Новиот премиер на Израел: ултранационалист, милионер, командос

Нафтали Бенет (49), кој во неделата положи заклетва како нов израелски премиер, претставува олицетворение на голем број противречности што го карактеризираат Израел, според АП.

Фото: ЕПА

Бенет е ортодоксен Евреин, ултранационалист што заработи милиони во примарно секуларниот високотехнолошки сектор, се залага за населување Евреи на окупираните територии, а живее во Тел Авив и некогаш му беше сојузник на својот претходник Бенјамин Нетанјаху, кого по 12-годишно владеење го смени со помош на центристите и левичарите, вели АП.

Неговата ултранационалистичка партија Јамина на изборите во март освои само седум места во Кнесетот, кој има 120 пратенички места, но Бенет успеа да се наметне како лидер на новата политичка коалиција.

Тој се противи на независна палестинска држава и силно се залага за изградба на еврејски населби во окупираниот Западен брег и во источен Ерусалим, што повеќето Палестинци и значителен дел од меѓународната заедница го сметаат за голема пречка за мирот.

„Тој е лидер на десницата, ги застапува екстремните ставови во однос на безбедносната политика, но во исто време е многу прагматичен“, вели Јоханан Плеснер, шеф на Израелскиот институт за демократија и долгогодишен познаник на Бенет, кој служел воен рок со него.

Воена служба, милионер на 33 години

Патот кон политиката, како и многу други израелски политичари, го одвел Нафтали Бенет преку вооружените сили. Бенет, чие семејство емигрирало од Сан Франциско во Израел, шест години служеше во специјалните единици на израелската армија.

Воената служба на Бенет остана контроверзна тема во јавноста со години откако тој ги напушти специјалните единици. Како офицер на специјалните сили, Бенет во Априлската војна во 1996 учествуваше во артилериските напади врз либанското село Кана, во кои беше уништен главниот штаб на трупите на Обединетите нации и беа убиени повеќе од сто цивили.

По завршувањето на воената служба во 1996 година, Бенет почнал да студира право во Њујорк, основал софтверска компанија и брзо почнал да профитира. Неколку години подоцна, прометот на компанијата беше проценет на 145 милиони долари. На 33-годишна возраст Бенет стана финансиски обезбеден.

„Можев до крајот на животот да седам на Карибите и да пијам коктели“, рече Бенет.

Дете на имигранти

Роден е во израелскиот град Хаифа, а неговите родители се имигранти од Сан Франциско. Денес живее во богато предградие на Тел Авив со својата сопруга Гилат и нивните четири деца. Студирал право на Еврејскиот универзитет во Ерусалим, а во приватниот бизнис влегол во 1999 година кога ја основал компанијата Тоиота. Потоа се преселил во Њујорк, продавајќи ѝ ја својата софтверска компанија на американската безбедносна фирма РСА во 2005 година за 145 милиони долари.

Бидејќи дел од детството поминал во Соединетите Држави, течно зборува англиски со американски акцент, а животот во таа земја влијаел врз неговите ставови и тој е релативно либерален на теми како што се правата на хомосексуалците и односот меѓу религиите во земјата во која ортодоксните рабини имаат силно влијание.

Политичка кариера

Кариерата ја почна како шеф на кабинетот на Нетанјаху по Либанската војна во 2006 година, во која Бенет го загуби својот најдобар пријател. Две години беше еден од најблиските соработници на политичарите од партијата Ликуд, но непосредно пред Нетанјаху да биде реизбран за шеф на владата во 2009 година, Бенет ја прекинува соработката со него и се дистанцира од својот ментор.

Бенет остро го критикуваше конзервативниот премиер, кој по американскиот притисок се изјасни за запирање на изградбата на еврејските населби на окупираниот Западен брег. Како претседател на чадор-организацијата Населби, тој организираше делотворни протести против овие планови и изврши притисок врз Нетанјаху.

Во пролетта 2012 година амбициозниот политичар го прекина своето членство во Ликуд, најголемата конзервативна партија во Израел, и ѝ се приклучи на национално-религиозната партија Еврејски дом. Само половина година подоцна, оваа мала партија, со само три места во израелскиот парламент Кнесет, го избра за свој претседател.

Под негово водство, еврејскиот дом го прошири своето гласачко тело и доби повеќе пратенички места. Како министер и член на Кабинетот за безбедност, Бенет влезе во владата на својот ривал - Нетанјаху - во 2013 година.

Шест години откако партијата го избра за свој претседател, тој го напушти движењето и на крајот на 2018 година основа нова парламентарна група во Кнесетот, наречена Нова десница.

За парламентарните избори во 2019 година, Нова десница со Унијата на десни партии се поврза во новиот политички сојуз Јамина, кој потоа гласаше за реизбор на Нетанјаху. Така, есента 2019 година, Бенет повторно влегува во кабинетот на Нетанјаху како министер за одбрана.

Од последните парламентарни избори, на кои Јамина освои седум пратенички места, Нафтали Бенет работи на окончување на ерата на Нетанјаху.

Контроверзии

Течно зборува англиски и одлично се снаоѓа во медиумите. Често се појавува на телевизија и ги брани потезите на Израел. Сепак, одвреме навреме тоа е со контроверзни коментари. Во една дебата еднаш го прекори израелскиот арапски амбасадор: „Додека вие сè уште висевте на гранки, ние тука имавме еврејска држава“.

Формирањето на палестинската држава го нарече „самоубиство“ за Израел, пренесува Би-би-си.

„Дури и ако светот ни изврши притисок, нема доброволно да извршиме самоубиство“, рече тој во 2015 година.

Бенет денес

Бенет денес се залага за единство, а велеше дека нема израелска окупација на Западниот брег затоа што никогаш и немало палестинска држава и дека терористите мора да бидат убиени, а не ослободени, алудирајќи на палестинските затвореници, и дека конфликтот со Палестинците не може да се реши, туку мора да се трпи „како шрапнел во задникот“.

„Избрав да работам за доброто на Израел“, рече Бенет, кој стана првиот ортодоксен премиер на Израел што на главата носи кипа, мала капа со која еврејските верници го покриваат темето.

Бенет досега беше пет пати министер од 2013 година, но никогаш своите изјави не ги претвори во политички проект. Повеќето израелски аналитичари не предвидуваат дека тој ќе биде премиер долго време.

За две години, според коалицискиот договор, на таа функција треба да биде заменет со досегашниот лидер на израелската опозиција, мандатарот за состав на новата влада, Јаир Лапид. Тој е поранешна ТВ-ѕвезда, сега лидер на партијата на центарот Има иднина (Јеш атид).

Тој ја основа таа партија пред десет години, а сега е близу до исполнување на мисијата што си ја постави за соборување на Нетанјаху, израелскиот премиер без конкуренција според должината на мандатот.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Овде нема такво нешто. Има некои чинители што се занимаваат со испишување црвени линии. Не им значи ништо фактот што токму под ова гесло е овозможен најдолготрајниот мир на европскиот континент.

повеќе

Србија продолжува да го негира минатото, при што нејзините политички елити ја користат резолуцијата за да ѝ се спротивстават на Црна Гора и истовремено се надеваат дека овој потег ќе им донесе поголема популарност дома.

повеќе

„И, ако милееме ние за својата Татковина, ако во нас има барем капка македонска крв, ако во нас останала искра благороден патриотизам, овојпат треба да се впрегнеме, за да понесеме дел од тежината на едно дело и од жестокото величие на една епоха“.

повеќе