Со или без одобрување од САД

Њујорк тајмс: Израел повторно размислува за напад врз Иран

Израелските власти во моментов ја разгледуваат можноста од воен удар врз Иран, со или без одобрување од САД, пишува Њујорк тајмс.

Тие веруваат дека претседателот на САД Доналд Трамп би можел да донесе одлука да не се спротивстави на таквиот напад за разлика од својот претходниот Барак Обама, пишува во написот во кој се наведуваат детали од односите на двете земји сојузнички соочени со Исламска Република Иран во текот на последната деценија.

„Повторно, по повеќе од една деценија откако за првпат ја отворија таа тема со американските функционери, израелските власти ја разгледуваат можноста за унилатерален напад врз Иран. За разлика од (Џорџ В.) Буш и Обама, уверувањето е поголемо дека Трамп нема да стои на патот“, се наведува во извештајот кој се бави со настојувањата на САД и Израел да го спречат Иран во развојот на нуклеарно оружје.

Не се прецизира меѓутоа кои мети сега Израел разгледува да ги нападне но се додава дека „јастребите во Израел и Америка минаа повеќе од деценија залагајќи се за војна против нуклеарната програма на Исламска Република“.

Се наведува дека можеби станува збор за блеф и дека војната се спомнува поради претстојните избори во Израел во септември „и опасниот спој на интереси: американскиот претседател кој често се колеба да употреби воена сила и премиерот на Израел кој би да се позанимава со незавршената работа“.

Поранешниот амбасадор на САД во Израел Ден Шапиро оцени дека е многу поизвесно дека „Трамп би му дал на Нетанјаху зелено светло да го нападне Иран отколку што Трамп самиот би го нападнал“, оценувајќи дека тоа е голем ризик.

Израел активно се подготвуваше за напад врз иранските објекти со години и во 2012 беше многу блиску да го изведе, наведува американскиот весник.

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху во август изјави за Њујорк тајмс дека „недвосмислено“ би одобрил напад тогаш, но дека ја немал неоходната поддршка од владата.

Многубројни актуелни и поранешни високи функционери опишаа за весникот дека Нетанјаху ѝ се заканувал на администрацијата на Обама дека ќе го изврши нападот.

Тој притисок, како што тврдат некои соговорници на весникот, го натерал претседателот на САД да ги збрза преговорите со Техеран кои на крајот доведоа до нуклеарниот договор на големите сили со Иран во 2015.

Така Нетанјаху несакајќи го поттикнал Обама да го промовира договорот на кој тој со сите сили му се противеше.

Други, меѓутоа, мислат дека израелскиот притисок немал значителна улога.

Загриженоста на Белата куќа за можен израелски напад доведе до тоа во Израел често да се испраќа по еден американски функционер за да обезбеди тоа да не се случи.

Израел сепак се приближил до изведувањето на нападот повеќе отколку што порано се мислеше, наведува Њујорк тајмс.

Кабинетот на Нетанјаху денес потврди за израелските медиуми дека Нетанјаху мислел на потесниот состав на владата, задолжен за безбедноста, кога кажал дека повеќето министри не го поддржале па затоа се откажал.

„Да имав мнозинство ќе го направев тоа. Недвосмислено“, кажал Нетанјаху.

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе