Њујорк тајмс: Руската војска, некогаш трошна, сега е модерна и смртоносна сила

Значително надградената војска стана клучна алатка во надворешната политика на Владимир Путин, додека тој си ја испробува моќта низ целиот свет и, најопасно, на границата со Украина, вели Њујорк тајмс.

Фото: ЕПА

Во првите години од мандатот на Владимир В. Путин како руски лидер, војската беше шуплива, но нуклеарно вооружена лушпа.

Се мачеше да ги одржи подморниците на Арктикот и да го контролира бунтот во Чеченија. Високите офицери порано живееја во мувлосани станови полни со стаорци. А наместо чорапи, лошо обучените војници често си ги обвиткуваа нозете во партали, како што правеле нивните советски и царски претходници.

Две децении подоцна, на границата со Украина е насобрана сосема поинаква борбена сила. Под водството на Владимир Путин, таа е трансформирана во модерна софистицирана војска, способна да се распореди брзо и со смртоносни ефекти во конвенционалните конфликти, велат воените аналитичари. Има прецизно наведувано оружје, новоуредена командна структура и добро нахранети и професионални војници. И сѐ уште има нуклеарно оружје, вели американскиот весник.

Модернизираната војска изникна како клучно оружје во надворешната политика на Путин: заземањето на Крим, интервенцијата во Сирија, одржувањето на мирот меѓу Ерменија и Азербејџан и поддршката на лидерот што ѝ е пријател на Русија во Казахстан. Сега е во екот на својата најамбициозна и најозлогласена операција досега: користење закани и потенцијална сила за враќање на Украина во сферата на влијание на Москва.

„Мобилноста на војската, нејзината подготвеност и нејзината опременост се она што ѝ овозможува на Русија да врши притисок врз Украина и Западот“, рече Павел Лузин, руски безбедносен аналитичар.

„Нуклеарното оружје не е доволно“, додаде тој.

Тоа е најголемиот влог на Путин - да ја искористи војската за да ја врати Русија во центарот на глобалната сцена, што таа го загуби на крајот од Студената војна. Путин ја користи оваа доктрина од 2018 година, кога го искористи својот годишен говор за состојбата на нацијата за да открие ново нуклеарно оружје што може да лета 20 пати побрзо од звукот.

„Никој не нѐ слушаше“, рече Путин во своето обраќање, кое вклучуваше видеосимулација на која се гледаше руска ракета како се движи кон САД.

„Сега слушајте нѐ“, рече тој.

Денес, обновата на конвенционалните сили е она што ѝ дава адут во украинската криза.

Тенковите Т-72Б3 што се наоѓаат на границата со Украина имаат нов термален оптички систем за ноќна борба, како и наведувани проектили со двојно поголем дострел од другите тенкови, според Роберт Ли, ветеран на американските маринци и доктор на Кралскиот колеџ во Лондон, кој е и руски воен експерт.

Крстосувачките ракети „калибр“ распоредени на бродовите и подморниците во Црно Море и ракетите искандер-М распоредени долж границата можат да погодат цели речиси насекаде во Украина, рече Ли.

Во последната деценија, руските воздухопловни сили набавија повеќе од 1.000 нови авиони, се вели во написот на Алексеј Криворучко, заменик-министер за одбрана од 2020 година. Ова ги вклучува најнапредните ловци во земјата, СУ-35Ц, а ескадрила од овие единици е распоредена во Белорусија пред заедничките воени вежби следниот месец.

Новите способности беа евидентни во руската интервенција во Сирија во 2015 година. Не само што беа ефикасни, туку и некои од американската војска ги затекнаа неспремни.

„Непријатно ми е да признаам, бев изненаден пред неколку години кога ракетите калибр полетаа од Касписко Море, погодувајќи цели во Сирија“, рече генерал-полковникот Бен Хоџис, поранешен командант на американската војска во Европа.

„Тоа беше изненадување за мене, не само способностите, туку не ни знаев дека ги има“, додаде тој.

Размислувањето на Кремљ исто така еволуираше во однос на големината на вооружените сили. Војската помалку се потпира на сѐ помалиот број регрути, а повеќе на намаленото, но добро обучено јадро од околу 400.000 војници по договор.

Овие војници имаат подобар третман. За време на посетата на Министерството за одбрана во декември, Путин се пофали дека просечниот поручник сега заработува нешто повеќе од 1.000 долари месечно, што е подобро од просечната плата во другите сектори. Федералната влада, додаде тој, троши околу 1,5 милијарди долари за субвенционирање на приватни станови за членовите на службата.

А сите руски војници сега мора да имаат дебели воени чорапи.

Она што е ново не е само надградената опрема на Русија, туку и теоријата за тоа како Кремљ ја користи. Војската го усоврши пристапот што Дмитриј Адамски, експерт за меѓународна безбедност на Универзитетот Рајхман во Израел, го нарекува „присила на повеќе домени“ - мешање на вистинската употреба на сила, или закана со неа, со дипломатија, сајбер-напади и пропаганда за постигнување политички цели.

