Низа непознаници за короната се разоткриени, но некои работи сè уште не знаеме

Ковид-19 е дел од нашите животи денес, шест месеци откако Светската здравствена организација прогласи пандемија. Тоа е непријател за кој научивме многу, иако никој не го знае одговорот на прашањето што нè чека оваа есен и зима.

Фото: Роберт Атанасовски

ШТО СÈ УШТЕ НЕ ЗНАЕМЕ

Дали епидемијата повторно ќе се разгори?

Поради големото мешање на луѓето во текот на летото, по укинувањето на пролетниот карантин, бројот на заразени во Европа нагло расте.

Така е во Франција, Шпанија и Велика Британија, како и во многу други земји, иако не се работи за нивоа како тие што беа во екот на епидемијата во март и април.

„Илјадници нови инфекции на ден, тоа е многу. Многу е загрижувачки“, оцени францускиот министер за здравство Оливие Веран за радиото Франс Интер во вторникот.

Ако продолжи вака, Велика Британија ќе доживее „бурен период во следните месеци“, изјави за Би-би-си Џонатан Ван-Там, еден од функционерите во британските здравствени власти.

Зголемувањето на бројот на заразени автоматски ќе доведе до потешки случаи за неколку недели, предупреди Веран. Но прашањето е до кој степен?

Испекувајќи се од првиот бран, многу лекари стравуваат дека болниците и одделите за интензивна нега оваа есен ќе бидат пренатрупани како во март. Вирусот сега кружи претежно меѓу младите луѓе, кои не се ризична група, но постарите лица и оние со послабо здравје неизбежно ќе бидат погодени, предупредуваат тие.

Други, помалку песимистични, сметаат дека ризикот од преоптоварување на болниците е помал отколку во пролетта, бидејќи луѓето што им припаѓаат на ризичните групи ги почитуваат епидемиолошките мерки.

Најголемите оптимисти сметаат на имунитетот стекнат во првиот бран, надевајќи се дека тој ќе спречи втор бран и ќе овозможи да се избегне повторување на мартовската катастрофа. Но тоа е само претпоставка.

Сепак, сите инсистираат на важноста на придржувањето кон епидемиолошките мерки како што се носење маски, често миење раце и почитување на дистанцата.

 

Реинфекции и имунитет

Неколку случаи на луѓе што оздравеа од коронавирусот, а потоа повторно се заразија се регистрирани во последните неколку недели низ целиот свет, предизвикувајќи прашања во врска со трајноста на имунитетот.

Првиот ваков потврден случај беше 30-годишник од Хонг Конг, кој беше потешко болен првиот пат отколку вториот.

Експертите сметаат дека ова е зрак надеж и знак дека неговиот имунолошки систем научил да се брани по првата инфекција.

Тие, сепак, нагласуваат дека не може да се извлечат заклучоци од само неколку случаи и дека вистинското прашање не е дали некој може да се зарази двапати, туку колку е заразна личноста вториот пат.

Општо, имунитетот против ковид-19 сè уште е слабо разбран. Научниците се многу фокусирани на антителата, но се надеваат и дека еден друг вид имунолошки одговор, заснован на Т-лимфоцитите, би можел да ја запре епидемијата. Но тоа е само теорија.

 

ВО ШТО НЕ СМЕ СИГУРНИ

Улогата на децата

Учебната година почна во многу земји, но сè уште не е познато точно каква улога играат децата во ширењето на епидемијата.

Едно е сигурно: тие ретко се разболуваат од ковид-19. Повеќето развиваат само лесна форма на болеста или воопшто немаат симптоми.

Но не е познато дали тие се заразни како и возрасните.

„Кога ќе се појават симптоми, децата лачат исто количество на вирусот како и возрасните и се исто толку заразни. Не е познато до кој степен асимптоматските деца можат да заразат други“, изјави Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ).

Неколку студии покажаа дека децата ретко ја пренесуваат болеста, можеби затоа што имаат помалку симптоми (бидејќи кашлањето или кивањето го зголемуваат ризикот од пренесување на вирусот).

