Ковид-19

Нови строги мерки во Европа: сѐ повеќе земји воведуваат карантин и полициски час (ВИДЕО)

Бројот на заразени со коронавирусот во светот вчера ја надмина границата од 40 милиони луѓе, пишува Ројтерс.

Фото: ЕПА

САД, Индија и Бразил остануваат трите земји што се најпогодени од ковид-19.

Европа во моментов сочинува 17 проценти од сите заразени лица во светот и скоро 22 проценти од сите жртви на ковид. Повеќе од 150.000 луѓе се заразуваат во Европа секој ден. Многу земји, вклучувајќи ги Италија, Холандија, Германија, Австрија, Полска, Украина, Кипар и Чешка, објавија рекордни дневни податоци за заразата со коронавирусот.

Европските земји повторно ги заоструваат мерките, воведуваат делумно затворање, а Франција воведе и полициски час. 

Италија воведува нови ограничувања, им дава посебни овластувања на градоначалниците

Италијанскиот премиер Џузепе Конте им даде на градоначалниците овластувања што им дозволуваат во 21 часот да ги затвораат плоштадите за да го спречат собирањето на поголем број граѓани како дел од новите мерки против ковид-19.

Во неделата, бројот на новозаразените нагло се зголеми, достигнувајќи нов рекорд од 11.705 случаи. Бројот на смртните случаи поврзани со ковид-19 се искачи на 69, од 47 во саботата, соопшти Министерството.

„Ситуацијата е критична. Владата ќе го стори своето, но сите граѓани мора да го сторат истото“, истакна премиерот Конте на прес-конференцијата во неделата.

Тој исто така истакна дека владата е решена да избегне повторено општо затворање, како тоа што беше воведено во почетокот на кризата во март.

Новите мерки вклучуваат затворање на обложувачниците од 21 часот и прекинување на аматерските спортски натпревари и саеми, а по дополнителните проверки на безбедносниот протокол владата ќе размисли за затворање на спортските сали и базените, најави премиерот.

Се планира и пофлексибилна работа на државната администрација, со зголемено потпирање на технологијата, а училиштата треба да ја реорганизираат наставата за да се избегне метеж во јавниот превоз.

Рестораните и другите угостителски објекти ќе можат да останат отворени до полноќ, но по шест часот попладне ќе им биде дозволено да ги опслужуваат само гостите што седат.

Мерките што ги воведува Ирска се едни од најстрогите во Европа

Ирскиот премиер Мајкл Мартин во понеделникот го потврди враќањето на земјата на највисоко ниво на ограничувања во борбата против коронавирусот, што ќе трае шест недели.

Нивото на ограничувања поврзани со ковид-19 се зголемува од сегашното 2 на највисоко ниво (5), потврди Мартин.

Мерките, кои стапуваат во сила од среда на полноќ, се едни од најстрогите во Европа и ќе вклучуваат затворање на продавниците за малопродажба, освен за основните потреби, ограничување на патувањето на граѓаните на пет километри од своите домови, а рестораните и пабовите ќе вршат само достава.

Училиштата ќе останат отворени, а градежните работи ќе продолжат.

„Во настојувањето да го сузбиеме вирусот, го воведовме она што веројатно е најстрогиот европски режим“, рече Мартин во телевизиско обраќање, две недели откако го отфрли тогаш изненадувачкиот апел од здравствените власти да се премине на ниво 5, а министрите првпат се спротивставија на нивните препораки.

„Владата одлучи дека доказите за потенцијално тешка состојба што треба да се појави во следните недели сега се премногу силни“, рече Мартин.

Тешко погодената Северна Ирска минатата недела ги затвори училиштата на две недели, а рестораните на четири недели, иако повеќето продавници сѐ уште се отворени. Во Велс граѓаните се повикани да останат дома две недели.

Во неделата, по петти пат во рок од девет дена, Ирска го сруши својот рекорд со бројот на регистрирани случаи за еден ден и ја има 12-та, највисока стапка меѓу 31 европска земја што ги следи Европскиот центар за контрола на болести.

