Вашингтон пост

Нов Зеланд не само што ја израмни кривата, тука и ја смачка

Додека другите западни земји се обидуваат да ја забават болеста и да ја „израмнат кривата“, Нов Зеланд се обиде целосно да ја искорени. А политиката не е вмешана во ништо: опозицијата не ги критикува активностите на владата - туку ѝ помага.

Поминаа помалку од две недели откако Нов Зеланд воведе толку строги изолации поради коронавирусот што ги забрани пливањето на плажа и ловот во дивина. Тоа не се неопходни активности, рекоа властите и им порачаа на жителите да не прават ништо што би можело да ги пренасочи ресурсите на итните служби.

Луѓето шетаат и возат велосипед строго во своите населби; наредени во редици на растојание од два метри пред продавниците за храна додека чекаат еден да влезе, еден да излезе; и придружувајќи им се на огромните делови на светот во откривањето на каприците на домашното школување.

Потребни беа само 10 дена за да се појават знаците дека овдешниот пристап - „елиминација“, наместо „спречување на ширењето“ како во Соединетите Држави и другите западни земји - функционира.

Бројот на новите случаи паѓа два дена по ред, и покрај огромното зголемување на тестирањето, а вчера имаше пријавено 54 потврдени или веројатни случаи. Тоа значи дека бројот на лицата што оздравеле, 65, го надминува бројот на дневните новозаразени.

„Знаците се оптимистични“, рече во вторникот Ешли Блумфилд, генералниот директор за здравство на Нов Зеланд.

Брзите резултати доведоа до повици да попуштат забраните, барем малку, за време на четиридневниот велигденски празник, особено со доаѓањето на летото.

Но премиерката Џасинда Ардерн е непоколеблива дека Нов Зеланд ќе го комплетира четиринеделниот карантин - два целосни 14-дневни инкубациски циклуси - пред да попушти. Сепак, таа на велигденските маскоти им даде посебна дозвола да работат за време на викендот.

Како Нов Зеланд толку брзо ја стави под контрола својата епидемија?

До пред еден месец властите не мереа температура на аеродромите и едноставно препорачуваа 14-дневна изолација, вели Вашингтон пост.

Но откако коронавирусот ја разори Италија и почна да се шири во Соединетите Држави, оваа земја, силно зависна од туризмот (прима околу 4 милиони меѓународни посетители годишно, скоро колку што е нејзиното вкупно население) го направи претходно незамисливото: на 19 март ги затвори границите за странците.

Два дена подоцна, Ардерн одржа телевизиско обраќање од својата канцеларија (прв пат од 1982 година, кога беше одржан говор во стилот на Овалната канцеларија) објавувајќи итен план за реакција на коронавирусот, во кој беа вклучени четири фази, при што Ниво 4 беше целосен карантин.

Наредниот ден ѝ се јавија група влијателни лидери од земјата и побараа итно преминување на Ниво 4, загрижени од тоа што се случуваше во Италија и Шпанија

На 23 март, понеделник, Ардерн се обрати уште еднаш и ѝ даде на земјата 48 часа за да се подготви за карантин на Ниво 4. „Во моментов имаме 102 случаи“, рече таа. „Но и Италија некогаш имаше толку“.

Од таа среда вечер, сите мораа да останат дома четири недели, освен ако не работат неопходна работа, како што е здравствена заштита, или одат во супермаркет, или вежбаат во близина на својот дом.

На телефоните на граѓаните стигнуваа пораки: „Однесувај се како да имаш ковид-19. Ова ќе спаси животи. Ајде да направиме сè за да се обединиме против ковид-19“.

Од најраните фази, Ардерн и нејзиниот тим зборуваа со едноставен јазик: Останете дома. Не контактирајте со никого надвор од „меурот“ на вашето домаќинство. Биди љубезни. Сите заедно сме во ова.

Обично ова таа го прави од подиумот за прес-конференции, од каде што разговара за сè, од цената на карфиолите до субвенциите за плати. Но таа редовно дава нови информации и одговара на прашања на Фејсбук, како тогаш кога го стори тоа од дома - можеби од својот кревет - облечена во блузон.

Имаше и критичари и бунтовници. Полицијата ги бркаше сурферите качени на брановите. Министерот за здравство беше фатен во планински велосипедизам и во прошетка со семејството до плажа. Ардерн јавно го казни и рече дека ќе го отпуштела ако тоа не ги нарушеше активностите што се преземаат за кризата.

Но постои чувство за колективна цел. Полициската телефонска линија за неитни случаи е преоптоварена со луѓе што се јавуваат да „пријават“ дека некои други ги кршат правилата.

Политиката не е вмешана во ништо. Централно-десничарската Национална партија очигледно донела одлука да не ги критикува активностите на владата - туку да ѝ помогне.

Овие напори се чини дека се исплаќаат.

По пикот од 89 на 2 април, дневниот број на новозаразените се намали на 67 во понеделникот и 54 во вторникот. Огромно мнозинство од заразените се поврзани со меѓународни патувања, што го олеснува трагањето по нивните контакти, а многумина се групирани во лесно забележливи групи.

Бидејќи нема многу докази за пренесување во рамките на заедницата, Нов Зеланд нема огромен број луѓе што ги преплавуваат болниците. Почина само едно лице, постара жена со веќе постојни здравствени проблеми.

Почетното бавно темпо се претвори во „триумф на науката и лидерството“, рече Мајкл Бејкер, професор по јавно здравје на Универзитетот во Отаго и еден од најдобрите епидемиолози во земјата.

„Џасинда на ова му пристапи решително и недвосмислено и се исправи пред заканата“, рече Бејкер, кој се залага за пристапот на „елиминација“ уште откако го прочитал извештајот на Светската здравствена организација од Кина во февруари.

„Во другите земји се цели кон постепено зголемување на случаите, но нашиот пристап е токму спротивното“, рече тој. Додека другите западни земји се обидоа да ја забават болеста и да ја „израмнат кривата“, Нов Зеланд се обиде целосно да ја искорени.

Некои американски лекари побараа од администрацијата на Трамп да го следи пристапот на елиминација.

Во случајот на Нов Зеланд, тоа што е мала островска држава го олеснува затворањето на границите. Исто така, помага земјата честопати да се чувствува како село каде што секој се знае со секого, така што пораките можат да патуваат брзо.

Следниот предизвик на Нов Зеланд: откако ќе се елиминира вирусот, како да остане така.

Владата нема да може да им овозможи на луѓето да влегуваат во Нов Зеланд сè додека вирусот не престане да циркулира на глобално ниво или не се развие вакцина, вели Бејкер. Но со строга контрола на границите, забраните би можеле постепено да се олеснат, а животот во Нов Зеланд би можел да се врати во нормала.

Ардерн изјави дека нејзината влада размислува за задолжителен карантин за Новозеланѓанците што се враќаат во земјата по карантинот. „Јас навистина сакам непропустлив систем на нашата граница“, рече таа оваа недела, „и мислам дека можеме повеќе да се потрудиме за тоа“.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе