Ковид-19

Низа драстични мерки низ цела Европа: „Многу граѓани не се свесни што нѐ чека“

Огорченоста расте во Италија, каде што неколку града протестираат против острите мерки, Чешка воведува полициски час од 21 часот, Русија ги затвора локалите во текот на ноќта, во Франција за нови мерки се одлучува во вторник и среда, па е можен и карантин поради вториот „брутален“ пандемски бран.

Фото: ЕПА

Новата низа мерки против ширењето на пандемијата, која властите изгледа дека не ја контролираат, беа тешко прифатени во Италија, која сè уште не е оздравена од пролетната здравствена криза.

Илјадници демонстранти во понеделникот вечерта изразија бес против затворањето на рестораните и баровите од 18 часот и сите театри, киносали и спортски сали во траење од еден месец.

Насилни инциденти се случија во Милано и Торино, два големи града на северот, каде што интервентната полиција одговори со солзавец.

Премиерот Џузепе Конте во вторник треба да претстави мерки за поддршка на секторите и професиите што се најтешко погодени од забраните. Но за огорченоста на претприемачите зборува примерот од гратчето Пезаро, близу Сан Марино, каде што полицијата интервенираше затоа што сопственик на ресторан поканил 90 луѓе на вечера за да покаже дека одбива да го затвори барот во 18 часот.

„Можете да ме уапсите, нема повеќе да го затворам“, рече тој.

 

Чешка воведува полициски час

Другите европски земји се на пат да станат како Чешка, која од среда до 3 ноември ќе воведе полициски час од 21 до 5 часот наутро.

„Не го гледаме падот на заразените што го очекувавме последните денови“, рече министерот за здравство Роман Примула.

Чешка има 1.284 случаи на 100.000 жители во последните 14 дена, најмногу во Европската Унија, според Европскиот центар за контрола и превенција на болести.

 

Русија ги затвора рестораните и баровите ноќе

Русија нареди затворање на рестораните и баровите во текот на ноќта од 23 до 6 часот наутро, со цел да се спречи забрзаното ширење на ковид-19, објави во вторникот новинската агенција РИА.

Во Франција, претседателот Емануел Макрон го свикува Советот за одбрана во вторник на темата ковид-19, а премиерот Жан Кастекс разговара со претставници на политичките партии, работодавците и синдикатите.

 

„Многумина не се свесни што нѐ чека“

„Многу наши сограѓани не се свесни што нè чека“, предупреди во понеделникот Жан-Франсоа Делфреси, претседател на научниот совет што ја советува владата, и призна: „И самите ние сме изненадени од бруталноста (на ширењето на пандемијата) во последните десет дена“.

Исцрпениот медицински персонал изразува сомнеж дали ќе може да издржи. Под услов да остане анонимен, еден анестезиолог-реаниматор од парискиот регион рече: „Повеќе не мислиме што ќе се случи по ковид, туку се прашуваме како ќе преживееме. Понекогаш се прашуваме дали сè уште имаме сила да бидеме лекари и да се соочиме.“

 

„Гладни сме“

Слични трендови има и во Шпанија, каде што покраината Каталонија во понеделникот најави дека размислува за воведување нов карантин за населението за време на викендите. Другите шпански региони ги заострија забраните кога во неделата беше прогласена вонредна состојба.

Забраните се продолжени во Квебек, канадската провинција најтешко погодена од епидемијата со над 100.000 заразени и 6.150 починати од вкупно 217.000 заразени и околу 10.000 смртни случаи низ цела Канада.

Соединетите Држави водат по бројот на починати од ковид - 225.689 жртви, а следува Бразил со 157.397.

Во Нигерија стотици жители на главниот град Абуџа учествуваа во грабеж на магацин со храна наменета за најсиромашните, погодени од коронакризата.

„Ние сме гладни, мора да сфатите“, рече еден од разбојниците со очаен глас. „Има многу храна во земјата, но населението страда. На Владата ѝ е гајле за нас и не ја дели храната од магацинот“.

Австралиската држава Викторија, која летово беше жариште на коронавирусот, во вторникот објави дека не биле пријавени нови случаи во последните 48 часа, првпат по седум месеци. Во Викторија в среда ќе бидат отворени рестораните по повеќе од три месеци блокада.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Каракачанов: На Бугаринот паметот му доаѓа следниот ден...

повеќе

При еден спор, понижувањето не е добро ниту за победникот, ниту за поразениот; ниту за „победникот“, ниту за „поразениот“.

повеќе

Стравот од неизвесноста што ја носи пандемијата од ковид-19 вирусот, бара да се преструктуираме и да го промениме начинот на нашето однесување и работење.

повеќе