Франција

„Нашата париска дама“: историјата на катедралата Нотр Дам (ФОТО+ВИДЕО)

Ремек-делото на готската архитектура веќе 850 години е симбол на францускиот главен град.

Notre-Dame de Paris, односно Нашата дама од Париз, беше еден од најтрајните и најсимболични споменици на француската престолнина и меѓу најзначајните катедрали во Европа.

За многу парижани, 850-годишното обележје е срцето на нивниот град, со неговите две готски квадратни кули што се издигнуваат над околните згради по должината на реката Сена.

Тоа е катедралата на француските катедрали, со една од најдолгите и најбогати истории: место на кралските свадби, на прогласувањето на Наполеон Бонапарта за император и на Јованка Орлеанка за светица. Тоа е местото каде што јавноста ги слави животите на моќниците.

Токму во Нотр Дам во 1431 година Хенри Шести, кралот на Англија, беше крунисан за крал на Франција, а Џејмс Петти, кралот на Шкотска, во 1537 година се ожени за Мадлен од Франција. Таму беа одржани реквиемските миси за претседателите Шарл де Гол и Франсоа Митеран.

Катедралата беше овековечена во популарната култура од Виктор Иго во готскиот роман „Ѕвонарот на Богородичината црква“, според кој Дизни подоцна сними филм.

Изградбата на Нотрдамската катедрала била нарачана од кралот Луј Седми, кој сакал таа да биде симбол на политичката, економската, интелектуалната и културната моќ на Париз дома и во странство. Градот станал центар на моќта во Франција и му бил потребен верски споменик за да одговара на неговиот нов статус.

Една средновековна базилика што стоела на местото избрано од кралот на источниот крај на островот Сите, еден од двата острови во Сена, била урната до темел за да може да се изгради новата катедрала.

Се вели дека првиот камен од она што било планирано да биде масовно здание со должина од 130 метри и ширина од 48 метри, бил поставен во 1163 година, во присуство на папата Александар Трети, но биле потребни уште 200 години за таа да се заврши, а во следните векови често била менувана.

Двете кули на западната фасада, со височина од 69 метри, биле изградени во почетокот на 13 век. Северната кула е достапна за посетителите преку скалиште од 387 скалила, додека во јужната кула се сместени 10-те камбани на катедралата. Една од најпознатите камбани, бурдонот, наречена Емануел - биела на најважните настани во историјата на Франција, вклучувајќи и крунисувања на кралеви, посети на папата и обележувањата на крајот на двете светски војни.

Исто така, ѕвоното биеше и за да го одбележи уништувањето на њујоршките Кули близначки на 11 септември 2001 година.

Оригиналната шилеста кула, изградена отприлика во исто време со двете кули, била отстранета во 18 век, но подоцна била заменета.

Осквернавена за време на Француската револуција, сè до почетокот на 19 век катедралата се распаѓала и внатре била полууништена. Крунисувањето на Наполеон како император, проследено со успехот на романот на Иго, го фокусирало вниманието кон објектот, поттикнувајќи големи реставрации во средината на 19 век.

Крунисувањето на Наполеон во Нотр Дам

Освен за дрвениот своден таван, кој во голема мера е уништен од огнот, се стравува и за судбината на извонредните три розетни витражни ппрозорци и за многуте историски артефакти во катедралата, вклучувајќи ги и славните оргули од 17 век. Во зградата се наоѓаа неколку скапоцени религиозни реликвии почитувани од католиците. На покривот имаше голем број пчелини кошници.

Освен што е историски споменик и туристичка атракција што привлекува околу 13 милиони посетители годишно, Нотр Дам е срцето на Римокатоличката црква во Париз.

Додека огнот беснееше во понеделникот вечерта во битката со 400 пожарникари, поранешниот градоначалник на Париз Бертран Делано едвај можеше да ги скрие емоцијата велејќи дека е „неизмерно тажен“ од уништувањето на катедралата. Тој додаде: „Ова е непроценлива загуба... Нотр-Дам де Париз мора да живее. Не смееме да се откажеме од ова... ова е наследство на целото човештво“.

Објавено

Вторник, Април 16, 2019 - 13:12

Рециклирањето можеби ни се чини како спас за природата, но најчесто е спасение само за нашата (валкана) совест.

повеќе

Културата на победништво од нашите епски и херојски денови тотално ги уназади овие општества во 20 век, вели Миљенко Јерговиќ во интервју за Бука.

повеќе

Запрашајте се, о, вие, бездарници анационални што направивте!

повеќе