Не само во Катар: работниците мигранти се експлоатираат и во Америка, велат активистите

Третманот на странските работници е во центарот на вниманието за време на Светското првенство во Катар, каде што, како што се наведува, голем број привремени работници загинале додека ја граделе инфраструктурата потребна за Светското првенство.

Фото: ЕПА

Активистите за правата на работниците мигранти во САД нагласуваат дека такви злоупотреби не се случуваат само во други земји.

„Факт е дека работниците мигранти во САД се соочуваат со многу исти проблеми како работниците во Катар“, изјави за Гласот на Америка Џули Тејлор, извршна директорка на Националното министерство за земјоделски работници со седиште во Северна Каролина.

Меѓу тие проблеми се „принудување на работниците да работат на екстремни жештини, слаби плати, лошо сместување, недостиг од пристап до здравствена заштита и недостиг од заштитна опрема“, вели Тејлор. „Трагедијата во Катар не смее да се толерира, а тоа исто така е важна можност Американците да се потсетат на трагедиите што се случуваат дома.“

Во некои држави и општини, владините агенции и активистичките организации можат да укажат на напредок кога станува збор за странските работници. Минатата година, во Њујорк, на пример, земјоделските работници - од кои многумина се работници мигранти - се бореа за правото на колективно договарање, што ќе им овозможи поуспешно да се залагаат за повисоки плати и подобри работни услови.

А минатиот месец во Њу Орлеанс, Одделот за надници и работни часови на Министерството за труд го обнови договорот со мексиканскиот конзулат за да им обезбеди на работниците што зборуваат шпански во Луизијана и Мисисипи информации за нивните права во Соединетите Држави и пристап до обуките, како што е заштита при работа.

„Благодарение на партнерството со мексиканскиот конзулат, го подобривме капацитетот и на работодавците и на работниците да ги разберат своите обврски и своите права“, изјави за Гласот на Америка Трој Мутон, окружен директор на Министерството за труд во Њу Орлеанс.

Договорот е направен со надеж дека ќе се намалат злоупотребите врз ранливите работници, кои работат на маргините на општеството, за да им се помогне да разберат дека нивните работодавци имаат законска обврска да им платат. И покрај ваквите чекори, активистите тврдат дека треба да се направи многу повеќе.

Неопходни работници

Според студијата од 2017 година на Истражувачкиот центар Пју, во Америка има приближно 12 милиони работници мигранти во секое време, од кои некои ги имаат потребните документи, а други ги немаат. Сегашниот недостиг од работна сила во Америка, каде што милиони работни места се непополнети, би бил полош без учеството на работници мигранти и привремени работници, велат групите за работнички права.

„Работниците мигранти придонесуваат за речиси секој сектор од економијата“, објаснува Шенон Ледерер, директорка за имиграциска политика на синдикалната федерација АФЛ-ЦИО, „и тие исто така се експлоатирани во сите тие сектори - во секоја индустрија и секоја категорија на плати. Тоа е криза од огромни размери“.

Треј Мутон од Министерството за труд вели дека привремените работници мигранти одиграле незаменлива улога во Њу Орлеанс и низ Мексиканскиот залив во последниве години. Затоа беше очигледна потребата да се обнови договорот со мексиканскиот конзулат за да се помогне во заштитата на правата на овие работници.

„Во поновата историја, најзначајниот поединечен настан што доведе до зголемено присуство на работници мигранти во Луизијана беше ураганот Катрина во 2005 година“, вели тој, потсетувајќи на невремето што поплави 80 отсто од Њу Орлеанс и уби повеќе од 1.800 луѓе.

„Многу од тие работници дојдоа од Мексико и други делови на Централна Америка, а нивната работа по невремето, расчистување, отстранување на остатоци, уривање, а потоа обнова, имаше големо влијание врз нашиот град.“

Слични работи се случија по ураганите Лаура, Делта и минатогодишниот Ида, но Мутон вели дека придонесот на работниците мигранти е многу поголем отколку помагањето во опоравувањето од природни катастрофи.

„Повеќето работници мигранти во Луизијана придонесуваат за градежништвото, земјоделството и индустриите за морска храна, од кои сите се важни за економијата на Луизијана“, вели тој, додавајќи дека постои тековна борба за „да се заштити благосостојбата на овие работници“ и да се постигне „усогласеност со федералните стандарди во работата“.

