Се очекува сослушувањата да откријат како работи еден од најтајните и најмоќни италијански мафијашки ланци на организиран криминал, со необично име – Ндрангета.
Како настанала, со што се бави и зошто влегла во книгите?
Ндрангета е италијанска мафијашка организација од југот на Италија, која од педесеттите години се проширила на северот на земјата и по светот и на почетокот на 21 век стана најмоќна организација од тој тип.
Американски дипломатски извори проценуваат дека нејзините приходи од трговија со дрога, изнудувања и перење пари сочинуваат најмалку 3 отсто од БДП на Италија.
Поради криминалните активности, почна масовно судење на оваа организација, кое опфаќа 355 обвинети, 400 адвокати и над 900 сведоци на обвинителството.
Судењето се одржува во градот Лемеција Терме, во Калабрија, која е меѓу најсиромашните области во Италија и која ја контролира Ндрангета.
Судењето го води најпознатиот италијански антимафијашки обвинител Никола Гратери, кој живее под полициска заштита повеќе од три децении.
Од 58 државни сведоци се очекува да се разоткријат криминалните активности на највлијателното семејство кланот Манкузо и да се прекрши кодексот на молчење, односно „омерта“.
Кланот е обвинет за притисок врз политичарите, перење пари преку недвижности, шверц на дрога, па дури и за поседување приватни воени сили со кои го окупирале градот Вибо Валенција, вели Енцо Чикоте, поранешен член на италијанскиот парламент и професор по историја на италијанската мафија на универзитетот Павија во Италија.
Повеќето обвинети се уапсени за време на серија меѓународни рации во 2019, во Италија, Швајцарија, Германија и Бугарија, и тоа поради трговија со дрога, изнуди, откривање службени тајни, злоупотреба на позиција, здружување во мафија, убиства и обиди за убиства, поседување украдена стока и перење пари.
Припадниците на Ндрангета влегоа и во белетристиката. За нив пишуваше Гијо Мисо во романот „Девојката и ноќта“.
Првото масовно судење е одржано од 1986 до 1987 година, и тоа на сицилијанската мафија кога биле осудени 338 лица. Поради тоа подоцна настрадаа обвинителите Џовани Фалконе и Паоло Борселина.
Ваквите судења обично се контроверзна тема во Италија, имајќи ја предвид потребата на секој осомничен да му се овозможи фер судење.
Конечниот збор за сите пресуди ги дава Врховниот касациски суд во Рим.
Вообичаеното кривично судење во Италија трае околу шест години.