„Болтон го буцка Трамп“

Њујорк тајмс: Разузнавачите велат дека најагресивните потези не доаѓаат од Техеран, туку од Вашингтон

Додека администрацијата на Трамп подготвува воени планови против Иран поради тоа за што вели дека е закана за американските војници и интереси, висок британски воен претставник во вторникот на новинарите во Пентагон им рече дека не гледа зголемен ризик од Иран ниту од сојузничките милиции во Ирак или во Сирија.

Неколку часа подоцна Централната команда на САД објави необична критика: Коментарите на британскиот официјален претставник, генерал-мајорот Крис Гика, кој е и заменик-командант на коалицијата за борба против ИСИС предводена од Америка, се „спротивни на информациите за идентификуваните веродостојни закани до кои дојдоа разузнавачите од САД и од сојузниците во врска со силите поддржани од Иран во регионот“.

Оваа ретка јавна кавга го истакнува централниот проблем за администрацијата на Трамп додека се обидува да собере сојузници и да го сврти светот против Иран, вели Њујорк тајмс.

Изминатава година Вашингтон велеше дека Иран ги загрозува интересите на САД на Блискиот Исток, поттикнувајќи агресија од шиитските милиции во Либан, Ирак и Сирија, доставувајќи им проектили на бунтовниците Хути во Јемен и дозволувајќи им на нивните поморски сили да се однесуваат воинствено во Персискиот Залив. Ова се причини за загриженост за кои Иран е критикуван со години.

„Свесни сме за нивното присуство и ги следиме заедно со цела низа други активности, поради околината во која живееме“, рече генералот Гика.

Но „Не, нема зголемена закана од силите поддржани од Иран во Ирак или во Сирија“, додаде тој.

Разузнавачките и воените претставници во Европа, како и во САД, велат дека во изминатава година најагресивните потези не доаѓаат од Техеран, туку од Вашингтон, каде што советникот за национална безбедност, Џон Р. Болтон, го подбуцнува претседателот Трамп да го втера Иран во ќош, вели Њујорк тајмс.

Анонимен американски функционер рекол дека новите разузнавачки информации за зголемената иранска закана се „ситна работа“ и дека не го заслужуваат военото планирање раководено од Болтон. Тој рече и дека крајната цел на едногодишната кампања за економски санкции од администрацијата на Трамп е да се вовлече Иран во оружен конфликт со САД.

Од мај 2018 година, администрацијата на Трамп се повлече од договорот на големите сили што ја ограничуваше иранската нуклеарна програма, повторно воведе санкции за Техеран, побара од сојузниците да изберат меѓу иранската нафта и правењето бизнис на американскиот пазар и ја прогласи Исламската револуционерна гарда за терористичка организација.

Антииранскиот притисок се покажа како неприфатлив дури и за сојузниците, кои се сеќаваат на слична кампања против Ирак, која беше делумно водена и од Болтон и беше поттикната од лажни тврдења дека Садам Хусеин има оружје за масовно уништување.

Неделава напорите на државниот секретар Мајк Помпео да ги регрутира европските земји да го поддржат челичниот став на администрацијата за Иран беа примени со студенило.

Во понеделникот во Брисел Федерика Могерини, шефицата за надворешни работи на Европската Унија, повика на „максимална воздржаност“ по состанокот со Помпео, кој е поборник на кампањата за „максимален притисок“ против Иран.

Ирачките официјални лица изјавија дека се скептични кон американските разузнавачки информации што минатата недела ги претстави Помпео на ненадејното патување во Багдад. Помпео рече дека заканата била кон американските „објекти“ и воен персонал во Ирак.

Во септември претставниците на администрацијата на Трамп ги обвинија шиитските милиции поврзани со Иран дека испукале неколку ракети во областа во близина на американската амбасада во Багдад и американскиот конзулат во Басра. Немаше повредени, но Помпео нареди конзулатот во Басра да се затвори.

Приватно, неколку европски претставници рекоа дека Болтон и Помпео вршат притисок врз несвесниот Трамп преку серија чекори што би можеле да ги постават САД на пат кон војна пред претседателот и да го сфати тоа, вели Њујорк тајмс.

Некои од критичарите на претседателот признаваат дека Иран продолжува со она што официјалните претставници на Соединетите Американски Држави го нарекуваат „малигно однесување“, било да е тоа во Јемен, Сирија или на палестинските територии. Но тие ја обвинија администрацијата дека го влошила ќор-сокакот со Техеран.

„Ова е криза што е целосно произведена од администрацијата на Трамп“, вели Вали Р. Наср, деканот на Школата за напредни меѓународни студии Џон Хопкинс.

Тој посочува на одлуката на Трамп да се повлече од нуклеарниот договор со Иран во мај 2018 година, заедно со неуспехот на администрацијата да ги натера другите нации да го сторат тоа.

„Ниту еден од другите потписници на договорот не беше убеден во тезите на САД“, рече Наср. „И токму затоа политиката на оваа администрација кон Иран, на фундаментално ниво, нема кредибилитет“.

Овој недостиг од доверба се покажа како главна пречка во убедувањето на сојузниците дека иранското однесување во регионот е гаранција за воена акција.

„Болтон го правеше истото со претседателот Џорџ В. Буш и Ирак“, рече минатата недела пратеникот Сет Мултон, демократ од Масачусетс и воен ветеран во Ирак. „Како некој што четири пати бил испратен во таа погрешна војна, јас ја видов цената на катастрофалната надворешна политика на Болтон на начин на кој тој никогаш нема да ја види - од прва рака, и со загуба на илјадници американски животи“.

Една од поголемите причини за загриженост е тоа што администрацијата на Трамп го издаде најширокиот тип предупредување до Иран, без поставени конкретни црвени линии, вели Њујорк тајмс. Тоа ги зголеми шансите за воен конфликт поради погрешни толкувања и погрешни процени.

Иранските лидери, пак, во соопштенијата реагираа како со воинственост, така и со дипломатска воздржаност на серијата американски акции што тие ги сметаат за провокативни. Во твит во вторникот, иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, ги исмеваше Болтон и тројцата антиирански странски лидери на Блискиот Исток како „тим Б“.

„Во интервјуата во април предвидов 'инциденти' - не затоа што сум генијалец - туку затоа што Тимот Б толку бесрамно го следи сценариото на амбасадорот Џон Болтон“, рече Зариф. „Впрочем, половина од Тимот Б беа коавтори на катастрофалната војна во Ирак“.

Едно современо демократско општество се разликува од тоталитарното токму по тоа што јавната критика е основно полемичко право и должност на медиумите.

повеќе

Македонските граѓани конечно го гледаат крајот на илузијата што им се продава од осамостопјувањето до денес.

повеќе

Министерот за финансии не треба да е кум, баџанак, шура, братучед или самиот тој, бидејќи треба да даде отпор на честите политички, но не и економски барања на членовите на владата.

повеќе