Телото брзо ја разградува вакцината

Невозможни се долгорочни несакани ефекти од вакцините, тврдат научниците

„За неколку дена или недели вакцините целосно се распаѓаат и повеќе не се присутни во нашето тело.“

Фото: ЕПА

Во едно неодамнешно интервју за Скај спорт, фудбалската ѕвезда на Германија и на Баерн Џошуа Кимих изјави дека не е вакциниран и дека се двоуми, затоа што нема студии за можните долгорочни последици од вакцинацијата.

Тоа е аргумент што често се слуша од оние што сѐ уште се немаат вакцинирано – во Германија тоа е секој четврти граѓанин.

Некои од нив на социјалните мрежи се повикуваат токму на стравот од долгорочните последици од вакцината.

Несаканите ефекти и алергиските реакции веднаш по примањето на вакцината се исклучително ретки, како тромбозата или миокардитисот неколку недели по вакцинацијата.

Но што е со можните последици што би можеле да дојдат подоцна?

Дојче веле дава одговори на најважните прашања, врз основа на достапните научни сознанија.

Кои се разликите помеѓу реакциите на вакцината, несаканите ефекти и долгорочните последици?

Реакциите на вакцината обично се јавуваат веднаш по вакцинацијата и може да траат неколку дена. Во случајот со вакцините против ковид-19, тоа се болка на местото на инјектирање, температура или главоболка. Овие реакции на телото укажуваат дека имунолошкиот систем реагира на вакцината.

Несаканите ефекти се посилни реакции на вакцината. Тие се „несакана реакција на телото што се јавува покрај сосема нормалната реакција на вакцината“, вели за ДВ Кристине Фалк, претседателка на Германското имунолошко друштво и професорка на Институтот за трансплантациона имунологија во Хановер.

Тие се посериозни од вообичаените реакции на вакцината, а во најлош случај може да доведат до штета што има долгорочни последици врз здравјето. Со вакцината против ковид веќе се откриени многу ретки несакани ефекти како што се церебрална венозна синусна тромбоза (ЦВСТ) или миокардитис (воспаление на срцевиот мускул).

Мошне користениот термин „долгорочни последици“ не може да се одвои од несаканите ефекти на вакцинацијата. Тоа едноставно се нус-појави од вакцината што се јавуваат по одредено време. На пример, ако еден несакан ефект се јави само кај еден од милион луѓе, таа поврзаност е видлива дури откако ќе се вакцинираат неколку милиони луѓе.

Предноста на вакцината против ковид е што до денес се инјектирани повеќе од 6,8 милијарди дози низ светот - така што дури и ретките несакани ефекти може брзо да се забележат.

„Бидејќи толку многу луѓе веќе се вакцинирани, а многумина вакцината ја примиле пред многу месеци, сега со сигурност знаеме какви несакани ефекти се можни“, изјави за ДВ имунологот Рајнхолд Ферстер.

Што е со случаите на тромбоза по вакцинацијата со Астразенека?

Ова е редок несакан ефект, кој имунолозите го открија дури откако беше пуштена во употреба вакцината Астразенека, вели Ферстер. Имаше некои тешки случаи на згрутчување на крвта на различни или невообичаени места (на пример, во мозокот, како церебрална венозна синусна тромбоза).

„Клиничките испитувања може да ги покажат почестите реакции на вакцината, но за жал не и ретките, поради релативно малиот број случаи“, објаснува имунологот Фалк. Затоа, овој несакан ефект е забележан дури по издавањето одобрение за употреба на Астразенека.

Според австралиските здравствени власти, тромбоза се јавува само кај четири до шест од милион луѓе вакцинирани со Астразенека.

Според германскиот Федерален централен институт за здравствена едукација, повеќето случаи на тромбоза обично се јавуваат две до три недели по вакцинацијата, најмногу кај луѓе помлади од 60 години. Затоа, од 1 април во Германија оваа оксфордска вакцина се препорачува само за лицата постари од 60 години. Ако несаканиот ефект се открие доволно рано, може да се лекува.

Колку време е потребно за вакцината да се распадне во телото?

