Нема приближување на ставовите на САД и Русија во Женева

Средбата на американските и руските претставници во Женева не придонесе за приближување на позициите на двете страни за прашањата за Украина и за европските безбедносни прашања – откако Москва ги повторила барањата за кои Вашингтон смета дека не може да се исполнат.

Фото: ЕПА

Венди Шерман, предводничката на американската делегација и заменик државен секретар, по разговорите со претставниците на руската делегација изјави дека САД се децидни за безбедносните предлози од руската страна, кои не биле прифатливи.

Шерман изјави и дека не дозволиле, како што рече, со тресок да се затвора политиката на отворени врати на Северноатлантската алијанса за време на разговорите со руската страна во Женева.

„Нема да се откажеме од билатералната соработка со суверени држави што сакаат да соработуваат со САД и нема да носиме одлуки за Украина без Украина, за Европа без Европа или за НАТО без НАТО“, нагласи американската функционерка.

Според неа, САД имале искрени осумчасовни разговори со руската страна и се подготвени повторно да се сретнат за подетално да разговараат за билатералните прашања.

Од друга страна, Сергеј Рјабков, заменик-министерот за надворешни работи, кој ја предводеше руската делегација, оцени дека разговорите биле сложени и многу професионални - потенцирајќи дека е потребен чекор напред и компромиси.

По средбата со американската делегација, Рјабков за новинарите изјави дека руската страна ќе одлучи дали ќе продолжи со преговорите по овонеделните состаноци со претставниците на Северноатлантската алијанса (НАТО) и Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).

Тој оцени дека постои основа за договор меѓу Русија и САД, но како што изрази, Вашингтон не треба да ги потценува ризиците од конфронтација.

„Москва и Вашингтон не постигнаа никаков напредок во разговорите за отфрлање на можното членство на Украина во НАТО. Русија бара цврсти гаранции дека на Украина никогаш нема да ѝ биде дозволено членство во западната воена алијанса, бидејќи таквиот потег ќе ја загрози националната безбедност на Русија“, рече Рјабков.

Според него, од напредокот по тоа прашање зависи судбината на идните преговори.

Рускиот функционер рече и дека одговорот на Москва на неуспехот на безбедносните преговори со САД ќе биде од воено-техничка природа, но одби да прецизира за што станува збор. Тој нагласи дека Русија во моментов е фокусирана на дипломатијата и не сака да разговара за можни нови воени потези во случај преговорите да бидат прекинати.

Што ѝ претходеше на средбата?

Официјалните лица од двете страни се сретнаа по тензиите предизвикани од распоредувањето руски војници на границата со Украина во последните недели.

Средбата се одржа во седиштето на американската дипломатска мисија во Женева во услови на најнарушени односи меѓу САД и Русија од крајот на Студената војна пред три децении.

По разговорите меѓу американскиот и рускиот преговарач, ќе се одржат и преговори меѓу Русија и НАТО во Брисел, а потоа и состанок на ОБСЕ во Виена.

Страв од руска инвазија

Трупањето руска војска на границата со Украина ги засили стравувањата дека Москва ќе почне офанзива во таа земја.

Русија го негираше ова и ги обвини украинските власти дека планираат напад за да ја вратат контролата врз источниот дел на земјата, кој е под контрола на руските сепаратисти. Киев го негира тоа.

Американскиот претседател Џо Бајден разговараше со рускиот претседател Владимир Путин за распоредувањето на руската армија на границата со Украина и го предупреди на „сериозни последици“, вклучително и економски санкции, доколку Русија ја нападне Украина.

Русија во 2014 година веќе го анектираше украинскиот полуостров Крим и ги поддржа сепаратистите во источна Украина, каде што веќе седум години беснее жестока војна, во која загинаа повеќе од 14.000 луѓе. Западните земји воведоа санкции кон Русија, но тоа не го промени курсот на Москва.

Руските безбедносни барања

Путин можноста Украина да влезе во НАТО ја нарече „црвена линија“. Кремљ бара Вашингтон и неговите сојузници да гарантираат дека Украина, Грузија и шесте поранешни советски републики нема да влезат во НАТО.

Москва исто така бара САД и нивните сојузници да ветат дека нема да вршат воени вежби во Украина и поранешните советски републики.

Кремљ претстави нацрт-договор со САД и НАТО, според кој алијансата се обврзува дека нема да распоредува војска таму каде што не ни била пред 1997 година, пред НАТО да ја изрази својата намера да ги приклучи поранешните советски републики.

Реакцијата на САД и НАТО

Соединетите Држави и нивните сојузници одбија да го прифатат барањето НАТО да гарантира дека нема да ја прими Украина и другите земји во членство, додавајќи дека новите членки се прифаќаат врз основа на одредени критериуми и дека ниту една земја надвор од алијансата нема право на вето.

Украина и Грузија сѐ уште не се подготвени да станат членки, ниту пак има изгледи за тоа во блиска иднина, но западните земји бараат можноста да остане отворена. НАТО уште во 2008 година изрази намера да ги приклучи двете земји, но за тоа не беше даден рок.

Иако сојузниците на САД одбија да преговараат за проширувањето на НАТО, Вашингтон вели дека е подготвен да разговара за контрола на вооружувањето, јакнење на довербата, за поголема транспарентност и намалување на ризикот - доколку Русија заземе конструктивен став.

Американските власти велат дека се подготвени да разговараат за тоа дека САД во иднина нема да распоредуваат ракети во Украина и дека опсегот на воените вежби на САД и НАТО во Источна Европа ќе биде ограничен доколку Русија се повлече од Украина.

Засега Москва го одбива барањето за повлекување на армијата од границата со Украина, со образложение дека „може да ја распореди својата војска каде сака на својата територија“ и дека ова е одговор на непријателските потези на НАТО.

Временски ограничувања

Путин ги оцени преговорите со САД како „позитивен чекор“, но порача и дека сака брзи резултати.

На прашањето дали Русија ќе гарантира дека нема да ја нападне Украина, Путин одговори дека „Западот прво мора да ѝ даде гаранции на Русија, и тоа веднаш“.

Рускиот заменик-министер за надворешни работи Сергеј Рјабков, кој ја предводи руската делегација во Женева, изјави дека барањето е НАТО да не се шири „суштински“ и дека разговорите ќе бидат бесмислени доколку САД го одбијат тоа.

„Одиме да преговараме со точно одредена задача, која треба да ја исполниме според однапред дефинирани услови.“

Тој предупреди дека Русија нема да прави отстапки под притисок и дека преговорите ќе бидат завршени уште по првиот круг доколку САД и нивните сојузници не сакаат да соработуваат.

Поради ваквиот став, САД се сомневаат дека Москва не сака ни да преговара, туку да го користи неуспехот на преговорите како оправдување за агресија.

„Воено-технички мерки“

Москва негира дека планира инвазија на Украина, но Путин предупреди дека ќе биде принуден да преземе одредени „воено-технички мерки“ доколку Западот не одговори позитивно на барањата.

Тој не кажа што точно би значело тоа, но рече дека опциите се многубројни и дека ќе зависат од тоа што ќе кажат воените експерти.

Путин истакна дека новата хиперсонична крстосувачка ракета Зикрон, која беше тестирана на крајот на декември, може да погоди од далечина од 1.000 километри и дека ѝ дава можност на Русија да одговори доколку НАТО ја искористи Украина за распоредување на своите ракети.

„А мене ми требаат пет минути за да ги повикам оние што издаваат наредба за тоа“, рече Путин.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Продолжува активноста на копачите, крановите и мешалките за цемент додека самите Албанци се протерувани од градот. 

повеќе

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе