Најнапредните тајни на небото и на земјата: Ф-35, С-400, Су-57 – кој се плаши од кого?

Една од најголемите приказни годинава секако е и ќе биде турската набавка на рускиот ракетен систем С-400, однсоно растечките тензии меѓу Анкара и Вашингтон поради таа турска одлука. Но зошто е тоа така? Многу земји веќе го имаат рускиот сѐ уште многу напреден систем С-300, па дури и неколку НАТО членки – Грција и Бугарија. Зошто тогаш толкава паника поради турската набавка на уште понапредниот систем С-400?

Нормално, тука има и политички и економски аспекти, но да се фокусираме на воените. Една од причините за оваа паника е фактот што С-400 е систем што ги „менува правилата на играта“ – станува збор за противвоздушен ракетен систем што не само што е понапреден од претходната верзија, туку е „многу понапреден“.

Што го прави толку посебен? Пред сѐ можноста за повеќекратно ракетно пресретнување. С-400 е компатибилен со повеќе видови различни ракети. Како оние со многу голем дострел, 40Н6Е (400 километри), со голем дострел 48Н6 (250 километри), среден дострел 9М96Е2 (120 километри) и со краток дострел 9М96Е (40 километри). За споредба, американските системи „патриот“, кои САД сакаат да ѝ го продадат на Турција наместо С-400, поддржуваат само еден тип ракета, со дострел од 96 километри.

Тоа е само почетокот на приказната. Споменатите 9М96Е2 се круната на системот С-400. Не само поради дострелот и брзината – а летаат со брзина од дури 15 маха што е околу 5.000 метри во секунда, односно 18.000 км/ч! Имајќи го предвид нејзиниот дострел, тоа значи дека С-400 со испукана ракета може за околу минута и пол, поточно за 80 секунди, да урне мета на оддалеченост од 400 километри.

Каква мета? Речиси секаква – може да гаѓа мети што се наоѓаат на само 5 метри оддалеченост од тлото. Со други зборови, може да неутрализира многу закани, од крстосувачки ракети до непријателски авиони.

Во ред, станува збор за исклучително напреден систем, но зошто САД толку се плашат од сценариото тој да заврши во Турција? Постои една многу конкретна причина. САД во последните години го развија новиот авион од петтата генерација Ф-35, кој важи за најнапреден во светот. Во проектот се вложени милијарди и милијарди американски долари, а истиот би требало на САД да им овозможи долгорочна супериорност на небото.

За да не ги вложуваат сите пари сами, САД во проектот Ф-35 вклучија неколку земји сојузнички кои финансиски придонесоа во развојот, а една од тие земји беше Турција. Како што се истакнува и на официјалните страници на авионот, десетина турски компании работеле на развојот на Ф-35. Со самото тоа Турција очекуваше дека ќе биде една од првите земји што ќе го добијат новиот авион, но сега од САД им порачуваат дека може да не им го продадат ако овие го набават рускиот С-400.

Дали тука станува збор за американска уцена поради фактот што Турција се одлучи за рускиот С-400, а не за американскиот систем „патриот“? Можеби тоа е дел од приказната, но таа е многу поголема. Имено, САД се плашат дека рускиот систем С-400 во Турција би можел на некој начин да ги „прочита“ напредните функции на нивниот Ф-35 и да го направи ранлив, во кој случај сите тие милијарди долари би пропаднале.

Да се осврнеме за момент на Ф-35. Тоа навистина е ултрамодерен воен систем, кој по многу нешта претставува квантен скок во споредба со претходната, четврта генерација. Предностите најдобро ќе ги увидат пилотите бидејќи функционалноста на авионот станува значително поголема со многубројните интерни доработки – на пример – повеќе нема да мора да „жонглираат“ меѓу неколку екрани и да донесуваат брзи процени во сопствената глава бидејќи отсега системот, многу моќен компјутерски систем, сето тоа ќе го прави за нив, а сите клучни компоненти од сега им се достапни на еден обединет екран.

