Навални го даде првото интервју од затвор: Сега многу подобро го разбирам режимот на Путин

Најпознатиот руски затвореник, опозиционерот Алексеј Навални, го поминува поголемиот дел од времето средувајќи ја својата ќелија, читајќи писма и посетувајќи ја мензата, а често на менито е каша од житарки.

Инстаграм

Но можеби најлудото нешто, сугерира Навални, е тоа што е присилен да ја гледа руската државна телевизија и одбрани пропагандни филмови повеќе од осум часа на ден. Властите тоа го нарекуваат „програма за кревање на свеста“, која ја заменува тешката работа на политичките затвореници.

„Мораш да седиш и да гледаш телевизија“

„Читањето, пишувањето или што било друго е забрането. Мораш да седиш и да гледаш телевизија“, вели Навални за присилното време минато пред екранот. Ако на затвореникот му падне главата, кажа тој, чуварите му викаат: „Не спиј, гледај!“.

Во интервјуто за Њујорк тајмс, првиот разговор за некој медиум од апсењето во јануари годинава, Навални зборува за својот живот во затворот, за тоа зошто Русија толку остро се пресметува со опозицијата и неистомислениците и за своето уверувањето дека режимот на Путин, како што го нарекува, е осуден на пропаст.

Навални води опозициско движење за да ја разоткрие корупцијата на високо ниво и му се спротивстави на претседателот Владимир Путин на изборите. Затворен е во март откако од Германија се врати во Русија, знаејќи дека се соочува со кршење на условната слобода за случај кој го смета за политички мотивиран. Беше надвор од земјата откако, според Западот, го отруле руски агенти со нервниот агенс новичок.

Навални не беше целосно замолчен за време на своето заточеништво во Казнената колонија број 2, источно од Москва. Преку своите адвокати, кои редовно го посетуваат, испраќа повремени постови на социјалните мрежи. Ниту Кремљ активно се обидува да го замолчи. На прашањето за присуството на Навални на социјалните мрежи, портпаролот на Путин Дмитриј Песков кажа дека власта „не се интересира“ ако Навални се огласи.

Повеќе нема тешка работа за политичките затвореници

Но ова пишано разменување прашања и одговори на 54 рачно испишани страници е неговиот далеку најопсежен и најширок исказ.

Во денешна Русија, вели Навални, часовите минати гледајќи ја руската државна телевизија и филмовите кои ги одбрал управителот на затворот се искуството на политичкиот затвореник. Овој статус на Навални му го додели Амнести интернешнал. Повеќе нема смени на тешка работа во рударство или шумарство или вознемирување од страна на криминалците и стражарите, обележјата на советскиот гулаг за политички затвореници.

„Можете да замислите тетовирани мускулести мажи со челични заби кои се борат со ножеви за најдобриот кревет крај прозорецот. Морате да замислите нешто како кинески работен логор, каде сите маршираат во колона и каде секаде има видеокамери. Има постојана контрола и култура на цинкарење“, кажува Навални.

И покрај околностите, Навални е оптимистичен за иднината на Русија и ја изнесе својата стратегија за постигнување политички промени преку изборниот систем дури и во авторитарна држава.

„Путиновиот режим е историска несреќа“

„Путиновиот режим е историска несреќа, а не неизбежност“, напиша Навални, додавајќи: „Тоа беше изборот на корумпираното семејство Јелцин“, мислејќи на именувањето на Путин на местото вршител на должноста претседател во декември 1999 година од страна на поранешниот руски претседател Борис Јелцин. „Порано или подоцна оваа грешка ќе се поправи, а Русија ќе тргне по демократскиот, европскиот пат на развојот. Едноставно затоа што луѓето тоа го сакаат“.

Навални ги критикува Европа и Соединетите Американски Држави поради економските санкции против Русија поради наводното нејзино мешање во странство и репресијата над дисидентите, вклучувајќи го и него самиот. Кажа дека санкциите им штетат на обичните Руси и се закануваат со отуѓување на широката изборна база во Русија која е природен сојузник. Санкциите, кажа Навални за Њујорк тајмс, треба да ги целат само главните олигарси кои ја поддржуваат Путиновата власт, наместо десетици досега главно опскурни личности. Вистинските моќници главно ги избегнале санкциите, задржувајќи ја војската адвокати, лобирачи и банкари, борејќи се вистинските сопственици на валканите и крвави пари да останат неказнети.

