„Вистинските мажи не носат маски“

Од негирање на ковид кон негирање на климата: како заговорниците го менуваат фокусот

Членовите на онлајн-движењето заразено со пандемски заговори го менуваат својот фокус - и сè повеќе шират лаги за климатските промени.

Фото: Пиксабеј

Метју е убеден дека зад две од најголемите теми на нашето време се кријат тајни сили и дека не му се кажува вистината.

„Целата оваа кампања на страв и пропаганда е обид да се поттикне некоја агенда“, вели тој. „Не е важно дали се работи за климатски промени или за вирус или нешто друго.“

По потекло од Британија, Метју во последните 20 години живее во Нов Зеланд. Земјата е една од малкуте што се стремат целосно да го елиминираат ковид-19 преку строги карантини.

Вознемирен од пристапот на владата на Нов Зеланд, тој се свртел кон социјалните медиуми во потрага по вести и заедништво. Онлајн-групите на кои им се придружил – противници на вакцините и на маските - го задоиле со целосно неосновани заговори за злобни глобални сценарија зад пандемијата на ковид-19.

Неговото нурнување во овој заговорнички свет го обоило неговиот поглед кон светот и влијаело на неговите односи. Тој со новинарот на Би-би-си зборува преку видеоповик скриен во аголот од својата градина, затоа што се плаши дека неговата партнерка - која не споделува некои негови ставови - може да го слушне.

Од неодамна, групите како оние во кои учествува тој споделуваат погрешни тврдења не само за ковид, туку и за климатските промени. Тој ја гледа „ковид и климатската пропаганда“ како дел од истото таканаречено сценарио.

Мрежата Бела ружа

Тоа е дел од поголема шема. Групите на Телеграм што се против карантините и против вакцините, кои некогаш се фокусираа исклучиво на пандемијата, сега во дебатата за климатските промени ги вметнуваат истите конспиративни наративи што ги користат за да ја објаснат пандемијата.

Групите на Телеграм ги охрабруваат членовите да објавуваат налепници со слогани против вакцините во нивните локални населби

Објавите одат многу подалеку од политичка критика и дебата - тие се полни со неточни информации, лажни приказни и псевдонаука.

Според истражувачите од Институтот за стратегиски дијалог (ИСД), аналитички институт што ги истражува глобалните трендови на дезинформирање, некои групи што се против карантинот се загадени со лажни објави дека се претерува за климатските промени или дури и т.н. „измама“ создадена за да се контролираат луѓето.

„Сè повеќе, терминологијата околу мерките за ковид-19 се користи за да се поттикне страв и луѓето да се мобилизираат против климатските активности“, вели Џени Кинг од ИСД.

Таа вели дека ова всушност не се однесува на климата како политичко прашање.

„Факт е дека ова се навистина прецизни вектори за темите како моќта, личната слобода, акцијата, граѓанинот против државата, губењето на традиционалниот начин на живот - за да се пренесат сите тие идеи до многу поширока публика“.

Една група што усвоила такви идеи е Бела ружа - мрежа од локално управувани подгрупи низ целиот свет, од Британија до САД, Германија и Нов Зеланд - каде што ја сретнал Метју.

„Не ја водат еден или двајца луѓе“, објаснува Метју. „Тоа е некако децентрализирана организација на заедница, па вие добивате налепници и потоа ги објавувате на бандери и правите слични работи“.

На овие налепници има слогани со содржина против вакцините, маските и конспиративна содржина, вклучително и слогани како „Спротивстави ѝ се на новата нормала“, „Вистинските мажи не носат маски“ и лажни изјави како „Нема пандемија“. Метју најпрво се приклучил на својот локален канал Бела ружа откако го видел како се рекламира на налепница - и сега ги става истите пароли на бандерите околу својот дом во близина на Окленд.

Додека муабетат, тој го спомнува „Големото ресетирање“ - неоснована теорија на заговор дека глобалната елита ја користи пандемијата за да воспостави сомнителен Нов светски поредок, „супервлада“ што ќе ги контролира животите на граѓаните низ светот.

Иако мисли дека некои од теориите објавени на интернет се премногу конспиративни, Метју сепак верува дека постои „спојување на лични интереси, владите, големите корпорации“ што го водат шоуто.

Неговите ставови имаат вистинско влијание врз животот на Метју - го издвојуваат од оние со кои е најблизок.

Неодамна, вели тој, се чувствувал непријатно бидејќи неговата деветгодишна ќерка правела презентација за климатските промени на училиште.

Во исто време, жали што паднал во заговорничка „зајачка дупка“.

„Секој ден во последните три или четири месеци се будев чувствувајќи се многу вознемирен за светот и за она што се случува“, вели тој. „А често посакувам да не го правев тоа.“

„Комплетно одлепила“

Кристин го гледа ова од другата страна. Таа е медицинска сестра во Белфаст, која лекува пациенти со ковид.

За време на пандемијата, нејзината другарка почна да верува во екстремни заговори за ковид-19 и вакцините. Таа дури почнала да мисли дека Кристин е дел од огромен заговор. Исто како Метју, таа се приклучила на каналот Бела ружа во нејзината локална област. Би-би-си ја контактирало на Телеграм за коментар.

„Тоа е лудо. Страшно е“, рекла Кристин непосредно пред да тргне кон болницата за ноќна смена.

Нејзината другарка потоа се опседнала со лажни тврдења за климатските промени - постојано објавувајќи за оваа тема на Инстаграм. Станало толку тешко, што Кристин морала да замине.

„Таа сега верува дека климатските промени не се реални - и дека сè е шема за депопулација на Земјата и уништување на човештвото.“

Кристин во очај одмавнува со главата.

Новиот фронт на заговор

Како што напредува пандемијата и вакцините функционираат, па многу земји - особено богатите - се поблиску до нормалноста, ова вртење од ковидот кон климатските промени е нешто што истражувачите го забележале на голем број онлајн-простори.

Еден од начините на кои ИСД видел како ова се одигрува е околу терминот „климатски карантин“. Се користи кога се работи за целосно неоснованата идеја дека во иднина би можеле да имаме карантини во стилот на ковид за да им се спротивставиме на климатските промени.

Терминот стана популарен кај јутјуберите што шират теории на заговор - но климатските научници велат дека карантинот не би бил сериозна стратегија за ублажување на климатските промени. Ковид-карантините, на пример, само маргинално ги намалија емисиите на стакленички гасови.

Сепак, вознемиреноста предизвикана од ковидот и карантините - и невистините што се појавија околу нив - ја поставија основата за ширење на уште повеќе заговори. Еден начин на размислување зафати група луѓе што вината за сите лоши вести за нејасните заговори ја префрлаат на моќните луѓе - наместо да ја прифатат реалноста за иднината на планетата.

Легенда под Главна слика

Фото: Пиксабеј

(Насловот е на турски со причина, во превод, „писмо или револвер“.)

повеќе

Со фактот што Европа продолжува да плаќа милијарди долари за рускиот гас секој месец, таа и понатаму игра онака како што свири Кремљ, покажувајќи на тој начин дека е заробеник на сопственото задоволство.

повеќе

Грејната сезона заврши во месец април како и секоја година, но последнава беше со многу проблеми кои произлегоа од енергетската криза, од војната во Украина и генерално од светската економска криза.

повеќе