Пилотот на Ф-35 околу себе има целосно видно поле, а благодарение на камерите може да погледне и под авионот. Со специјални радари авионот активно го снима радиусот околу себе и на пилотот не му дава само информации каде се наоѓаат пријателските, а каде непријателските авиони, туку му дава комплетна и генерирана „слика“ на околната територија. Понатаму, авионите меѓу себе одлично комуницираат за да можат заедно да надгледуваат широк простор, но и да „разговараат“ без пилотите да изговорат еден единствен збор, што значи дека комуникацијата не може лесно да им се пресретне.

Најголемиот труд сепак е вложен во „невидливиот“ карактер на авионот. Ф-35 од самиот почеток е граден со тоа на ум, за да не може да биде детектиран. Позицијата на моторот, оружјето, материјалот на изработка, дизајнот... сѐ е направено со цел да биде максимално тешко да се детектира Ф-35 на небото. Тоа е филозофијата врз основа на која е направен овој авион. Тој никогаш не бил замислен за директни пресметки на небото, таканаречените „догфајтс“, неговата цел е да биде „невидлив снајпер“ – да може незабележано да влезе во непријателска територија, да ја изврши мисијата и да се врати.

На пример рускиот ловец од петтата генерација, сухој Су-57, е сосема поинаква „ѕверка“ која најверојатно би ја презела доминацијата ако некогаш дојде до директна пресметка со Ф-35 бидејќи е побрз, поподвижен, побрзо се искачува, а има и невидливи карактеристики (првиот руски авион од тој вид), но консензусот е дека американскиот Ф-35 е „поневидлив“. Со други зборови, во случај на директно соочување Ф-35 би играл на тоа дека ќе го забележи рускиот ловец, или која било друга закана, прв.

Ф-35 со текот на години често беше мета на критики. Еден експерт, Џон Стилион, во една прилика порача: „Тој не може да сврти, не може да се искачи, не може да избега“. Но тоа беше пред десетина години, авионот од тогаш е максимално унапреден и многубројните проблеми кои ги имаше во раните фази се решени.

Еден анонимен пилот кажа дека Ф-35 е инфериорен дури и во споредба со Ф-16 кога станува збор за директна пресметка на небото. Веројатно е, но, како што кажавме, тој не е замислен со таа функција. А бидејќи толкав фокус беше ставен на аеродинамичноста (која исто така придонесува на невидливиот аспект), беше очекувано маневарските капацитети да бидат намалени.

Ф-35 има 3 верзии:

1. Ф-35А – ќе го користат американските воздухопловни сили, полетува конвенционално, од нормална писта.

2. Ф-35Б – за американската морнарица, дизајниран да полетува од пократка писта (и од носач на авиони), а може да слетува и вертикално.

3. Ф-35Ц – исто така дизајниран за морнарицата, за разлика од Б верзијата слетува со „фаќање“ на кабел, а не вертикално.

Да се вратиме на С-400, каква закана претставува овој руски систем за Ф-35? Најголема – целта на Ф-35, кога ќе се земат предвид сите надградби, е само една: да биде невидлив за непријателот. Ако С-400 пак „научи“ како да го забележи, најголемата предност на Ф-35 ја снемува. Поради тој факт Американците не сакаат Ф-35 да биде во близина на рускиот С-400.

Нормално, Турција се труди да ги убеди САД дека „нема причина за загриженост“, но Американците не им веруваат. Не е ни важно тоа што со С-400 во Турција би управувале, по обуката, турски војници – САД едноставно не знаат што сѐ се крие во системот С-400 и со кои се методи истиот може да „ги јави“ во Русија информациите за нивниот најнов авион.

Сепак, и Ф-35 и С-400 се два многу напредни системи за кои не се знае сѐ, ниту Русите знаат за што сѐ е способен Ф-35 (особено во сферата на електронско војување), ниту пак Американците знаат што сѐ може рускиот С-400.

Д-р Карло Коп, еден од најпризнатите експерти за воздухопловно инженерство, истакнува дека С-400 има опциски радари кои можат да ги „поразат“ модерните невидливи авиони како Ф-22 и Ф-35. Наведува дека руските радари работат на повеќекратни френквенциски појаси, вклучувајќи ги ВХФ и Л појасите, и можат да ги „видат“ и оние авиони со најнапредни системи за прикривање.

