Њујорк тајмс: Вакцинацијата е маркетинг триумф на авторитарниот Вучиќ

Србија со години беше обележана од бруталната улога која ја имаше во ужасните балкански војни во текот на 1990-те, но сега е облеана од успехот во една добра војна – во битката за вакцинација на своето население, пишува Њујорк тајмс, но истакнува дека успехот во вакцинацијата би можел на земјата да ѝ се врати како бумеранг.

EPA-EFE

Американскиот весник пишува дека Србија ги престигна многу побогатите и подобро организирани држави во Европа за на своите граѓани да им понуди не само бесплатна вакцинација, туку и им овозможи да бираат меѓу пет различни вакцини.

Наспроти тоа, Европската Унија не бележи добри резултати во вакцинацијата, со големи надежи положени на вакцината на Астра Зенека. Таа стратегија наиде на ѕид оваа недела кога клучни земји од овој блок, меѓу кои Германија и Франција, го прекинаа вакцинирањето со оваа вакцина поради можниот ризик од згрутчување на крвта.

Успехот на Србија затоа е маркетинг триумф на сè поавторитарната власт на претседателот Александар Вучиќ, пишува за Њујорк тајмс Ендрју Хигинс. Тој така го поправи и својот и имиџот на Србија, по пат ослабувајќи ја и онака измачената опозиција и добивајќи нов пресврт во сложената геополитика на вакцинацијата.

„Некогаш ќе ми кренете споменик!“, предвиде Вучиќ минатиот месец. Тој се пофали дека успеал да обезбеди евтини резерви на кинеските вакцини преку добрите лични односи со кинескиот лидер Си Џинпинг.

Наместо да влече кон Истокот или Западот во обидот да обезбеди дози, Србија тргна во набавка каде што можеше, склучувајќи договори за 11 милиони дози со Русија и Кина, чии производи не се одобрени во ЕУ, но и со западните фармацевтски компании.

Првиот договор беше склучен со Фајзер во август за 2,2 милиони дози, а потоа следеа договорите за милиони дози од Кина и Русија. Колку сето тоа е платено останува тајна, иако министерот за здравство Златибор Лончар во едно интервју порача дека цените биле „многу поповолни од каде било во светот“.

Опозициските политичари ги изразија своите сомнежи во овие оценки и прашуваат дали таинственоста е само маска за корупцијата. Но, дури и најголемиот критичар на Вучиќ, лидерот на најголемата опозициска партија Драган Ѓилас, призна: „Направи добра работа со вакцините“. Ѓилас минатиот месец беше вакциниран со руската вакцина Спутник V.

Резултат на сето ова е фактот дека Србија стана европски лидер во вакцинацијата, веднаш зад Британија.

Премиерката на Србија Ана Брнабиќ успехот го припиша на одлуката „ова да го третираме како здравствено прашање, а не политичко“. „Преговаравме со сите, без оглед дали се од Западот или Истокот“, кажа таа.

Кажа и дека Србија и понатаму сака да биде членка на ЕУ, но додава дека прописите на Унијата се многу строги. „Во време на пандемија, ние мораме да бидеме пофлексибилни“, кажа Брнабиќ.

Њујорк тајмс потсетува и дека Србија ќе стане првата европска држава која ќе ја произведува кинеската вакцина на Синофарм.

Спремноста на Србија да ги прифати вакцините кои не се од Западот би можело да ѝ се врати како бумеранг ако се утврди дека се неефикасни. Синофарм, потсетува американскиот весник, за разлика од западните вакцини, не објави детални податоци од 3 фаза на истражувањата. Податоците кои се објавени укажуваат дека вакцината е помалку ефикасна од западните производи.

Многу Срби, охрабрени од вакцинацијата, го спуштија гардот во борбата со заразата. Дневниот број на новозаразени е повеќе од удвоен од почетокот на февруари, поради што власта нареди затворање на сè освен продавниците за храна и аптеките.

И покрај тоа, Србија ужива во неочекуваната улога на пример за ефикасност.

Кој сака да се вакцинира во Србија, треба само да пополни онлајн формулар и да избере која вакцина сака да ја прими – Фајзер, Спутник, Синофарм, Модерна и Астра Зенека.

Србија дури успеа да им подели голем број вакцини на земјите од соседството, потсетува весникот.

Сепак, Њујорк тајмс пишува дека неуспехот на ЕУ во вакцинацијата разочарал многумина кои во Србија веруваат во членство во овој блок.

„Утнаа во најкритичниот момент“, вели епидемиологот Зоран Радовановиќ. Според него, Вучиќ ги ограничувал медиумските слободи и ги малтретирал оние кои го критикуваат.

„За разлика од толкуте други прекршени ветувања и лажни изјави, ова не е само пропаганда. Вакцините се вистински. Ги имаме“, кажа Радовановиќ.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Незабележливите разлики во нашето однесување кои се дел од психолошката манипулација на социјалните мрежи се предизвикани од надзорниот капитализам и ја нарушуваат демократската култура и личната автономија.

повеќе

После десетици години се решава холдингот, неданочните давачки и царинските тарифи значајни за бизнисот.

повеќе

Целиот свет гледа на 2021 година како на година на заздравување на економијата.

повеќе