Светот е поопасен по убивањето на Сулејмани

„Нашата одмазда ќе ја претвори нивната светлина во мрак“

Светските сили денеска предупредија дека светот станал поопасно место откако САД го убија најмоќниот генерал на Иран и повикаа на воздржаност од сите страни.

Британија и Германија посочија и дека и Иран е делумно виновен за провоцирање на убиството што драматично ги крена тензиите на Блискиот Исток, пренесува АП.

Кина, Русија и Франција, сите постојани членки на Советот за безбедност на Обединетите нации, го осудија американскиот воздушен напад кај аеродромот во Багдад, рано утрово, во кој загинаа генералот Касем Сулејмани и неколку негови соработници. 62-годишниот генерал ги предводеше елитните Кудс сили на Иран, одговорни за странските кампањи на земјата.

Белата куќа го оправда нападот со твит тврдејќи дека Сулејмани „активно развиваше планови за напад врз американски дипломати и членови на службата во Ирак и во целиот регион“.

Цените на нафтата пораснаа по веста за убиството, како одраз на нервозата кај инвеститорите загрижени за стабилноста на Блискиот Исток, а од Иран дојдоа директни закани за одмазда. На социјалните медиуми владееше тревога, а твитер-корисниците морбидно ја претворија фразата „Трета светска војна“ во главен тренд низ целиот свет.

„Се будиме во поопасен свет. Воената ескалација секогаш е опасна“, рече заменик-министерката за надворешни работи на Франција, Амели де Моншалан, за радио РТЛ. „Кога ќе се случат такви акции, такви операции, можеме да видиме дека е во тек ескалација“.

Слично на тоа, Русија го окарактеризира смртоносниот американски напад како „преполн со сериозни последици“. Во изјавата на Министерството за надворешни работи се предупредува дека „ваквите активности не помагаат да се решат комплицираните проблеми на Блискиот Исток, туку наместо тоа доведуваат до нова рунда ескалациони тензии“.

Портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, посочи дека при наредувањето на убиството, американскиот претседател Доналд Трамп со едно око гледал во својата кампања за реизбор.

„Американските војници дејствуваа по наредба на американските политичари. Секој треба да запомни и да разбере дека американските политичари имаат свои интереси, и треба да се има на ум дека оваа година им е изборна година“, рече Захарова во ТВ-интервју.

Изборните противници на Трамп го окарактеризираа убиството како несовесно, при што кандидатот за демократски претседател Џо Бајден рече дека американскиот претседател „фрли парче динамит во буре со барут“.

Кина рече дека е „мошне загрижена“.

„Мирот на Блискиот Исток и во регионот на Заливот треба да се зачува“, рече портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Генг Шуанг. „Ги повикуваме сите засегнати страни, особено Соединетите Држави, да останат смирени и воздржани и да избегнат натамошна ескалација на тензиите“.

Но иако ја повторија загриженоста на другите членови на Советот за безбедност поради разгорувањето на тензиите, Велика Британија и Германија, за разлика од другите, рекоа дека ја сфаќаат американската позиција.

Портпаролката на германската влада Улрике Демер го опиша американскиот напад како „реакција на цела низа воени провокации за кои е одговорен Иран“, укажувајќи на нападите врз танкери и врз саудиската нафтена постројка, меѓу другите настани.

„Ние сме на опасна точка на ескалација и она што е важно сега е со претпазливост и воздржаност да се придонесе за деескалација“, рече таа. Германија во моментов се наоѓа во Советот за безбедност на ООН, но не е постојана членка.

Британскиот секретар за надворешни работи, Доминик Рааб, рече „Ние отсекогаш ја знаевме агресивната закана од иранските сили Кудс предводени од Касем Сулејмани“.

„По неговата смрт, ги повикуваме сите страни да се смират“, рече тој. „Понатамошниот конфликт не е во ничиј интерес“.

Имаше и предупредувања дека убиството може да ги попречи обидите да се задушат остатоците од групата Исламска држава. Високиот претставник на Европската Унија Шарл Мишел рече дека „ризикот е општо разгорување на насилството во целиот регион и пораст на мрачните сили на тероризмот, кои напредуваат во време на религиозни и националистички тензии“.

Италија исто така предупреди дека зголемените тензии „ризикуваат да бидат плоден терен за тероризам и насилен екстремизам“. Но крајнодесничарскиот опозициски лидер Матео Салвини го пофали Трамп зашто елиминирал „еден од најопасните и најнемилосрдни мажи во светот, исламистички терорист, непријател на Западот, на Израел, на правата и слободите“.

Трамп ја доби и поддршката на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху „за брзото и решително дејствување“.

Зад сцената, нападот предизвика алармантно раздвижување во дипломатската активност. Американскиот државен секретар Мајк Помпео вртеше телефони, повикувајќи ги светските престолнини да ја одбранат одлуката на Трамп. Тој рече дека Соединетите Држави се посветени на деескалирање на тензиите, кои се зголемија откако милицијата поддржана од Иран уби американски изведувач, па САД реагираа со напади врз милицијата. Тоа покрена насилни проирански протести пред американската амбасада во Багдад, што пак го поплочи патот за убиството на Сулејмани.

На Блискиот Исток нападот предизвика бранови на шок, бес и страв дека ќе дојде полошо.

Најмоќниот ирачки шиитски верски водач, великиот ајатолах Али ал-Систани, во говорот за време на петочните молитви рече дека земјата мора да се подготви за „многу тешки времиња“.

Во Иран, еден тврдокорен советник на врховниот водач на земјата, кој ги водеше петочните молитви во Техеран, ги спореди американските војници во Ирак со „подмолни ѕверови“ и рече дека тие треба да бидат збришани од регионот.

„Им порачувам на Американците, особено на Трамп, ќе се одмаздиме така што нивната дневната светлина ќе ја претвориме во ноќен мрак“, рече свештеникот, ајатолахот Ахмад Катами.

Доколку нешто радикално не се промени, не можеме да очекуваме дека нашата економија брзо ќе се нормализира и ќе излезе од сегашната криза.

повеќе

Како да разликуваш дали „Македонец” означува етничка припадност или државјанство? Според потребата на моментот!

повеќе