„Остави го бранителот да нагаѓа“

Од копнен до сајбер-напад: воените опции на Русија во Украина

Распоредувањето десетици илјади војници на Русија северно, источно и јужно од Украина ги зголемува стравувањата во Киев и западните престолнини дека Москва планира нов напад. Русија ги негира ваквите планови.

Фото: ЕПА

Западните воени аналитичари тврдат дека Русија не може до бескрај да држи толкава војска на тие позиции од финансиски и логистички причини и дека ќе мора да ги повлече до летото.

Процените за бројот на новите руски војници што се поместени поблиску до Украина се движат од 60.000 до околу 100.000, а еден американски разузнавачки документ вели дека бројот може да е и до 175.000.

Американските власти тврдат дека Русија би можела да ја нападне Украина уште овој месец, кога тлото е потврдо, што го олеснува движењето на тенковите и другите оклопни возила. Соединетите Американски Држави исто така тврдат дека Русија веќе позиционирала диверзанти во Украина со цел да вршат саботажи, кои Русија би ги искористила како вовед во нападот.

Во овонеделните преговори со САД и НАТО, Русија бараше безбедносни гаранции за да ги смири тензиите.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров вчера изјави дека Москва не е подготвена вечно да чека одговор и дека сака детален писмен одговор на секој руски предлог.

Се поставува прашањето како би изгледал рускиот напад врз Украина и што Русија би сакала да постигне со него.

„Сегашните позиции на армијата нудат повеќе избори. „Тие ѝ даваат опции на Русија да ги држи Украина и Западот во неизвесност“, изјави за Ројтерс Кир Џилс од Чејтам хаус.

Врз основа на разговорите со аналитичарите, британската агенција претстави неколку можни сценарија.

Ескалација во Донбас

Тешко вооружените руски сепаратисти контролираат голем дел од источна Украина од 2014 година и ги продолжуваат оружените судири со украинските владини сили и покрај прекинот на огнот во 2015 година.

Според Киев, во конфликтот во Донбас загинале 15.000 луѓе. Украина веќе долго време ја обвинува Русија дека има редовна војска во регионот, што Москва го негира. Русија го обвинува Киев дека кова планови за насилно преземање на регионот, што Украина го негира.

Во таква напната атмосфера, ризикот од недоразбирање или непланирана ескалација е поголем, а Русија би можела да искористи еден таков инцидент како повод за војна.

Извор запознаен со позициите на руското Министерство за одбрана рекол дека ова е најверојатното сценарио доколку Москва реши да нападне, но за Ројтерс посочил дека не знае дека е донесена таква одлука. Сепаратистите би можеле да го испровоцираат и Киев да ги нападне, а потоа би можеле да побараат од Русија да испрати војска за да им помогне, вели изворот.

Фото: ЕПА

Руските сили би можеле да ги прошират конфликтите во Донбас за да ја вовлечат Украина во конвенционален конфликт, изјави за Ројтерс Нил Мелвин, директор за меѓународни безбедносни студии во организацијата РУСИ во Лондон. Тој верува дека Русија би можела да се обиде да ги окупира украинските крајбрежни области на Азовско Море, создавајќи копнен мост од рускиот град Ростов преку Донбас до Крим. „Во тој случај, украинската влада би била под огромен притисок“, рече тој.

Напад од Крим

Русија распореди нови сили на Крим, кој го анектираше од Украина во 2014 година.

Москва би можела да изврши напад врз Украина од Крим и да ја окупира територијата до реката Днепар, која може да послужи како природна бариера против украинската контраофанзива, изјави Конрад Музика, директор на полската консултантска фирма Рохан.

Операцијата може да почне со артилериски, ракетни и воздушни напади врз украинските единици на југот, а единиците на специјалните сили би можеле да заземат мостови и железници, што би им овозможило на војниците и тенковите да напредуваат, рече тој. Има само два пата од Крим што може да бидат блокирани или уништени, што е потенцијална слабост, рече тој.

Силите би обезбедиле контрола на каналот што го обезбедува Крим со свежа вода и залихи додека Русија да го припои регионот, додаде тој.

Напад на повеќе фронтови

Во еден јавно достапен американски разузнавачки документ се наведува дека Русија може овој месец да изврши инвазија со околу 100 баталјонски тактички групи (БТГ) или околу 175.000 војници. Се наведува дека околу 50 БТГ веќе се позиционирани на север и исток од Украина и на Крим на југ.

Со заземањето на Украина, Киев би бил отсечен од брегот и од присуството на НАТО во Северно Море, рече Мелвин, а тоа би им одговарало на руските националисти, кои таа област ја гледаат како историска територија на „новата Русија“.

Фото: ЕПА

Нападот на повеќе фронтови би можел да вклучи и напад на североисточна Украина, опсада, но веројатно не и влез во градовите, каде што силите би можеле да се најдат во замката на урбаната борба. Руските трупи би можеле да тргнат и во Белорусија, отворајќи го северниот фронт за Украина, што би ги доближило руските сили до Киев, рече Џилс.

„Ова, секако, би било најскапото во економска, политичка, како и во смисла на човечки животи, и веројатно поради тоа е најмалку веројатно“, рекол Мелвин за Ројтерс, коментирајќи го сценариото за општа инвазија.

Воените аналитичари велат дека дури и ако ја прегази украинската армија, која е двојно помала од нејзината, Русија би можела да се соочи со герилски отпор, што би ѝ отежнало да ја задржи окупираната територија.

Ракетни и сајбер-напади

Џилс вели дека некои сценарија вклучуваат и напади со ракети со долг дострел или сајбер-напади чија цел би била клучната инфраструктура. Ракетните напади би биле супериорни во однос на послабата противракетна одбрана на Украина.

„Различните сценарија за тоа како точно Русија би можела да се обиде да го убеди Западот да ги исполни нејзините барања со казнување на Киев воопшто не мора да вклучуваат копнена инвазија“, рече тој.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе