Неприкосновените странски играчи: Путин и Ердоган имаат одврзани раце во Сирија

Сириските сили, поддржани од Русија, не губеа време за да го искористат ненадејното повлекување на АМериканците од Сирија распредувајќи се длабоко на територијата која е под контрола на Курдите вдолж границата со Турција за помалку од 24 часа откако Вашингтон најави целосно повлекување од тој дел на земјата.

Курдските сили, поранешните сојузници на Вашингтон, соопштија дека ги повикале трупите на сирискиот претседател Башар ал Асад во очајнички обид да ја одбијат офанзивата на Турција, која почна минатата недела откако претседателот Доналд Трамп ја повлече американската војска во потег кој Курдите го нарекоа предавство.

Одлуката на Вашингтон да се откаже од политиката која ја спроведуваше пет години им даде одврзани раце на турскиот лидер Реџеп Таип Ердоган и рускиот претседател Владимир Путин  повторно да го обликуваат бојното поле во една од моментално најсмртоносните војни во светот.

Распоредувањето на сириските сили е особено голема победа за Асад и неговиот најмоќен сојузник Москва, пружајќи им упориште во најголемата преостаната територија во земјата која беше надвор од нивниот досег. Тие сега се соочуваат со турските оружени сили вдолж новата линија на фронтот долга неколку стотици километри.

Сириските државни медиуми пренесоа дека трупите веќе се симнале во Тел Тамер, град позициониран на стратегиски важниот М4 автопат кој оди 30 километри по границата со Турција.

Државната телевизија подоцна ги прикажа жителите како ги поздравуваат сириските сили во градот Аин Иса, кој се наоѓа на другиот дел од автопатот, стотици километри подалеку. Аин Иса се наоѓа на северниот приод на Рака, поранешната престолнина на „калифатот“ на Исламска држава, која курдските сили ја ослободија од екстремистите пред две години во една од најголемите победи на американската кампања.

Брзото распоредување на силите на сириската војска истакнува дека преку ноќ пропаднала стратегијата која во Сирија САД ја спроведуваа во последните пет години. Вашингтон во неделата соопшти дека ги повлекува своите 1.000 војници кои пружаа поддршка од воздух, помош на копно и обука за сириските Курди во борбата против ИСИС од 2014.

Еден американски функционер кажа за Ројтерс дека дипломатскиот тим кој помагал во стабилизирање на територијата заземена од Исламска држава веќе е повлечен. Американските војници се и понатаму во таа зона, но почна раната фаза на нивното повлекување.

Соопштението за американското повлекување следеше само една недела откако Трамп, според мислењето на Курдите, ѝ дал зелено светло на Турција за нападот тргајќи ги американските трупи од границата.

„Откако Американците го напуштија регионот и ѝ дадоа зелено светло за напад на Турција, бевме приморани да разгледаме други опции, а тоа се преговорите со Дамаск и Москва, за да најдеме начин да ги спречиме турските напади“, кажа високиот курдски претставик Бадран Јиа Курд. Тој договорот со силите на Асад го опиша како „прелиминарен воен договор“ и кажа дека за политичките аспекти подоцна ќе се разговара. Британската агенцја наведува дека останува да се види како сега Курдите ќе поминат откако ги пуштија владините трупи во својот регион. Курдските борци почнаа да формираат автономна управа на североистокот на Сирија веднаш по почетокот на конфликтот. Асад сака да ја врати власта во целата земја.

По повлекувањето на САД, Турција и Русија, како и Иран, најважниот блискоисточен сојузник на Асад, остануваат неприкосновени странски играчи во Сирија.

Анкара и Москва предвидуваат дека ќе се избегне конфликтот во Сирија. „Во моментов има многу гласини. Меѓутоа, со контактите преку амбасадите и врз основа на позитивниот пристап на Русија во Кобане, изгледа нема да има проблеми“, кажа Ердоган одговорајќи на прашањето за можен судир со Русија.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков ги отфрли сугестиите дека Русија би можела да се судри со турските сили.

„Не сакаме ни да помислуваме на такво сценарио“, кажа тој.

Државите на ЕУ се заканија дека ќе ѝ воведат санкции на Турција поради офанзивата. Меѓутоа, на состанокот се согласија да не воведуваат ембарго. Земјите членки наместо тоа самите ќе одлучат за ограничувања за продажба на оружје, мерка која се смета за тривијална, бидејќи трговијата со оружје претставува само 45 милиони евра од вкупно 150 милиони евра трговија меѓу Турција и ЕУ.

Силите на антиглобализацијата веќе стануваат доволно моќни да и зададат значаен удар на светската економија. 

повеќе

Не се соочуваме со вооружен конфликт, туку со војна на мисли. Чувството на страв, несигурност или територија по самоубиствен напад, никогаш повеќе не можеш да го вратиш.

повеќе