Се шири страв низ светот

Очајни да го спречат ширењето на вирусот, земјите забрануваат да се патува

Полицијата стои на контролните пунктови во градовите што се во карантин, владите издаваат предупредувања да не се патува, а денеска беа откажани повеќе летови, додека властите низ целиот свет очајно се обидуваат да го запрат навидум неизбежното ширење на новиот вирус.

Купчињата заразени луѓе продолжуваат да растат надвор од континентална Кина, разгорувајќи го стравот низ целиот свет, што се одрази и со пад на финансиските пазари.

Кризата се разгоре во области што се сметаат за најлошо опремени за справување со епидемии, како и во некои од најбогатите нации во светот, меѓу кои и Јужна Кореја и Италија. Додека се размножува, вирусот внесува чувство на тревога кај локалните власти, кои се решени да го спречат ширењето, но честопати не знаат како.

„Ова е прашање на брзина и на време: оваа недела мора да создадеме точка на пресврт“, рече претседателот Мун Џае-ин од Јужна Кореја, каде што бројот на заразените порасна за 144, со вкупно 977 заболени луѓе.

Стравот го предизвикуваат случаите на луѓе што можеле да заразат многу други.

Кореан ер соопшти дека еден од членовите на екипажот бил тестиран позитивно, но авиокомпанијата не ги открива летовите на кои работел вработениот. Во американската воена база во Даегу, жариштето на заразените во Јужна Кореја, властите изјавија дека е заразена и сопругата на еден војник. А во малечката нација Бахреин во Персискиот залив, еден од заразените беше возач на училиштен автобус, кој сè до неделата возел ученици.

Исто така, позитивно е тестиран и шефот на иранската работна група за вирусот, кој само еден ден претходно одржа прес-конференција во Техеран и се обиде да ја минимизира опасноста од епидемијата.

На северот на Италија, каде што се разболени повеќе од 200 луѓе, затворени се десетина града, а полицајците патролираат со маски на лицата.

Два од соседите на Италија - Хрватска и Австрија - објавија дека кај нив се појавиле првите случаи на вирусот.

Хрватска, Унгарија и Ирска советуваа да не се патува во погодената област во Италија, еден од многуте владини потези со цел да се ограничи понатамошната изложеност. Бахреин ги прекина летовите кон Дубаи додека Центрите за контрола и превенција на болести во Соединетите Држави издадоа највисоко ниво на тревога за патувања до Јужна Кореја, советувајќи им на граѓаните да избегнуваат патувања ако не се неопходни. Јапонија ги повика граѓаните да избегнуваат беспотребни патувања во најтешко погодените области на Јужна Кореја.

Епидемијата го наруши обичајот на долго седење во канцеларија во Јапонија, при што владата ги повика работодавците да им дозволат на работниците да комуницираат по телефон и да имаат пофлексибилно работно време, едноставни потези за кои јапонскиот премиер Шинзо Абе изрази надеж дека може да помогнат во контрола на ширењето.

„Ние сме во исклучително важен период да го спречиме ширењето на инфекцијата во рана фаза“, рече Абе на состанокот на работната група за епидемијата.

Дури и на места каде што се немаат појавено заразени, лидерите се претпазливи, како во Данска, каде што две поранешни воени касарни се подготвени како центри за карантин. Сепак, останува неизвесноста во однос на тоа како ефикасно да се ограничи епидемијата.

Италија ги презеде најстрогите превентивни мерки во Европа против ковид-19, болеста предизвикана од вирусот, па сепак стана жариште на најголемата епидемија надвор од Азија. Експертите во Јапонија, со еден од најсофистицираните здравствени системи во светот, потврдија дека справувањето на земјата со епидемијата во крузерот „Дијамантска принцеза“ било погрешно и можело да предизвика проблемот да се зголеми.

Во коментари полни и со пркос и со сомничавост околу тоа кои мерки би функционирале, францускиот министер за здравство Оливие Веран рече дека земјата нема да ја затвори својата граница ниту ќе ги откаже масовните собири.

„Не ги затвораме границите не затоа што не можеме да го сториме тоа, туку затоа што тоа би било бесмислено“, рече тој за француското радио РТЛ. „Треба ли да ги забраниме собирите? Дали треба да ја откажеме Модната недела? Дали треба да ги прекинеме натпреварите? Треба ли да ги затвориме универзитетите? Одговорот е не“.

Кина пријави 508 нови заразени и уште 71 смртен случај, од кои 68 во централниот град Вухан, каде што епидемијата беше првпат откриена во декември. Ова значи дека во континентална Кина има вкупно 77.658 заразени и 2.663 починати.

Но додека Кина останува област со огромно мнозинство од заразените, вниманието на светот сè повеќе се врти кон тоа каде ќе се шири епидемијата. Иран беше гледан како можен извор на нови зарази на Блискиот Исток, како и Ирак, Кувајт и Оман, кои се справуваа со ширењето во рамките на своите граници.

Во југоисточниот град Даегу и околните области на Јужна Кореја, паниката околу вирусот ги доведе градовите во морничав застој. Земјата ја пријави својата 11-та смрт од ковид-19, додека се појавуваа знаци, големи и мали, дека проблемот е зголемен за скоро 15 пати за една недела.

Здравствените власти рекоа дека работат на тоа да го завршат тестирањето на стотици верници што ја сочинуваат најголемата група заразени во земјата. Црквата се согласи да предаде список од 200.000 членови низ целата земја за да може да се прошири снимањето на случаите.

„Во чекор го создаваме и го рафинираме нашиот систем“, рече д-р Ким Џин-хван од Медицинскиот центар на Универзитетот Кеимјунг Донксан во Даегу.

Професионалната кошаркарска лига на Јужна Кореја соопшти дека ќе забрани публика сè додека епидемијата не биде под контрола, додека Бусан Сити соопшти дека светскиот шампионат во пинг-понг што требаше да се одржи во март, ќе биде одложен до јуни.

Јужнокорејската војска потврди дека 13 војници заболеле од вирусот, што резултираше со карантин за многу други луѓе и со прекин на теренските обуки.

АП

Се затвораат цркви, но се отвораат кладилници.

повеќе

Во повеќето земји во развој, ковид-19 предизвикува економски ураган.

повеќе

Бизнис заедницата која до пред некој месец постојано „трубеше“ како државата не треба да ѝ се меша во работата, веднаш почна да плаче за државна помош.

повеќе