Еден сосема поинаков страв

Новата маска: бранот на глобален револт заменет со страв од вирус

Додека 2019 ѝ отстапуваше место на 2020 во облак од солзавец, а во некои случаи и рој од куршуми, од Хонг Конг до Багдад, од Бејрут до Барселона и Сантијаго, се чинеше дека граѓанската непослушност и владините задушувања на протестите ќе доминираат во меѓународниот пејзаж. Потоа дојде коронавирусот.

Протестите, кои обично се состојат од големи собири, беа угасени. Улиците преполни со десетици илјади гласни демонстранти во голема мера се пусти. Маските што се носеа за заштита од солзавец сега се носат за заштита од вирусот. Еден сосема поинаков вид страв се појави во протестните табори и низ целиот свет.

Глобалните немири минатата година опфатија три континенти, поттикнати од локални проблеми, но одразувајќи ја светската фрустрација од растечката нееднаквост, корумпираните елити и неисполнетите ветувања. Целиот свет гледаше слики од еуфорични демонстранти во Хонг Конг, Бејрут и Барселона како се претепувани, а во некои случаи, и убивани од полицијата.

На повеќето од овие места, протестите исчезнаа уште пред почетокот на епидемијата - комбинација од страв и замор што води кон резигнираност или апатија. Ширењето на новиот коронавирус во некои случаи им даде на властите средство за целосно задушување на протестите.

Но движењата не се готови. Дури и со паниката и со изменетото секојдневие што го зафаќаат светот, некои продолжуваат да демонстрираат, инсистирајќи дека тие жртвувале премногу за да се откажат. Бидејќи основните причини за уличните револти главно се нерешени, оние преживеани остатоци на крај може пак да букнат.

 

Познатите маски за лице

Демонстрантите во Хонг Конг ги направија маските за лице симбол на револтот, носејќи ги за да се заштитат од солзавецот и да ги прикријат своите идентитети од властите.

Истите овие маски сега се широко распространети низ целиот свет - ги носат луѓе од Кина и Иран, до Италија и Америка, кои сакаат да се заштитат од коронавирусот.

Во Хонг Конг, кон крајот на минатата година големите антивладини протести што на моменти привлекуваа и по стотици илјади демонстранти почнаа да слабеат.

Но продолжуваат да изникнуваат помали собири, главно за одбележување на годишнината од клучни инциденти за време на минатогодишните демонстрации, поради одбивањето на градската лидерка Кери Лам да ги исполни повеќето од барањата на движењето.

„Движењето што почна минатиот јуни, и покрај тоа што повеќе не е редовно на насловните страници, сè уште живее, а Хонг Конг останува во криза“, напиша Џефри Васерстром, историчар за модерна Кина на Универзитетот во Калифорнија, Ирвин.

Справувањето на владата со вирусот е уште една од долгиот список на поплаки на демонстрантите, рече тој.

Поплаките се состојат од изборот на места за карантин, одбивањето на Лам целосно да ја затвори границата со Кина и оставањето жители на Хонг Конг во деловите погодени од вирусот во Кина, иако некои минатата недела се вратија дома.

Во Чиле, протестите што привлекоа стотици илјади луѓе што бараа социјални реформи кон крајот на минатата година драстично ослабеа за време на летните месеци на јужната хемисфера. Оние што никогаш не се отсутни се маскираните тврдокорници што насилно се судираат со полицијата.

Тие се нарекуваат „првата линија“ на одбрана на другите демонстранти од полициската репресија.

И покрај проширениот коронавирус, Карлос Доносо, 30-годишен уметник за тетоважи, вели дека нема да престане да протестира.

„Може да го фатиш во диско, во вежбална, во супермаркет. Многу поважно е ова што го правиме сега“, рече тој.

Во Индија, стравот од вирусот немаше речиси никакво влијание врз 85-дневното протестно седење предводено од жените во населбата со муслиманско мнозинство Шахин Баг во Њу Делхи, сега епицентар на протестите околу спорниот нов закон за државјанство. Стотици жени се менуваат во смени постојано одржувајќи го собирот.

Демонстрантите бараат укинување на законот за државјанство, кој ја забрза натурализацијата на верските малцинства од неколку соседни земји, но не и на муслиманите. Законот предизвика експлозија од насилство и немири во Њу Делхи, при што беа убиени десетици граѓани.

Организаторите велат дека повеќе жени и деца сега учествуваат на протестното седење откако властите ги затвориле сите основни училишта во главниот град поради коронавирусот.

„Ги преземаме и неопходните мерки на претпазливост со тоа што носиме маски“, вели Хена Ахмад, демонстрантка.

Како знак на пресврт, илјадници жени низ Мексико неделава протестираа не одејќи на работа и во училиште, во демонстрација против родово базираното насилство. И климатската активистка тинејџерката Грета Тунберг засега повика на дигитални протести, за да се забави ширењето на коронавирусот.

 

„Подобро да умреме протестирајќи“

Протестните кампови во центарот на Бејрут и Багдад се задушени. Коронавирусот беше последната капка за двете протестни движења, за кои кратко време се чинеше дека всушност можат и да постигнат барем дел од социјалните промени кон кои толку очајно се стремеа.

И двете земји, уништени од долгите конфликти и на работ на економски колапс, избувнаа минатиот октомври во дотогаш невидени, спонтани антивладини револти, повикувајќи на револуционерна промена. „Крадци!“ извикуваа тие опишувајќи ја омразената и корумпирана владејачка класа, која ја обвинуваат за сегашниот очај.

Но нападите од полицијата, расправиите меѓу демонстрантите, економската исцрпеност и желбата за нормалност значително ги намалија митинзите во последните неколку недели.

Демонстрантите во обете држави сега се борат да привлечат демонстранти кај луѓето дополнително загрижени од епидемијата. И ирачката и либанската влада ги повикаа граѓаните да избегнуваат големи собири, иако сè уште не ги забранија протестите целосно.

„Што чекате? Не плашете се од короната, секако умирате од воздухот што го дишете!“, извика една жена во Бејрут, марширајќи заедно со мала група демонстранти, за хроничното загадување на Либан и проблемите со справувањето со отпадот. „Подобро да умрете протестирајќи“.

За да ги охрабрат демонстрантите, Ирачани поставија штанд за стерилизација на плоштадот Тахрир во Багдад за оние што влегуваат во кампот во центарот на нивното движење. Тимови за цивилна одбрана ги стерилизираа плоштадот и Турскиот ресторан, багдадска повеќекатница каде што демонстрантите организираа протестно седење, претворајќи ја во моќен симбол на демонстрациите.

Неодамна, демонстранти со маски на лицата и заштитни одела маршираа на плоштадот Тахрир.

„Демонстрациите можеби ќе ве разболат, но нема да ве убијат“, рече Али Салих (30), кој работи како доброволен болничар за демонстрантите. „Дадовме најмалку 700 маченици и повеќе од 25.000 повредени. Како може ова да заврши без да се исполнат барањата?“

Асошиејтед прес

Објавено

Сабота, Март 14, 2020 - 11:05

Даночните затајувачи сѐ почесто се мали фирми, кои сѐ потешко се следат.

повеќе

Повлекувањето на Обединетото кралство од ЕУ (Брегзит) е правен потфат без преседан во историјата на правото.

повеќе

Изминатата недела имаше бурен почеток со објавувањето на вториот сет мерки. Се изнаслушавме разно-разни коментари, предлози и видувања кои никако не би можело да се рече дека се засновани на прецизни анализи и предвидувања на надлежните институции во државата, со кои располагаме, НБРСМ и МФ.

повеќе