„Ужасни услови“

Ејми Либман, шефица на програма на Мрежата на лекари мигранти со седиште во Тексас, верува дека пандемијата на ковид-19 покажала колку се клучни мигрантите за Америка и за нејзината економија. Затоа нацијата треба уште повеќе да биде шокирана од условите во кои работат овие луѓе, додава таа.

„Во радиус од 120 километри околу мојата куќа, имаме 10 погони за преработка на пилешко, каде што многу мигранти ја вршат оваа напорна работа“, изјави Либман за Гласот на Америка. „На врвот на ковид-19 тие работници по цел ден беа збиени во тесен простор, и тие беа оние што се разболуваа и умираа од вирусот, и им ја пренесуваа инфекцијата на своите роднини“.

„Сепак, постои страв, а тој страв се заснова на факти, дека ако се жалите кај шефот, не само што ќе ве отпуштат, туку и ќе ве депортираат“, додава Либман.

Активистите за правата на мигрантите како Либман велат дека увидувањето на причините поради кои овие работници воопшто доаѓаат во САД може да придонесе да се разбере тешката ситуација во која се нашле. Постојат фактори што нив ги поттикнуваат да емигрираат од своите матични земји - како што се војна, насилство, политичка нестабилност и природни катастрофи, а потоа има и фактори што ги привлекуваат - како што е побарувачката за евтина работна сила во САД.

„Кога имате луѓе што очајнички сакаат да ги напуштат своите домови или да дојдат да работат за да можат да им испраќаат пари на своите роднини, имате ситуација кога тие работници можат лесно да бидат искористени и тоа е токму она што се случува“, вели Ледерер.

„Имате регрутери во Соединетите Држави што бараат работници во други земји и бараат од нив да платат за да можат да работат во САД“, додава Ледерер. „Бидејќи овие работници веќе се во долгови кога ќе пристигнат, тие очајнички сакаат да работат. А визата им е врзана за еден работодавец, па ако се пожалат на лошо и тесно сместување или спомнат дека не биле исплатени навреме, работодавецот може да ги отпушти и ќе бидат вратени во нивните матични земји“.

Предизвиците на 21 век и потребата од сеопфатни решенија

Либман вели дека затоплувањето на климата придонесува за неволјите на мигрантите, бидејќи тие често работат на отворено во сè пожешки и опасни временски услови. Ова може да предизвика здравствени проблеми и да ги зголеми тешкотиите со кои се соочуваат многумина.

„Добивањето добра здравствена заштита веќе е доволно комплицирано за мигрантите, но додајте ја на тоа и природата на нивната работа“, објаснува Либман. „Секогаш кога одите на ново место, треба да одвоите време за да научите работи. Кој ќе се грижи за вас и вашето семејство? Каде е локалниот здравствен дом? Како да стигнете таму? Како ќе му платите на докторот? Во областите со голем број работници мигранти, локалните здравствени центри често работат над својот капацитет, па што тогаш?“

Додека активистите за правата на имигрантите го поздравуваат зголемениот напредок во некои јурисдикции, тие велат дека е неопходна федерална акција за вистинско подобрување на условите за работниците мигранти.

„Ова е кризна ситуација и треба сериозно да се зафатиме со наоѓање вистински решенија“, вели Ледерер, додавајќи дека сеопфатната реформа на американскиот имиграциски систем би била добар почеток.

„Ако сакаме да создадеме земја што срдечно ги пречекува работниците што ѝ се потребни на нашата економија, фокусот треба да биде на долгорочни решенија што ќе им овозможат на имигрантите трајно да доаѓаат во оваа земја и да имаат можност да ги менуваат работните места штом ќе стигнат овде“.

Легенда под Главна слика

Фото: ЕПА

Трагично е што воопшто треба да се бориме за зачувување на институција која отсекогаш била стожер на културниот живот во Македонија.

повеќе

Македонија нема рециклирачки капацитет за пластичната амбалажа, а со увозот на ѓубре како гориво во индустријата, станува и неофицијална депонија на ЕУ.

повеќе

Влијанието на корупцијата врз економијата е значајно. Корупцијата може да доведе до неефикасност и погрешна распределба на ресурсите, да ги обесхрабри странските инвестиции и да ја поткопа конкурентноста на фирмите.

повеќе