Оваа комбинирана стратегија се применува во актуелната криза околу Украина. Русија бара итни отстапки од Западот. Движењето на руските трупи во сојузничката Белорусија доведе до потенцијална сила за инвазија во близина на Киев, главниот град на Украина. Руските државни медиуми предупредуваат дека украинските сили се тие што подготвуваат акти на агресија.

А на 14 јануари хакери урнаа десетици веб-страници на украинската влада и на една од нив објавија порака: „Плашете се и очекувајте го најлошото“.

„Гледате некој сајбер, гледате дипломатија, гледате воени вежби. Сите се поврзани по дизајн“, рече Адамски.

Фото: ЕПА

Не се сите сили распоредени долж украинската граница најнапредните руски сили. Оние што се натрупани на северот имаат постаро оружје и главно се таму за да ги заплашат и истрошат украинските ресурси, рече Алексеј Арестович, поранешен украински воен разузнавач, кој сега е политички и воен аналитичар.

Подобро опремените и помодернизирани единици, рече тој, се преселија во областа во близина на отцепената покраина во источна Украина, каде што Русија во 2014 година покрена сепаратистичка војна, која продолжува и денес, пишува Њујорк тајмс.

Воената модернизација на Русија, исто така, сѐ повеќе има цел да испрати порака до Соединетите Држави, проектирајќи ја моќта надвор од источна Европа, фрустрирајќи ги, а понекогаш и изненадувајќи ги американските претставници.

На руските воени транспортни авиони, на пример, им требаа само неколку часа за да почнат да превезуваат околу 2.000 руски мировници, заедно со тешки оклопни возила, во Јужен Кавказ, откако Путин посредуваше да ѝ се стави крај на војната меѓу Азербејџан и Ерменија во 2020 година.

Во Сирија, каде што Русија интервенираше во 2015 година, користејќи разорни воздушни сили и ограничени копнени трупи за да го заштити претседателот Башар ал Асад, напредокот на Русија покажа дека може ефикасно да примени прецизно наведувано оружје, што е предност што долго време западните оружени сили ја имаа пред Русија.

Русија ја користеше војната во Сирија, велат експертите, како лабораторија за усовршување на тактиките и вооружувањето и за стекнување борбено искуство за повеќето свои сили.

Повеќе одговорности им се префрлени на офицерите од пониско ниво, степен на автономија што е во спротивност со структурата на цивилната влада во Путиновата ера. Министерот за одбрана Сергеј Шојгу минатиот месец рече дека сите команданти на копнените трупи, 92 отсто од пилотите на воздухопловните сили и 62 отсто од морнарицата имаат борбено искуство.

И покрај сите свои достигнувања во последниве години, руската војска ја задржа критичната слабост на својот советски претходник: цивилната страна на економијата на земјата, речиси лишена од високотехнолошко производство и корпоративни инвестиции во истражување и развој. Трошоците за војската изнесуваат далеку поголем процент од бруто-домашниот производ отколку во повеќето европски земји, што ги изгладнува другите сектори.

Кога украинската војска собори руски извидувачки беспилотни летала, на пример, откри електроника и мотори купени од компании за дронови во Западна Европа, се вели во извештајот објавен од Конфликт армамент рисрч, компанија со седиште во Британија, специјализирана за следење на вооружувањето.

Аналитичарите велат дека Русија има малку нови системи за оружје што се создадени комплетно од темел. Голем дел од нејзината модернизација се состои од реновирана постара опрема.

„Комплиментот што мора да ѝ го упатиме на Русија е дека таа е сила што учи и се приспособува“, рече генералот Филип М. Бридлав, кој беше командант на НАТО во времето на војната во Украина во 2014 година.

„Секогаш кога ќе ги видиме во конфликт, тие стануваат сѐ подобри“, додаде тој.

Сега се верува дека средствата за електронско војување на Русија, кои може да се користат за пресретнување или прекинување на непријателските комуникации и соборување беспилотни летала од земја, се далеку попосупериорни во однос на американската војска, велат аналитичарите.

Реториката на Кремљ сè повеќе ја претставува Русија како заглавена во егзистенцијален конфликт со Западот. Инвестирањето во војската беше придружено со милитаризација на руското општество под водство на Путин, зајакнување на концептот за татковина опкружена со непријатели и можност за претстојна војна.

Сите овие случувања, велат аналитичарите, му отежнуваат на Западот да го спречи Путин да ја нападне Украина, ако тој е одлучен да го стори тоа.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе

Колку и да сакаме Украинците да добијат целосна правда, на ерата на славни војни, несомнени победи и чисти порази ѝ дојде крајот. 

повеќе

Македонскиот народ мора да ја заштити автокефалноста на својата Македонска православна црква - Охридска архиепископија, како еден од носечките елементи на неговиот идентитет, од сите загрозувања од Фанар, од СПЦ и другите меѓународни црковни и други чинители. Време е за нов Македонски црковно-народен собир, како во 1945 година.

повеќе