Дел од Баварија во карантин

Жителите на областа Берштесгаденер Ланд во Баварија од денес две недели не смеат да ги напуштат своите домови без оправдана причина, соопштија тамошните власти во понеделникот.

Оваа област во Германија така стана првата што се враќа во карантин, кој првично беше воведен во април.

Бројот на случаи со коронавирусот во областа порасна, со стапка на зараза од 272,8 на 100.000 жители во текот на седум дена.

„Забраната за излез за која се одлучивме ќе важи 14 дена“, рече на прес-конференција министерката за земјоделство на Баварија, Михаела Канибер.

Училиштата, рестораните, баровите, театрите, спортските сали, кината и хотелите во Берштесгаденер Ланд, каде што живеат околу 106.000 жители, ќе бидат затворени, но мисите се дозволени.

Во Словенија ноќен полициски час, забрана за миси и свадби

Со цел да се спречи ширењето на инфекцијата со ковид-19, словенечката влада го намали бројот на луѓе на едно место од десет на максимум шест, а забраната за движење во текот на ноќта од 21 до 6 часот ќе биде воведена од вторник навечер.

Покрај тоа, се забрануваат сите јавни настани, верски церемонии и свадби низ целата земја.

Од денес на полноќ, со некои мали исклучоци, забрането е движењето надвор од матичните региони, а законски е прецизирана и можноста за преминување на државната граница.

Синоќа словенечката влада прогласи состојба на епидемија на ковид-19 за целата земја, која ќе биде во сила во наредните 30 дена, своевидна вонредна состојба, со можност за натамошно заострување на веќе важечките епидемиолошки мерки и ограничувања.

Австрија од петок ќе воведе нови мерки

Поради зголемениот број новозаразени, Австрија од петок воведува построги мерки против ширењето на коронавирусот, пред сѐ поврзани со правилата за собирање, објави во понеделникот владата во Виена.

„Ние сме свесни дека овие мерки се непопуларни, но се неопходни“, рече австрискиот канцелар Себастијан Курц по состанокот на владата.

Тој објасни дека во следните месеци ќе бидат потребни напори од сите австриски државјани за да се контролира ширењето на вирусот.

„Тоа ќе бидат вонредни месеци, но колку повеќе сме обединети и колку повеќе поединци ги следат мерките, толку подобро ќе поминеме низ оваа фаза“, рече Курц и додаде дека доколку Австрија не го запре трендот на зголемување на бројот на нови случаи, ќе се соочи со бројката од 6.000 новозаразени на ден.

„Ќе мора да сториме сѐ што можеме за да спречиме нова блокада“, заклучи австрискиот канцелар, презентирајќи ги построгите мерки: во иднина е дозволено собирање на максимум шест лица во затворено и дванаесет на отворено. Ова важи и за угостителските објекти, каде што рестораните и гостилниците со повеќе од 50 места треба да усвојат посебен безбедносен концепт.

За одлуките за ограничување на работното време на угостителските објекти, за кои се дискутираше последниве денови, се оставени на федералните држави, кои можат да реагираат во зависност од развојот на ситуацијата.

Исклучок од ова правило се погребите, каде што бројот на насобраните сè уште е ограничен на 500 луѓе.

Професионално организираните собири во затворен простор се ограничени на 1.000, а на отворено на 1.500 луѓе.

Од петокот, покрај сегашните мерки за носење маска, одржување дистанца и хигиенски правила, важат и построги концепти во институциите што ги посетуваат ранливите групи на население, како што се домовите за стари лица.

Велс воведува двонеделна блокада

Велс в петок ќе воведе двонеделна блокада, па сите освен неопходните работници ќе мора да останат дома за да се борат против брзото ширење на вториот бран на коронавирусната зараза.

Премиерот на Велс, Марк Дрејкфорд, рече дека разбира дека луѓето се уморни од ограничувањата, но мерките се неопходни затоа што единиците за интензивна нега веќе се пополнети.

