Опасно коцкање

За да избегне пораз на изборите, Нетанјаху ризикува да предизвика војна во која не може да победи

Секој израелски премиер - а особено Бенјамин Нетанјаху - разбира дека военото вплеткување со Хезболах, либанското вооружено шиитско движење на северната граница на Израел, е опасно коцкање, особено за време на предизборна кампања.

Шимон Перес беше тој што загуби од Нетанјаху во 1996 година, неколку недели откако поранешниот премиер го разгневи палестинското малцинство во Израел, петтина од населението, со дивјачки напад врз Либан во залуден обид да го подобри својот воен и изборен рејтинг.

Либан се покажа незгоден и за Ехуд Олмерт, откако во 2006 година почна војна што покажа колку се ранливи северните заедници на Израел на ракетите на Хезболах. Последиците од тоа помогнаа да се поплочи победничкиот пат за Нетанјаху и неговиот втор мандат како премиер три години подоцна.

Нетанјаху е соочен со водачот на Хезболах, Хасан Насралах, сиве овие 13 години колку што е на власт. Но за разлика од неговите политички ривали, тој претпочиташе да игра претпазливо со својот либански противник.

Што ги прави уште поизненадувачки неодамнешните напади со беспилотни летала од страна на Израел низ целиот регион, вклучително и во Либан, дури и во контекст на изборите што треба да се одржат следната недела. За време на кампањата, Нетанјаху беше опфатен со уште повеќе обвиненија за корупција.

Според израелските медиуми, двете беспилотни летала испратени над Бејрут кон крајот на минатиот месец имаа цел да уништат опрема набавена од Иран, која ќе му овозможеше на Хезболах да произведува прецизно наведувани ракети.

Тоа беше прв ваков напад на Израел врз либанско тло откако примирјето ја прекина војната во 2006 година. Хезболах и Израел претпочитаа да си ги вежбаат мускулите во соседна Сирија, ослабени по повеќе од осум години војна.

Нападот ги налути лидерите на Либан, при што Насралах предупреди дека Хезболах ќе го собори секое израелско беспилотно летало што ќе го наруши либанскиот воздушен простор. Тој, исто така, вети одмазда, која конечно дојде пред една недела кога Хезболах близу границата пукаше кон израелско воено возило со пет војници. Израел рече дека немало жртви.

Потоа рано во понеделникот Хезболах собори израелско беспилотно летало во јужен Либан. Израелската армија потврди дека дронот бил на „рутинска мисија“ кога, како што рекоа, паднал на либанска територија.

Возвраќајќи на минатонеделниот напад, Израел ги гранатираше позициите на Хезболах, судир што израелските медиуми го опишаа како „за влакно“ избегната ескалација во комплетна војна.

Ниту Израел ниту Хезболах се чини дека не сакаат таков исход. Тие ја разбираат можната голема загуба во жртви и штетни политички последици.

Сепак, се чини дека Нетанјаху потпалува оган што на крај може да му излезе од контрола - и не само во Либан. За време на нападот во Бејрут, израелските беспилотни летала беа во акција и во Ирак и во Сирија.

Прво, Израел погоди зграда во близина на Дамаск, при што загинаа двајца оперативци на Хезболах. Според Израел, тие работеле со иранските сили за да подготват напад со беспилотни летала на Голанската висорамнина, сириска територија припоена од Израел со прекршување на меѓународното право.

Потоа, еден ден подоцна, уште повеќе израелски беспилотни летала - наводно лансирани од Азербејџан - нападнаа складишта со иранско оружје близу ирачко-сириската граница.

Други напади се случија во почетокот од оваа недела кога, наводно, 18 лица беа убиени на сириската страна на границата со Ирак, а уште 21 Ирачанец загинаа еден ден подоцна во експлозија во ирачката провинција Анбар.

Имаше информации за повеќе од шест такви напади од средината на јули. Тие се првите познати израелски напади на територијата на Ирак последниве четири децении.

Заеднички именител во овие различни инциденти, освен израелското прекршување на суверенитетот на сите тие земји, е Иран.

Сè до неодамна, Израел вршеше редовни упади длабоко во сирискиот воздушен простор напаѓајќи го тоа за што велеше дека се долгодострелни прецизни ракети транспортирани преку Сирија, кои Иран ги доставува до Хезболах, неговиот шиитски сојузник во Либан.

Хезболах и Иран ова растечко количество прецизно оружје, способно да гаѓа клучни воени инсталации во Израел, го сметаат за главна пречка во слободата на Израел да ги напаѓа своите соседи.