Сепак, многу експерти предупредуваат дека децата треба да се разликуваат од адолесцентите, кои по заразноста се слични како и возрасните.

 

Вакцина: брза и добра, дали е можно?

Наоѓањето ефикасна и безбедна вакцина се смета за најдобриот начин да се запре пандемијата. Но не е познато кога тоа ќе се случи, и покрај многубројните најави за нејзино скоро добивање во глобалната трка со огромни финансиски влогови.

Во својот последен извештај од средата, Светската здравствена организација (СЗО) набројува 35 потенцијални вакцини што се во фаза на клинички испитувања на луѓе низ целиот свет.

Девет од нив се во последната фаза или ќе бидат наскоро. Ова е т.н. третата фаза при проверка на ефикасноста на вакцината кај илјадници волонтери.

Соединетите Држави, Русија и Кина водат битка на далечина и ги забрзуваат процедурите со надеж дека први ќе ја развијат вакцината, дури и пред крајот на оваа година.

Но експертите предупредуваат да не се мешаат брзината и брзоплетоста, бидејќи прескокнувањето на фазите може да предизвика проблеми со безбедноста на вакцините.

Колку е важно почитувањето на процедурата покажува примерот на еден од најнапредните проекти, спроведен од лабораторијата „АстраЗенека“ и Универзитетот во Оксфорд, кој во вторникот беше привремено запрен. Причина: појавата на „потенцијално необјаснива болест“, можеби сериозен несакан ефект на вакцината, кај еден учесник во студијата.

Европската агенција за лекови (ЕМА) смета дека „би можело да потрае барем до почетокот на 2021 година за одредена вакцина против ковид-19 да биде подготвена за одобрување и да биде достапна во доволно количество“ за употреба низ целиот свет.

А во најлош случај, вакцината може никогаш да не биде пронајдена.

 

ШТО ЗНАЕМЕ

Маски и аеросоли

Пресвртот е спектакуларен: маските во март се сметаа за бескорисни, а денес ги препорачуваат повеќето здравствени власти во светот, вклучувајќи ја и СЗО.

Во меѓувреме, откриено е дека ковид-19 многу веројатно се пренесува од ситни честички распрскани во воздухот што го издишуваат заболените (аеросол), а не само со поголемите капки излачени со кивање, кашлање или зборување одблиску, како и со валкани раце.

Сè уште не е познато точно какво учество има ваквиот начин на пренесување на болеста во динамиката на епидемијата, но многу студии велат дека тој е значаен.

Во тој случај, физичкото растојание не е доволно и маската станува неопходна, особено ако сме во затворени простории, со многу луѓе и слаба вентилација. Таквите места сега се сметаат за најризични, а некои земји воведоа задолжително носење маски и на улица.

 

Лекови

Денес повеќе се знае за лековите, благодарение на клиничките испитувања. Само еден вид лек се покажа дека ја намалува смртноста, а тоа се кортикостероидите, кои ги потиснуваат воспаленијата. Но тие се индицирани само за „тешки и критични форми“ на болеста, истакнува СЗО.

Антивирусниот лек ремдесивир го намалува времетраењето на болничкиот третман, но неговата корист е релативно скромна.

Од друга страна, хидроксихлорокинот, препорачан од американскиот претседател Доналд Трамп и во Франција од професорот Дидие Рао, не се покажа ефикасен.

Легенда под Главна слика

Фото: Роберт Атанасовски

Десензитивизацијата на Американците кон вртоглаво зголемениот број на жртви во пандемијата ја оправдува познатата опсервација на Јосеф Сталин: „Една смрт е трагедија; еден милион е статистика “. 

повеќе

Практичната имплементација на владината стратегија „едно општество за сите“, која на хартија има добри намери, е засенета од неуспешната борба против корупцијата и организираниот криминал.

повеќе

Веќе четврта деценија штом општеството се фокусира на македонско-бугарските или македонско-албанските односи, на улиците излегуваат навивачките групи со навредливиот репертоар. Спонтано? Ајде, Ве молам.

повеќе