„Сите во Велс ќе мора да останат дома“, изјави Дрејкфорд пред новинарите. „Ако не дејствуваме сега, тоа ќе продолжи да забрзува“, додаде тој.

Карантинот стапува во сила в петок и ќе трае до 9 ноември. Сите освен неопходните работници ќе работат од дома.

Малопродажните мрежи, угостителите, туристичките претпријатија и верските институции ќе мора да затворат.

Обединетото Кралство евидентира 16.982 случаи на коронавирусот, соопштија властите во неделата. Велс забележа 950 случаи, а во почетокот на октомври имаше околу 400.

Чешка ги заостри правилата за носење маски на отворено

Чешка во понеделникот одлучи дека ќе биде задолжително да се носат маски на отворено во некои ситуации, бидејќи бројот на заразени во земјата драматично расте.

Новите правила ќе се применуваат од среда во повеќе населени места во градовите и општините, рече министерот за здравство Роман Примула по состанокот на владата во понеделникот.

Исклучоци се можни ако може да се одржи растојание од повеќе од 2 метри.

Покривањето на устата и носот веќе е задолжително во затворен простор, а од неодамна носењето маска е задолжително во автомобил доколку во него има лица што не живеат во ист дом.

Бројот на заразени лица во Чешка нагло се зголемува во последните неколку недели.

Во последните 14 дена во Чешка се заразени 858,6 лица на 100.000 жители, покажуваат најновите податоци на Европскиот центар за контрола и превенција на болести, што е највисоко меѓу земјите на ЕУ.

Чешката војска во понеделникот почна да гради привремена полска болница во Прага.

Од почетокот на епидемијата повеќе од 1.500 луѓе во Чешка починаа како резултат на зараза со коронавирусот. Чешка има нешто помалку од 10,7 милиони жители. Заразени се 178.000 луѓе.

Шпанските региони ги засилуваат мерките против ковид, бројот на заразените се приближува до 1 милион

Неколку шпански региони во понеделникот ги зајакнаа ограничувањата за коронавирусот, обидувајќи се да го скротат вториот бран, кој наскоро може да ѝ донесе на Шпанија над еден милион заразени од почетокот на пандемијата.

Властите во регионот Кастилја и Леон најавија дека од вторник ќе го затворат градот Бургос и околниот Аранда де Дуеро за сите освен за итни патувања, откако бројот на заразените во регионот надмина 500 случаи на 100.000 луѓе.

„Ситуацијата е слична на онаа во март или април“, изјави градоначалникот на Бургос, Даниел де ла Роса, за телевизијата ТВЕ, потсетувајќи на почетокот на пандемијата, кога Шпанците беа затворени во своите домови за да спречат ширење на коронавирусот.

Арагон, кој во текот на летото имаше неколку жаришта поради земјоделските работници што доаѓаа од странство во Шпанија, воведе ограничувања во баровите и рестораните и забрани продажба на алкохол во продавниците помеѓу 22 часот и 8 часот наутро.

Регионалната здравствена шефица Сира Реполес рече дека регионот е многу близу до воведување ограничувања на движењето во регионалниот центар Сарагоса.

Минатата недела Каталонија нареди 15-дневно затворање на баровите и рестораните.

Франција воведе полициски час и прогласи вонредна состојба

Француската влада во средата донесе извршна наредба за воведување вонредна здравствена состојба, што стапи во сила на полноќ во саботата на 17 октомври, на целата територија на државата поради влошената состојба на епидемијата на ковид-19.

„Полицискиот час се воведува на четири недели и ќе одиме во парламентот за да го продолжиме до 1 декември. Шест недели е време за кое сметаме дека ќе биде корисно“, рече Емануел Макрон во телевизиско интервју.

Од овој викенд е воведен полициски час од 21 до 6 часот по средноевропско време во неколку поголеми градови во земјата каде што епидемијата брзо се шири, како што се Париз и околината, Марсеј, Лион, Монпелје, Лил и Тулуз.