Во текот на изминатата година, можноста на Израел да напаѓа ракетни конвои додека поминуваат низ Сирија се намали откако Башар Ал Асад си ја врати контролата врз сириската територија и инсталира пософистицирана воздушна одбрана произведена во Русија.

Сега се чини дека Израел ги таргетира двата краја на синџирот на снабдување, од испраќањето на пратките во Ирак до нивниот прием во Либан. Според зборовите на Нетанјаху, Иран „никаде не е имун“.

САД не ги одобруваа постапките на Израел во Ирак, плашејќи се дека локалната реакција може да ги загрози 5.000-те американски војници што се таму и уште повеќе да го турне Ирак во прегратките на Иран. Како одговор на тоа, Пентагон објави соопштение во кое се осудуваат „постапките на надворешните актери што поттикнуваат насилство во Ирак“.

Па што планира Нетанјаху? Зошто ризикува да предизвика опасен судир со Хезболах и да го загуби своето најсилно оружје, поддршката од американската администрација предводена од Доналд Трамп, во овој клучен момент во изборната кампања?

Одговорот може да биде дека тој смета дека нема голем избор.

Истиот викенд кога Израел го почна својот бран на напади низ целиот регион, францускиот претседател Емануел Макрон отиде во неочекувана посета на иранскиот министер за надворешни работи, Мохамед Џавад Зариф, на самитот на Г7 во Бијариц.

Тоа беше дел од напорите на Макрон, и генерално на Европа, да го охрабрат Трамп да ги поправи односите со Техеран, откако САД минатата година се повлекоа од нуклеарната спогодба од 2015 година и ги вратија санкциите. Нетанјаху рече дека тој е заслужен за цврстиот став на американската администрација.

Сега тој е вџашен од очигледната спремност на Трамп да се преиспита, евентуално да ги заштити поморските рути и снабдувањето со нафта во Заливот од проблемите со Иран, баш во време кога американскиот претседател се труди да биде реизбран.

Секој нагол пресврт би бил во остар конфликт со агендата на Нетанјаху. Дома, тој одамна го претставува Иран како најголемиот негативец, решен да направи нуклеарна бомба за да го уништи Израел. Неговиот имиџ на цврст лидер е изграден врз основа на неговиот наводен триумф и во зауздувањето на Техеран и во регрутирањето на администрацијата на Трамп за неговата кауза.

Ако Трамп покаже спремност за зближување со Иран пред денот на гласањето, наративот на Нетанјаху ќе потоне - а обвиненијата за корупција со кои се соочува, најверојатно, пожестоко ќе влијаат врз имагинацијата на јавноста.

Токму затоа, додека патуваше кон Лондон минатиот четврток, Нетанјаху му упати едвај прикриен укор на Трамп: „Сега не е време за разговори со Иран“.

Ова може да е и причината за статијата во Њујорк тајмс минатата недела, која сугерираше дека Израел размислува за ризичен, самостоен напад врз Иран, нешто што Нетанјаху наводно го крчка веќе неколку години.

Претставувајќи ги оваа недела како „нови откритија“, тој, исто така, ги рециклираше старите тврдења за иранска нуклеарна активност што му претходеа на нуклеарниот договор во 2015 година меѓу Техеран и САД.

Секако, Нетанјаху има голем интерес да користи нападите како овие неодамнешниве за да предизвика реакција од Иран во надеж дека ќе ја спречи секоја понуда за преговори од САД.

Тоа е коцкање со високи влогови, кое ризикува да предизвика пожар доколку Нетанјаху се прецени. Ова се очајни времиња за израелскиот најдолготраен, но сè покритикуван премиер.

Автор: Џонатан Кук 

Авторот ја има добиено Специјалната награда за новинарство Марта Гелхорн. Неговите последни книги се „Израел и судирот на цивилизациите: Ирак, Иран и планот за прекројување на Блискиот Исток“ и „Исчезнување на Палестина: Израелското експериментирање со човечкиот очај“

Античкиот грчки филозоф Хераклитус, кој живеел пред Сократ, Платон и Аристотел, е авторот на често користената поговорка „панта реи“ (Panta rei), односно, во превод, поедноставено: ,„сѐ тече, сѐ се менува, ништо не останува исто, нема апсолутна вистина и единствена реалност е повеќегодишно движење“.

повеќе

Интеграциите и буџетски субвенционираната економија и социјала се проектираните теми на кампањата на власта за претстојните избори.

повеќе

Третманот и плаќањето на работникот од кого зависи целиот производствен систем, треба да биде на прво место кај државата и работодавачот. 

повеќе