Глобални климатски промени

Научниците ѕирнале во морските нивоа од пред 125.000 години. Резултатите се страшни

Топењето на мразот во последниот меѓуглацијален период предизвикало светските мориња да се издигнат на околу 10 метри над сегашното ниво.

Морските нивоа се искачиле на 10 метри над сегашното ниво за време на последниот топол период на Земјата пред 125.000 години, според новите истражувања, кои ни даваат знаци што може да се случи со нашиов сегашен однос кон климатските промени.

Новиот труд, објавен минатата недела, покажува дека топењето на мразот од Антарктикот било главниот причинител на порастот на морското ниво во последниот меѓуглацијален период, кој траел околу 10.000 години.

Зголемувањето на нивото на морето е еден од најголемите предизвици за човештвото предизвикани од климатските промени, а ако сакаме да се приспособиме, клучно е да се изведат разумни предвидувања.

Ова истражување покажува дека Антарктикот, за кој долго се сметаше дека е „заспан џин“ на порастот на морското ниво, всушност е клучен играч. Неговите ледени плочи можат брзо да се променат и тоа на начини што во иднина може да имаат огромни последици врз крајбрежните населби и инфраструктура.

 

Предупредување од минатото

Циклусите на планетата Земја се состојат од студени глацијални периоди (или ледени доби), кога големи делови на светот се покриени со огромни ледени плочи, и од топли меѓуглацијални периоди, кога мразот се топи и морското ниво се зголемува.

Земјата во моментов е во меѓуглацијален период, кој почнал пред околу 10.000 години. Но емисиите на стакленички гасови во текот на изминатите 200 години предизвикаа климатски промени што се побрзи и поекстремни од оние во последниот меѓуглацијален период. Ова значи дека минатите стапки на пораст на морското ниво даваат само магливи предвидувања за тоа што може да се случи во иднина.

Научниците ги испитале податоците од последниот меѓуглацијал, кој се случил пред 125.000 до 118.000 години. Температурите биле за до еден Целзиусов степен повисоки од денешниве - слични на оние што се предвидуваат за во блиска иднина.

Истражувањето открива дека топењето на мразот во последниот меѓуглацијален период предизвикало светските мориња да се издигнат на околу 10 метри над сегашното ниво. Мразот се стопил најпрво во Антарктикот, а потоа неколку илјади години подоцна и во Гренланд.

Нивото на морето растело за до 3 метри во еден век, далеку надминувајќи го приближно 0,3-метарскиот пораст забележан во изминатите 150 години.

Првото губење на мразот на Антарктикот се случило кога Јужниот Океан се загреал во почетокот на меѓуглацијалот. Стопената вода го сменила начинот на кружење на океаните на Земјата, што предизвикало загревање во северниот поларен регион и топење на мразот во Гренланд.

 

Разбирање на податоците

Глобалното просечно ниво на морето во моментов се проценува дека се зголемува за повеќе од 3 милиметри годишно. Оваа стапка се предвидува да се зголеми, па вкупниот пораст на морското ниво до 2100 година (во однос на 2000 година) се предвидува да достигне 70 - 100 сантиметри, во зависност од тоа која патека на емисиите на стакленички гасови се следи.

Ваквите проекции обично зависат од записите собрани овој век од мерачи на плима, а од 1990-тите години од сателитски податоци.

Повеќето од овие проекции не вклучуваат еден клучен природен процес, нестабилноста на ледените карпи, што не е забележано во краткиот инструментален запис. Ова е причината зошто геолошките набљудувања се од витално значење.

Кога мразот ќе дојде до океанот, тој станува пловечки леден гребен, кој завршува во ледена карпа. Кога овие карпи ќе станат многу големи, тие стануваат нестабилни и може брзо да се распаднат.

Ова распаѓање го зголемува испуштањето на копнен мраз во океанот. Крајниот резултат е глобален пораст на морското ниво. Научниците се обиделе во неколку модели да ја вклучат нестабилноста на мразот, но резултатите се спорни. Сепак, резултатите од овие модели предвидуваат стапки на пораст на морските нива што се необично слични со меѓуглацијалните податоци добиени во последно време.

 

Поглед кон иднината

Она што е впечатливо за последниот меѓуглацијален рекорд е колку високо и брзо морското ниво се искачило над денешниве нивоа. Температурите во текот на последниот меѓуглацијал биле слични на оние што се предвидуваат за во блиска иднина, што значи дека топењето на поларните ледени плочи веројатно далеку подраматично ќе влијае на идното морско ниво отколку што се очекуваше досега.

Последниот меѓуглацијал не е совршено сценарио за иднината. Сончевото зрачење тогаш било поголемо од денес поради разликите во позицијата на Земјата во однос на Сонцето. Нивото на јаглерод диоксид било само 280 делови на милион, во споредба со над 410-те делови на милиони денес.

Што е најважно, загревањето помеѓу двата пола во последниот меѓуглацијал не се случило истовремено. Но под денешниве климатски промени предизвикани од стакленички гасови, загревањето и загубата на мразот се случуваат во двата региони во исто време. Ова значи дека ако климатските промени продолжат со несмалена брзина, минатото драматично покачување на морските нивоа на Земјата би можело да биде само мал дел од она што нè чека нас.

Тоа што е многу поважно е дека се работи за ПРЕТХОДНА проверка, а не за post festum ветинг.

повеќе

Како што расте бројот на оние кои објавуваат непроверени, лажни и злонамерни информации, така се зголемува и бројот на медиуми кои работат со проверка на факти и се борат за вистината во јавниот простор преку одговорно истражување.

повеќе

Единствена работа за која ние граѓаните не плаќаме данок, е воздухот кој го дишеме.

повеќе