Наместено ли е судењето за отповикување на Трамп? (ВИДЕО)

Од почетокот на постапката за отповикување, која ја почна опозицијата против него во Конгресот, американскиот претседател Доналд Трамп тврди дека станува збор за „наместен процес и лов на вештерки“ – исто како во случајот на истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер пред тоа.

Како што гледаме од почетокот на судењето за отповикување во американскиот Сенат, што Претставничкиот дом на Конгресот веќе го изгласа, опозициските демократи сега го користат истиот аргумент.

„Ова не е процес на чесно судење. Ова е процес на наместено судење“, констатираше претседателот на Одборот за разузнавачки прашања и главен „менаџер“, што во постапката за отповикување е еднакво на обвинител, Адам Шиф.

„Претседателот е вклучен во ова прикривање бидејќи е виновен и го знае тоа“, му се придружи друга менаџерка, конгресменката Вал Демингс од Флорида.

Од друга страна, адвокатскиот тим на Трамп исто така, веднаш на почетокот на процесот, настапи многу борбено, згрозувајќи се од наводниот нечесен третман на претседателот и обвинувајќи ги демократските конгресмени за напад врз американската демократија.

„Тие не се тука за да украдат едни избори, тие се тука за да ги украдат и едните и другите избори (тие во 2016 и претстојните годинава). Тие тоа нема да ви го кажат. Немаат рбет да го кажат тоа директно. Но тоа е точно тоа што сакаат тука да го направат“, кажа адвокатот на Белата куќа Пат Чиполоне.

И додека Чиполоне ја нарече целата постапка неоснована и тврди дека нема никакви правни елементи за придвижување на отповикувањето, демократите тврдат дека постојат низа докази кои укажуваат на вината на Трамп.

Иако Трамп и неговите републиканци повторуваат дека станува збор за „пуч“ и „лов на вештерки“ со што се сака да се урне резултат од изборите во 2016, демократите тврдат дека судењето во Сенатот е наместено за Трамп да биде ослободен по кратка постапка, без прилика навистина да се утврди вистината за неговото наводно злоупотребување на власта за да ја натера Украина да го инкриминира неговиот потенцијален противкандидат на изборите годинава Џо Бајден и демократите генерално.

Лидерот на демократското малцинство во Сенатот Чак Шумер ја нарече резолуцијата на претседателот на Сенатот Мич Меконел за процедурата на судењето „национална срамота“. Меконел уште минатиот месец, откако беше изгласано отповикувањето на Трамп во Претставничкиот дом (со 230 гласа за и 197 против), даде до знаење дека воопшто нема намера да биде непристрасен поротник иако тоа се очекува од сите сенатори според уставната одредба за отповикување.

Аргументот на Меконел беше дека станува збор за „партиски“ процес во кој е јасно и логично дека сите републиканци ќе бидат на страната на Трамп, а демократите против него. Сами факти за тоа дали Трамп е невин или не, по сѐ изгледа, притоа не играат никаква улога.

Демократите можеби се надеваа дека умерениот блок на републиканците ќе им се придружи и заедно со нив ќе бараат на ова парламентарно судење, како и на вистинско судење, да се сослушаат сведоците кои претходно не беа сослушани пред одборот на Претставничкиот дом, а веќе добиените сведоштва да се прифатат како доказен материја. Но, од тоа ништо не се случи, барем засега.

Во седумте последователни гласања, апсолутно сите републикански сенатори гласаа по партиска линија, а бидејќи имаат тенко мнозинство (53-47), секој амандман на демократите за процедурата беше одбиен. Само во еден случај една републиканска сенаторка, Сузан Колинс од Мејн, гласаше за еден процедурален амандман на демократите.

Освен барањата да се повикаат четири клучни сведоци, актуелни и поранешни припадници на Трамповата администрација, републиканците го одбија и барањето за релевантни документи од неколку владини агенции. Ги одбија и предлозите да се олесни прифаќањето на документите и сведоштвата како докази и со тоа да се ублажат временските ограничувања за претставување на обвинението.

„Знам дека е доцна, но не мора да биде доцна. Ние не го контролираме Сенатот. Постои причина зошто сме уште тука, пет минути до полноќ, а тоа е затоа што тие (републиканците) не сакаат американскиот народ да види што се случува“, кажа Шиф во доцните вечерни часови од говорницата на Сенатот.

Републиканците одбија како сведоци да се повикаат поранешниот советник за национална безбедност Џон Болтон, вршителот на должноста шеф на кабинетот на претседател Мик Малвени, неговиот помошник Роберт Блер и службеникот за буџет Мајкл Дафи. Го одбија и барањето за доставување документи од Белата куќа, министерството за надворешни работи, министерството за одбрана и кабинетот за буџет за кои демократите тврдат дека го откриваат заговорот со кој Трамп се обидел да ги злоупотреби овластувањата на претседателот за да добие лични политички услуги од Украина. Републиканските сенатори притоа како причина ја изнесоа националната безбедност која, како што тврдат, би била загрозена со нивните сведоштва.

Шиф со впечатливиот настап пред Сенатот го оспори, меѓу другото, и тврдењето на адвокатот на Белата куќа дека тој и другите демократски конгресмени, односно обвинители, не се спремни да ги претстават аргументите на својата страна.

Повишени тонови и тешки зборови не фалеа во Сенатот. Откако демократскиот претседател на конгресниот Одбор за правосудство и менаџер Џери Надлер ги обвини сенаторите кои гласаат против сведочењето на Болтон за „гласање за прикривање“ и „предавничко гласање“ насочено „против САД“, а Чипилоне побара од Надлер да им се извини на Трамп и неговото семејство, интервенираше и претседателот на Врховниот суд Џон Робертс, кој во постапката има улога на судија.

„Мислам дека е соодветно од мене да ги прекорам и менаџерите од Претставничкиот дом и претседателските адвокати за да ги потсетам дека се обраќаат на највисокото парламентарно тело во светот. Неговите членови зборуваат на начин и речник кој не е прикладен за цивилизираниот дискурс“, ги опомена Робертс.

И покрај тоа, речиси е сигурно дека партиското препукување и обвинување ќе продолжи, а дека процесот во Сенатот повеќе ќе наликува на политички циркус отколку на вистинско судење. Останува да се види дали на крајот сепак ќе се дозволи испрашување на сведоците кои во првата фаза на постапката не се одѕваа на повикот бидејќи Трамп тоа експлицитно им го забрани. Тоа што е практично сигурно е дека судењето во Сенатот ќе трае многу кратко – можеби само десет дека – и дека републиканците со мнозинство гласови и по партиски клуч ќе го ослободат Трамп.

Германската канцеларка Ангела Меркел, меѓу другите, беше гневна; Балканот помодре од бес. ЕУ сега се обидува да го натера Макрон да го тргне ветото пред Европскиот самит во март.

повеќе

Мојата заложба е конечно законите и прописите наместо инструмент за спроведување лични интереси, да ја добијат вистинската функција, заштита на интересите на граѓаните. За жал...

повеќе