„Психолошко насилство“

Низ 20 век и претходно, затворот во Русија беше расадник кој ги создаваше или кршење дисидентите и писателите, ги обликуваше лидерите или ја кршеше плуралистичката мисла. Современото искуство на рускиот политички затвореник, вели Навални, е главно „психолошкото насилство“, при што голема улога игра времето пред екранот кој го затупува умот. Навални опиша пет дневни сесии на гледање телевизија за затворениците, а првата почнува веднаш по утринската гимнастика, појадокот и чистењето на дворот. По одредено слободно време повторно е пред екранот два часа, па следи ручекот, потоа уште време пред керанот, па вечера, а потоа уште еден телевизиски термин. За време на попладневната сесија играњето шах или табла е прифатлива алтернатива.

„Гледаме филмови за Големата татковинска војна (Втората светска војна) или како некој ден пред 40 години нашите спортисти ги победиле Американците или Канаѓаните“, вели Навални.

„Сега појасно ја разбирам суштината на идеологијата на режимот на Путин“

„За време на овие телевизиски сесии појасно ја разбирам суштината на идеологијата на Путиновиот режим, сегашноста и иднината се заменуваат со минатото, вистински херојското минато или разубавено минато или целосно измислено минато. Сите видови минато мора постојано да бидат во центарот на вниманието за да ги истиснат мислите за иднината и прашањата за сегашноста“, вели рускиот политичар.

„Путин мораше целосно да го смени политичкиот систем“

Денес 45-годишниот Навални признава дека се бори да остане присутен во руската политика низ бурниот период во кој владата ги сузбива опозицијата и медиумите. Истакнува дека протестите кои избија по спорните белоруски избори минатата година го исплашија Кремљ. Другата грижа на владата на Путин наводно била изборната стратегија која ја осмислил и ја нарекува „паметно гласање“. Според таа стратегија неговата организација ги поддржува кандидатите за кои смета дека имаат шанси да победат на регионалните и парламентарните избори кои ќе се одржат следниот месец.

Кремљ беше толку загрижен за претстојните избори, вели Навални, што оваа година почна сузбивање не само на неговата организација и другите активисти, туку и на умерените опозициски политичари, организации на цивилното општество и независните медиумски куќи како Медуза, Проект и телевизијата Дожд. Навални сугерира дека иако пресметката може да изгледа како тактички успех за Путин, тоа истовремено може да биде и долгорочен товар.

„Путин го реши своето тактичко прашање не дозволувајќи ни да го преземеме мнозинството во Думата, долниот дом на рускиот парламент. Но за да го постигне тоа, мораше целосно да го смени политичкиот систем, воведувајќи принципиелно поинакво, далеку поостро ниво на авторитаризам“, смета Навални.

„Ние сме Европа, ние сме Запад“

Рускиот опозиционер истакнува дека овој потег укажува на главната слабост на политичкиот систем на Путин. Додека левичарите и националистите ги претставуваат партии лојални на Путин, не постои стабилна партија од десниот центар на страната на Кремљ која ја претставува растечката средна класа на релативно просперитетни Руси кои живеат во градовите.

„Опозиција во Русија постои не затоа што Алексеј Навални или некој друг ѝ командува од некој центар, туку затоа што околу 30 отсто од популацијата, главно образовано, урбано население, не е политички застапено“, објаснува тој.

Кога она што тој го нарекува реакционерна аномалија на владеењето на господинот Путин ќе избледи, Русија ќе се врати на демократското управување, заклучи Навални: „Ние сме специфични, како и секој народ, но ние сме Европа. Ние сме Западот“.

Легенда под Главна слика

Инстаграм

Tреба да ја прифатиме технологијата, наместо да се плашиме од неа, а и игрите се дел од тој процес. 

повеќе

Moжно ли е стотици кандидати за градоначалници три недели да ветуваат, а никој да не каже од каде средства за таа намена т.е. никој да не го спомене зборот децентрализација кој претставува клуч за било какво ветување?

повеќе

Капиталното дело на Танас Вражиновски „Македонска народна митологија“, упатува на потребата нашата наука постојано да се враќа на извориштата на македонската култура и писменост, создавани од светите браќа Кирил и Методиј и од нивните ученици и следбеници, светите Климент и Наум Охридски. 

повеќе