Постојат два различни типа на вакцини одобрени во ЕУ: иРНК-вакцини од Бајонтек/Фајзер и Модерна и векторски вакцини како Астразенека и Џонсон&Џонсон. Ваквите класични вакцини ги вклучуваат и руски Спутник и кинеска Синофарм.

За двата типа вакцини, „за неколку дена или недели вакцините целосно се распаѓаат и повеќе не се присутни во нашето тело“, објаснува Фалк.

Вакцините од типот иРНК го содржат нацртот, така да се каже, на конкретна компонента на вирусот - откако ќе се инјектираат, имунолошкиот систем се стимулира и се произведуваат антитела против тој мал дел. Потоа, иРНК повторно целосно се распаѓа, според Бајонтек/Фајзер - и затоа не може да предизвика подоцнежни долгорочни ефекти. „Нема доказ дека би можеле да се појават подоцнежни реакции“, вели Ферстер.

Векторските вакцини, исто така, содржат генетски образец за шилестиот протеин и го стимулираат имунолошкиот систем да произведува антитела. Според Федералниот центар за здравствена едукација, векторите од вакцината се распаѓаат по кратко време - и затоа не може да предизвикаат реакција на телото дури и по долг временски период.

Дали по неколку години се откриени несакани ефекти од претходните вакцини?

Многу редок несакан ефект е забележан со вакцината против свински грип Пандемрикс: нарколепсија, нарушување на спиењето, долго откако таа почна да се применува. Првично, релативно малку луѓе беа вакцинирани, поради што несаканиот ефект беше откриен неколку месеци подоцна, откако се вакцинираа многу луѓе.

Овој несакан ефект повремено се јавувал кај деца и млади луѓе на возраст меѓу четири и 19 години и се јавувал во рок од неколку недели. Врз основа на епидемиолошките студии, се проценува дека два до шест дополнителни случаи на нарколепсија на 100.000 инјектирани вакцини се јавуваат кај деца и адолесценти.

Вакцината повеќе не се користи во ЕУ.

Какви несакани ефекти се пријавени по вакцините против коронавирусот?

Во својот извештај за безбедноста, институтот Пол Ерлих, германска здравствена агенција што ги регулира и истражува вакцините и биомедицината, ги наведува познатите, а сепак мошне ретки несакани ефекти на вакцината против коронавирусот. Тоа се, на пример, миокардитисот - воспаление на срцевиот мускул, и перикардитис - воспаление на срцевото ткиво, при што причинско-последичната врска сè уште не е конкретно разјаснета во случаите што се пријавени до денес. Пријавени се и анафилактични реакции, церебрална венозна синусна тромбоза, синдромот Гилејн-Баре и тромбоцитопенија.

Сите овие несакани ефекти се толку ретки што ризикот од заразување и тешко заболување од коронавирусот е многу пати поголем од ризикот од несаканите ефекти од вакцините.

Нема долгорочни здравствени проблеми поврзани со вакцините против ковид-19

Водечките имунолози во Германија генерално ја исклучуваат можноста за проблеми долги години по вакцинирањето против ковид. Телото реагира на вакцината веднаш или неколку недели подоцна - и тогаш може да развие реакции или евентуално несакани ефекти.

Но долгорочни или подоцнежни ефекти што првпат се јавуваат со години по вакцинирањето, како што се плашат некои скептици, не се можни, според имунолозите со кои разговарал ДВ. Не се познати ни кај другите вакцини бидејќи телото брзо ја разградува вакцината, па таа не може да предизвика никакви трајни реакции.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Во саботата во јавноста го претставивме предлог-ребалансот на Буџетот за 2022 година, откако истиот беше усвоен од страна на Владата.

повеќе

Наспроти сесловенскиот и општоевропскиот карактер на нивната дејност, Кирил и Методиј станале објект на присвојувања уште од средниот век.

повеќе

За пишувањата на Хари Костов за проблемите на државата – ако компетентен човек зборува за нефункционирањето на правната држава, кое има директен одраз врз економијата, не може тоа да се заврши со охридскиот уличен жаргон.

повеќе