Ова значи дека рестораните, баровите, театрите и кината ќе затвораат во 21 часот.

„Повеќе нема да одиме во ресторани по 21 часот, нема да одиме со пријателите на прослави затоа што знаеме дека повеќето луѓе се заразуваат во такви прилики“, рече претседателот.

На Белгија ѝ се заканува „цунами од нови случаи“

Белгија наскоро би можела да биде преплавена со нови случаи на зараза со ковид-19, предупреди белгискиот министер за здравство, додека бројот на заразени нагло расте низ целата земја.

Франк Ванденбрук рече дека новите случаи се скоро како „цунами“, во кое властите „изгубија контрола врз она што се случува“.

Во понеделникот стапија во сила нови мерки во обид да се запре ширењето на болеста, а сите барови и ресторани беа затворени на четири недели.

Белгија беше една од најтешко погодените земји во Европа во првиот бран на почетокот на оваа година. Земјата има трета највисока стапка на смртност поврзана со ковид во светот на 100.000 жители, пред само Перу и Сан Марино, според Универзитетот Џон Хопкинс.

Од понеделник, според новите владини мерки за спречување на ширењето на инфекцијата, на граѓаните ќе им биде дозволено да бидат во контакт со само едно лице надвор од нивните домаќинства и доколку е можно, треба да работат од дома.

Полицискиот час е во сила од полноќ до пет наутро за следниот месец, а продажбата на алкохол е забранета од 20 часот.

Ванденбрук рече дека ситуацијата во главниот град Брисел и на југот на земјата е „најопасна во цела Европа“.

Владата „има само една порака за јавноста: заштити се себеси, заштити ги своите најблиски, за да не се заразите“, изјави тој за телевизијата РТЛ.

Според белгискиот здравствен институт „Сиенсано“, во последните седум дена Белгија има просечно по 7.876 заразени на ден, што е за 79% повеќе од претходната недела. Минатиот вторник, во земјата беа регистрирани 12.051 нов случај во текот на 24 часа.

Полска отвора привремена болница на Националниот стадион во Варшава

Полска планира да отвори привремена болница на националниот стадион во Варшава во екот на епидемијата на коронавирусот и преоптоварениот здравствен систем, соопшти владата во понеделникот.

Полска постави нови дневни рекорди во бројот на заразени во последните неколку недели, а лекарите пријавија недостиг од персонал, болнички кревети и опрема.

„Во саботата премиерот нареди подготовки за првата привремена болница, која ќе биде лоцирана на националниот стадион“, изјави Михал Дворчик, одговорен за проектот, за Радио Зет.

Болницата лоцирана во салите на стадионот ќе има кревети за 500 пациенти со ковид-19, со можност за проширување на 1.000 легла. Првите кревети најверојатно ќе бидат достапни оваа недела.

Дворчик рече дека и другите области ќе работат на формирање привремени болници.

Тој додаде дека владата нема намера да ги затвора гробиштата и да ги спречи луѓето да патуваат низ целата земја на 1 ноември, Денот на сите светци, кога милиони Полјаци ги посетуваат семејните гробници.

Неделава владата ги повика граѓаните да останат дома и нареди затворање на спортските сали и базените, ограничувајќи го работното време на рестораните и префрлајќи се на учење на далечина за сите универзитети и средни училишта.

Владата вели дека се обидува да избегне целосен карантин, но експертите велат дека тоа би можело да биде неизбежно доколку ситуацијата стане критична.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Релевантните институции покажуваат неподготвеност да го спроведат долгоочекуваниот попис.

повеќе

Економската стратегија има за цел да се реализираат можностите на дигиталната трансформација, да се зајакне соработката во областа на климатските промени, енергетскиот сектор, човечкиот развој и безбедноста на храната.

повеќе

Во време кога турската лира е во историски пад, Турција мора да надмине бројни предизвици за целосно да закрепне од кризата.

повеќе