САРС-КоВ-2 ВОК 202012/01

Новиот сој на вирусот не е толку апокалиптичен како што некои го претставуваат

Новиот и позаразен сој на коронавирусот што предизвикува ковид-19 се прошири во повеќе земји низ светот. Но што е различно во врска со овој нов патоген? И треба ли луѓето да почнат да се подготвуваат за тотална апокалипса?

Фото: ЕПА

Ирска денеска го потврди присуството на новиот и високоинфективен сој на коронавирусот, додека и властите во Либан и Јапонија ги забележаа првите случаи што ѝ се припишуваат на оваа варијанта. Во континентална Европа во почетокот на оваа недела Германија и Данска го потврдија присуството на сојот, приклучувајќи им се на Холандија и Италија.

Сè уште не се знае многу за новиот сој - кој го носи впечатливото име „САРС-КоВ-2 ВОК 202012/01“. Но иако секако дека претставува проблем, се чини дека не е толку апокалиптичен како што го претставија некои медиуми.

 

Од каде потекнува?

Се верува дека новиот вид потекнува од Велика Британија, а за прв пат беше откриен таму во септември. Брзо се рашири, а податоците од тестовите во британските лаборатории покажуваат дека во одредени области сега на него отпаѓаат повеќе од две третини од сите случаи на ковид-19.

Брзото ширење на новиот сој го натера британскиот премиер Борис Џонсон повторно да воведе строги рестриктивни мерки во големи делови на земјата, практично откажувајќи го Божиќ за милиони лондончани и за другите на југоистокот. Повеќе од 50 земји забранија патување од и кон Велика Британија, но откако вирусолозите предвидоа пораст на новооткриените случаи во нови земји во наредните денови, ЕУ ги повика своите членки да ги укинат ограничувањата за патувања во Велика Британија.

 

Што е ново кај овој сој?

Главниот фактор што го издвојува новиот сој од неговиот претходник е неговата инфективност. Иако е тешко да се утврди колку точно е пренослив, премиерот Џонсон постојано тврди дека тој сој е 70% поинфективен од постојниот вид, цитирајќи ги лекарите од Кралскиот колеџ во Лондон и владината Советодавна група за закани од нови респираторни вируси.

Откако владата ги објави таквите застрашувачки бројки, медиумите „се пуштија во промет“. Сан го опиша новиот вид како „кошмар пред Божиќ“, додека Метро го нарече „мутантен ковид“. Дури и повоздржаниот Фајненшл тајмс рече дека научниците се „растревожени“ од ширењето на „ковидниот мутант“.

Сепак, доказите за зголемена преносливост сѐ уште се штури, а некои лекари сметаат и дека нема доказ дека новиот сој побрзо се шири. „Не видовме докази што го поткрепуваат тоа тврдење“, рече оваа недела професорот по микробиологија Хју Пенингтон за шкотски Сан. Други, меѓу кои и германскиот вирусолог Кристијан Друстен, изјавија дека сè уште нема доволно податоци за да се заклучи дали новиот сој навистина е попренослив.

Исто така, се појавија и некои конкретни тврдења за новиот сој, на пример дека тој полесно се пренесува меѓу децата. Ова тврдење неделава го изнесе професорот Нил Фергусон од НЕРВТАГ, но додаде дека „ќе треба да се направат повеќе истражувања на оваа тема пред да се извлечат заклучоци“.

 

Колкава закана претставува новиот сој?

Површно гледано, идејата за мутиран вирус може да предизвика тревога. Сепак, варијантата на коронавирусот што преовладуваше пред овој нов сој сама по себе беше мутација на оригиналниот патоген што се појави пред една година во Вухан, Кина. Откако стигна во Европа во февруари, вирусот мутираше во сој познат како „Д614Г“, кој потоа стана доминантен вид низ целиот свет. Еден друг сој, А222Б, набргу потоа избувна во Шпанија и сега сочинува до седум проценти од примероците во Европа.

Кога се појави „Д614Г“, научниците предупредија дека тој може да биде девет пати позаразен од вуханскиот сој. За среќа, никогаш не се докажа дека ова предупредување се остварило.

Сите вируси мутираат и обично притоа стануваат поблаги. Шефот за вонредни ситуации на Светската здравствена организација Мајк Рајан неделава на виртуелен брифинг изјави дека ваквите мутации се „нормален дел од еволуцијата на вирусот“.

Во моментов нема докази дека новата варијанта е посмртоносна од постојната. Велика Британија, на пример, во четвртокот објави нешто повеќе од 39.000 новозаразени со ковид-19, над пет пати повеќе од најлошиот ден во првиот бран во април. Сепак, беа евидентирани 574 смртни случаи, дупло помалку од бројката во неколку дена во април.

 

Дали вакцините ќе нѐ штитат од него?

Во моментов, сите согласно велат да. Меѓутоа, ако вирусот продолжи да мутира, постои опасност тој да научи како да ги избегне трите вакцини што моментално се достапни на запад. Вирусот на грипот се менува толку редовно што секоја година се пуштаат нови вакцини против грип за да им се спротивстават на најновите приспособувања на вирусот.

Досега, коронавирусот нема мутирано доволно брзо за да предизвика загриженост за ефикасноста на вакцината. Производителите на лекови „Фајзер“ и „Модерна“ во моментов ги тестираат своите вакцини против новиот сој, додека германската фирма „Бионтек“, која разви вакцина заедно со „Фајзер“, оваа недела соопшти дека новата формула може да биде склопена за шест недели доколку е потребно.

Сепак, вирусот теоретски може да продолжи да мутира и да држи чекор пред производителите на вакцини. „Овој вирус потенцијално е на пат да ѝ избега на вакцината, тој ги направи првите неколку чекори кон тоа“, изјави за Би-би-си професорот од универзитетот Кембриџ Рави Гупта. „Ако оставиме да продолжи да мутира, тогаш почнете да се грижите“.

Меѓутоа, дури и со заканата од понатамошни мутации, научниците во Велика Британија тестираат експериментален коктел од антитела за кој велат дека може да спречи секој што е изложен на коронавирусот да развие ковид-19. Произведен од Универзитетскиот колеџ Лондон хоспиталс и британско-шведската фирма за лекови АстраЗенека, третманот ветува дека веднаш ќе му даде имунитет на секој што е изложен на патогенот. За вакцините, од друга страна, може да биде потребен до еден месец за да се добие целосен имунитет.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Формирањето на платформа за прекугранична соработка за борба против аерозагадувањето има потенцијал вистински да придонесе за намалување на загадувањето на воздухот во нашата земја.

повеќе

 Еврообврзница во услови на најголемата светска економска криза за репрограмирање на долгот и буџетска поддршка.

повеќе

Повикот на Заев за „Влада за национален спас“ само три дена откако неговиот кабинет ја доби собраниската доверба, покажува дека таа тешко би се качила над сегашните 62 пратеници.

повеќе