Ниту еден кандидат не остави добар впечаток

Народот е најголемиот губитник: соочувањето на Бајден и Трамп негледливо

На американските гласачи им беше ветена дебата меѓу луѓе кои сакаат да ја вршат највисоката функција во државата. Многу коментатори, меѓутоа, оценуваат дека соочувањето на актуелниот претседател на САД Доналд Трамп и неговиот демократски ривал Џо Бајден во вторникот вечерта беше негледливо и национален срам, и дека најголеми губитници се гласачите.

EPA-EFE

Очекуваната размена на аргументи околу шесте клучни теми – учинокот на кандидатите, Врховниот суд, ковид-19, расата и насилството, економијата и интегритетот на изборите – се претвори во хаотична и злонамерна расправа. И Трамп и Бајден ја пропуштија приликата да остават добар впечаток врз малкуте неодлучни гласачи.

„Тешко дека оваа ментално исцрпувачка дебата промени чие било мислење“, вели Рон Бонџин, републикански стратег во Вашингтон кој го советуваше Трамповиот тим во 2016. „Секоја страна доби по нешто, но шокот поради личните напади веројатно одби многу луѓе“.

Трамп постојано го напаѓаше Бајден, кој гневно возвраќаше, а модераторот Крис Волас беше немоќен и улогата му се сведе на тоа да го моли претседателот да ги почитува правилата.

Предизборните дебати на претседателските кандидати, шеесетгодишна традиција во САД, се една од малкуте димензии на американскиот јавен живот која зачува извесна аура на достоинство. Тоа се смени на самиот почеток на дебатата во Кливленд. Следеа деведесет минути навреди, гнев, упаѓања и дигресии кои се вообичаени на радио, телевизија и најмногу на социјалните мрежи.

Реакциите во европскиот печат се речиси едногласни.

„Хаотична и лоша претстава, шокантно за најмоќната земја во светот“, објави шпанскиот весник Ел паис.

„Пакосната претседателска дебата прикажа земја која повеќе не е способна ни за достоинствена дебата“, објави Швајцарски Ноје цирхер цајтунг. 74-годишниот Трамп избегна да ги осуди белите супрематисти (расисти) и повторно одби да каже дали ќе ги прифати резултатите од изборите, што се двата моменти кои би можеле да му дадат на Бајден нова муниција.

Првата од трите претседателски дебати беше една од малкуте преостанати шанси за Трамп да ја сврти насоката на трката во која губи, според повеќето национални анкети, имајќи предвид дека повеќето Американци не го одобруваат начинот на кој управува со пандемијата на коронавирусот, но и со протестите против расната неправда. 77-годишниот Бајден со месеци има скромна, но стабилна предност во националните истражувања на јавното мислење, иако анкетите во клучните држави покажуваат тесна битка.

„Поради хаосот, малку гласачи донесоа одлука или ги сменија кандидатите. Бајден тоа може да си го дозволи бидејќи води во националните анкети и, што е уште поважно, во речиси сите 13 држави со променлива поддршка. Трамп не може“, вели Скот Лукас, професор по меѓународна политика на Универзитетот Бирмингем. Тој истакнува дека, освен обидот на Трамп да ја обвини Кина за коронавирусот, во дебатата не беше спомнат остатокот од светот.

Малку е веројатно дека дебатата значително ќе ја промени динамиката на кампањата, која во последните неколку недела ја стресоа големи настани. Меѓу нив смртта на либералната судијка на Врховниот суд Рут Гинсберг и Трамповото кандидирање на конзервативната Ејми Кони Берет за нејзина наследничка, како и извештајот на Њујорк тајмс дека Трамп речиси воопшто не плаќал данок во текот на последните две децении.

„Загрижува тоа што САД станаа држава во која претендентите за најмоќната функција во светот не успеваат објективно да расправаат за многуте проблеми со кои е соочена земјата, и покрај фактот што и гласачите и меѓународните партнери имаат многу отворени прашања“, вели Норберт Ретген, германскиот конзервативец и надворешнополитички експерт кој се кандидираше за шеф на партијата ЦДУ на германската канцеларка Ангела Меркел.

Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков соопшти: „Нормално дека забележуваме нови пресврти во американската политичка култура, но не сакаме да даваме никакви процени или соопштенија бидејќи тоа веднаш би се протолкувало како обид за мешање. Русија никогаш не се мешала во внатрешните работи на САД, ниту тоа ќе го прави“.

„Контрастот со дебатата Никсон-Кенеди, со големиот акцент на политиката и надворешната политика, е вџашувачки“, оцени Рори Стјуарт, поранешен британски министер и дипломат.

Многумина сугерираат дека првата дебата би можела да биде и последна бидејќи од останатите две планирани за овој месец не може ништо ново да се дознае ниту добие. Следните дебати вообичаено ги следат помал број луѓе и до тогаш многу Американци веќе ќе гласаат. Некои демократи оценуваат дека Бајден би требало да учествува само ако на Трамп му се постават построги услови за ноќта да не се претвори во хаос.

„Најбруталниот дуел на сите времиња... Ова требаше да биде големата шанса за Бајден да зборува за својата политика, да ја претстави визијата на Америка, а не да учествува во навредување. Мора да се каже дека Бајден и демократите спектакуларно ја пропуштија таа шанса“, смета Филип Пјатов од германски Билд.

Фабио Џирони, италијански професор по економија на Универзитетот Вашингтон, напиша на Твитер дека никогаш не мислел дека американска политичка дебата на високо ниво може да падне толку ниско. „Беше како да гледаме италијанско политичко ток-шоу“.

Театарскиот критичар на германскиот неделник Шпигл, Волфганг Хебел, за дебатата кажа: „Прецизно зборувајќи, тие двајца не беа ни во иста претстава. Трамп е лик за кој Шекспир можел да сонува. Бајден, за жал, е излезен од дело на Ибзен“.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

Во моментов, мал број проекти или иницијативи во Македонија се фокусираат на тоа како универзитетите ги подготвуваат студентите за општествена одговорност и за граѓанскиот статус.

повеќе

Попис на населението во 2020 треба да има, затоа што тоа утре може да биде услов за Македонија да чекори напред кон ЕУ.

повеќе

Северна Македонија, исто така, мора да се придвижи кон енергетска независност, користејќи обновливи извори на енергија кои нема да му наштетат на кревкиот екосистем во оваа прекрасна земја.

повеќе