанса

Столтенберг им рече на дипломатите дека иако насловите се полни со кавги, Алијансата е сложна. „Јас сум политичар, навикнат сум да ме критикуваат поради добра приказна, а лоша суштина“, рече Столтенберг. „Во случајот со НАТО е сосема спротивното. Имаме лоша реторика, но исклучително добра суштина“.

По три самити во три последователни години, лидерите решија да паузираат една година и повторно да се состанат во 2021 година. Ова значи дека следниот самит ќе се одржи по претседателските избори во Соединетите Држави, кои сè уште се далеку најмоќната и највлијателна членка на Алијансата.

Седумдесет години по основањето за време на Студената војна со фокус на Москва, Северноатлантската алијанса сега мора да внимава на растечкиот предизвик што го претставува Кина.

Сепак, не е јасно, дури ни за дипломатите во рамките на алијансата од 29 држави, дали НАТО ѝ е дораснат на задачата - особено во време на интензивни внатрешни судири и поделби.

САД ги предводат повиците за поголемо фокусирање на Кина, а американскиот секретар за одбрана Марк Еспер за Ројтерс изјави дека Европа сè повеќе е свесна за предизвиците што ги предизвикува брзото проширување на кинеската воена моќ, вклучително и хиперсонично оружје и носачи на авиони.

„Кина е стратегиски предизвик за нас и ние мора да бидеме подготвени за тоа“, рече Еспер. „Ова не значи дека Кина е непријател во моментов, но треба да бидеме подготвени во случај работите да тргнат во несакана насока“.

Столтенберг во Лондон истакна дека Кина е на второ место во светот по трошењето во одбраната, по Соединетите Држави. „Не станува збор за влегување на НАТО во Јужно Кинеско Море, туку за разгледување на фактот дека Кина се приближува кон нас“, рече Столтенберг, посочувајќи на активностите на Кина во Арктикот, Африка и големите инвестиции во европската инфраструктура.

Еден дипломат рече дека има широк консензус дека Кина е „дел од нашето стратегиско опкружување“, но предупреди дека Европа можеби нема да заземе единствен став. „Некои сојузници ќе дојдат во искушение да му удоволат на Трамп и да ја претстават Кина како новиот непријател на НАТО, но повеќето Европејци знаат дека тоа не им е во национален интерес“, изјави за Ројтерс дипломатот, кој сакал да остане анонимен.

Објавено

Четврток, Декември 5, 2019 - 11:00

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе