Одметнатите политички синови ја нишаат 18-годишната власт на Ердоган

Поранешниот турски премиер Ахмет Давутоглу формираше нова партија. „Партијата за иднината“ би можела да ја чини владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) многу гласови.

Дали е тоа знак за распад на Ердогановата база на моќта?

Веќе осумнаесет години претседателот Реџеп Таип Ердоган ја крои политиката на Турција. Но во последно време неговиот режим се соочува со проблеми: економска криза, зајакната опозиција и пораз на локаните избори на крајот на март, предизвикаа потреси во врвот на владејачката АКП.

Поранешниот премиер Ахмет Давитоглу се залага за ослабување на моќта на претседателот и неговата партија. Медиумски успешно, Давутоглу во септември се повлече од исламско-конзервативната АКП. Со месеци се ширеа гласини дека планира да формира нова партија, за да ѝ се спротивстави на АКП. Од четвртокот тоа е и официјално: тој во министерството за внатрешни работи го предаде барањето за формирање на Партијата за иднината (Gelecek Partisi). Новата партија преку Твитер најави: Сакаме да ѝ донесеме на земјата мир, правда и напредок.

Давутоглу сака реванш

Ердоган и Давутоглу долго време беа блиски соработници. Од почетокот на големиот подем на АКП во 2002 година Давутоглу стоеше цврсто на страната на турскиот претседател: како советник, министер за надворешни работи, премиер и дури и претседател на АКП. Но во 2016 година тој на својот политички татко му стана премногу своеглав: по кратка постапка Ердоган го повлече од двете функции. Со формирањето на Партијата за иднината поранешниот премиер се одмаздува. Неговата партија би можела да владејачката АКП да ѝ земе важни гласови од конзервативниот табор.

Еден друг моќен поранешен соработник на Ердоган е исто така закана за базата на моќта на владејачката партија: турските медиуми пишуваат дека и поранешниот министер за економија, еден од основачите на АКП, Али Бабаџан, би можел да формира нова партија. во подготовките за тоа Бабаџан ја има поддршката од поранешниот претседател Абдула Ѓул.

„Надмоќта на АКП ќе се растопи“

Поранешниот министер за надворешни работи на Турција, Јашар Јакиш, за Дојче вече кажува дека формирањето на тие нови партии би можело да ѝ нанесе голема штета на Ердогановата партија.

„И Бабаџан и Давутоглу ќе ги соберат гласовите на поддржувачите на АКП. Бабаџан е на добар глас и во меѓународниот финансиски свет. Неговата економска стручност ќе му помогне да ги добие и гласовите од гласачкото тело на опозициските партии ЦХП (Републиканска народна партија), МХП (Партија на националното движење) и Ији парти (Добра партија). Давутоглу е пак добра опција за конзервативните гласачи“, смета еден од основачите на АКП, Јакиш.

„Сега почнува распадот на АКП. Осумнаесетгодишното владеење привршува. И Бабаџан и Давутоглу ќе ѝ ги земат гласовите на АКП. Нивната главна цел е да го сопнат Ердоган“, оценува Башкин Оран од Универзитетот во Анкара.

Но, во турската јавност постојат големи сомнежи дека поранешните големци на АКП со своите нови партија ќе бидат алтернатива на владејачката партија. На Давутоглу му замераат дека предолго молчел и дека е одговорен за ерозијата на турската дипломатија. Слични критики има и на сметка на Бабаџан. Сепак, му веруваат дека ќе формира либерално-конзервативна партија која ќе сака да се надоврзе на реформите од првите години на АКП.

„Би можело да се каже дека Бабаџан има подобри шанси против АКП од Давутоглу. Гласачите се сеќаваат дека Давутоглу беше премиер. Тоа е голем хендикеп“, смета Јакиш.

Валканите тајни излегуваат во јавноста?

Претседателот на Турција повеќе пати го нападна Давутоглу дека е предавник.

„Поради тоа ќе одговара, кога ќе дојде времето“. Ердоган не реагира така само поради можното губење гласови.

Поранешните соработници се инсајдери во АКП и многу добро го познаваат системот на Ердоган. Критичарите и опозиционерите ја обвинуваат владејачката партија за непотизам, корупција и основање сомнителни семејни фондации, преку кои се проневерени пари од буџетот. Тие сметаат дека АКП својата моќ ја зацврстила со нелегални постапки. Давутоглу и Бабаџан тоа би можеле да го искористат против владејачката партија.

Но и Ердоган навести дека поседува компромитирачки информации за неговите предизвикувачи. Бабаџан и Давутоглу ги обвини дека ја измамиле државната банка Халкбанк кога ѝ наложиле да одобри кредит од 65 милиони евра на истанбулскиот Шехир универзитет. Кредитот не е вратен. На тоа се надоврзуваат и обвинувањата дека Бабаџан на универзитетот му доделил сопственост на земјиште со помош на сомнителен налог. Давутоглу ги отфрла обвинувањата и бара Ердоган и неговото семејство да ги откријат информациите за својот имот – што би требало да ја покаже корупцијата на турскиот претседател.

АКП губи членови

Валканата борба почна и пред двете нови партии воопшто да почнат со работа. Обвинувањата ќе продолжат со сета сила, смета политикологот Оран: „Откако Ердоган го отвори поглавјето Халкбанк, ќе отвори и многу други. На тој начин би можеле да испливаат и детали за улогата на исламскиот проповедник Фетула Ѓулен“. Ѓуленовото движење кое Ердоган го обвинува за неуспешниот државен преврат од 2016 година, турската влада сега го гледа како терористичка организација – иако Ѓулен долго време беше сојузник на Ердоган.

Основањето на партијата на Давутоглу е симбол на ерозијата во врвот на АКП: во последните месеци партијата ја напуштија околу милион членови, меѓу нив и важни функционери кои веќе некое време невообичаено критички зборуваат за лидерите на АКП. До претседателските избори на 18 јуни 2023 растурањето на партијата би можело да продолжи. Но експертите тргнуваат од тоа дека Ердоган ќе посегне по проверената тактика – предвремени избори кои би требало да го спречат трендот на слабеење на партијата.

Кога кризата со коронавирусот ќе заврши, светот повеќе нема да биде ист, концептот на неолиберализмот ќе биде редизајниран.

повеќе

Благодарејќи на коронавирусот, граѓаните го видоа вистинското лице на  оваа натприродна организација, наречена државна администрација. Алчна, себична, несолидарна, нечувствителна.

повеќе

Солидарноста е единствениот начин за надминување на оваа криза.

повеќе