Доколку тоа е вистина, а во овој момент може само да се нагаѓа, но доколку е е веројатно вистинита и изјавата која минатиот месец ја даде рускиот претседател Владимир Путин кога кажа дека рускиот Су-57 е „најдобриот воен авион во светот“. Многумина жестоко реагираа на таа изјава, а дебатите во експертските кругови сѐ уште горат.

Но, на крајот можеби и самото прашање „кој авион е подобар“ е погрешно кога зборуваме за Ф-35 и Су-57, поради фактот што двата авиони се дизајнирани да бидат најдобри за своите творци. Ф-35 покажува како војни планираат САД да водат во годините што доаѓаат, додека Су-57 покажува што Русија очекува од идните конфликти. Тие авиони се производ на едно време, тензиите кои сега кулминираат како еден вид обновување на Студената војна.

Нормално, тоа се „само“ воените аспекти, по (или пред?) кои веднаш доаѓа економскиот. Кој кому ќе успее да продаде повеќе авиони? Тоа е можеби и единствената „директна борба“ во која Ф-35 и Су-57 некогаш ќе учествуваат, е ќе биде многу жестока. Во тој контекст САД толку се плашат од рускиот С-400 бидејќи тој систем го гледаат како елемент на „индустриската шпионажа“. Ако Русите научат како да го детектираат американскиот Ф-35, што ќе се случи? Земјите ќе сакаат да го купат не само нивниот С-400 туку и Су-57! Во некоја рака тоа веќе се случува со Турција која најави дека ако САД одбијат да им го продадат Ф-35, секогаш постојат руските ловци како алтернатива.

Нормално, ако на крајот се покаже дека Ф-35 е навистина невидлив и за сите напредни руски радари, тогаш изборот е јасен – Ф-35 е победникот.

Оваа е битка за пазарот исто колку што е и битка за доминација во воздухот. Освен Турција низа земји веќе се во рана фаза на процесите за набавка на С-400 системите – Египет, Саудиска Арабија, Катар, Индија... (освен Русија, систем засега го имаат Кина, Белорусија и Алжир). Што се однесува пак до рускиот Су-57, истиот е поприлично „тестиран“ и во вистински борбени услови, во Сирија. Тој факт го прави веднаш попримамлив за потенцијалните купувачи (Русите почетокот на извозот го најавуваат за 2022 година).

Американскиот Ф-35 е тестиран во реални мисии два пати – Израел го користеше во напади во Сирија (фалејќи се со фотографија од Ф-35 над Бејрут среде бел ден). Американците, пак, Ф-35 го употребија во напад врз талибанците во Авганистан, на 27 септември 2018 година (варијантата Ф-35Б).

Нормално, сите овие мисии на едните и другите се користат и во маркетиншки цели на самиот производ, но како што тоа генерално се случува на крајот потенцијалните купувачи ќе ги интересира цената, а тука Русите имаат голема предност. Најавено е дека цената на Су-57 ќе буде дури 2 и пол пати помала од таа на Ф-35 (чија цена денес се проценува на околу 85 милиони долари по авион).

Русија и САД се две сили кои се судираат на многубројни подрачја, а воениот пазар е едно од најголемите. Сите тензии затоа треба да се гледаат и во тој контекст. САД се цврсто на првото место според извозот на оружје, Русија на второто. Глобалниот обем на годишна продажба на оружје расте веќе неколку години, станува збор за бизнис што на големите сили годишно им носи профит од повеќе десетици милијарди американски долари, а за тој да се одржи, ќе биде потребна побарувачка – а во оваа индустрија за жал нема подобра побарувачка од нови тензии и војни.

 

(Реакција на колумната на Наум Кајчев, „За Гологанови и нашата заедничка историја“, 15 септември 2019, МКД.мк)

повеќе

Деликатна јазична авантура е ако се излезе од основното и утврдено значење на зборовите и се прејде во сферата на жаргонот и колоквијалноста.

повеќе

Плаќањето на вработените на час наместо месечно помага да се зголеми нивната плата со тоа што ќе се вреднува работното време поефикасно.

повеќе