Најголема инфлација во Германија во 3 децении, притисок врз Европската централна банка

Најголемата инфлација во Германија забележана во последните три децении ја притисна Европската централна банка (ЕЦБ) да ја заостри исклучително лабавата монетарна политика, јавуваат светските агенции.

EPA-EFE

Германските потрошувачки цени во ноември го достигнаа 29-годишниот максимум, откако сè поголемите трошоци за енергија и тесните грла во ланците за снабдување ја оптеретија водечката европска економија, пишува Франс прес.

Прелиминарните податоци објавени во понеделникот, 29 ноември, покажуваат дека годишната стапка на инфлација пораснала на 5,2 отсто – забрзувајќи петти месец по ред – што е делумно предизвикано од скокот на цените на енергенсите од 22 отсто, соопшти германската агенција за статистика Дестатис.

Поголемата побарувачка по ублажувањето на мерките на ограничување поради коронавирусот ги крена цените на енергенсите и доведе до недостиг на клучните суровини и работна сила низ светот.

Германската централна банка Бундесбанк соопшти на почетокот на ноември дека инфлацијата во земјата годинава би можела да порасне на нешто помалку од шест отсто, додека одделни економисти веруваат дека декемвриската инфлација ќе има нов рекорд од повторното обединување на Германија.

Ројтерс истакнува дека рекордното ниво на инфлацијата на потрошувачките цени во Германија, последен пат забележано во јуни 1992, го зголемува притисокот врз Европската централна банка да ја заостри својата ултралабава монетарна политика.

Членката на одборот на ЕЦБ Изабел Шнабел кажа за германската телевизија ЗДФ дека порастот не бил изненадување и дека верува дека инфлацијата го достигнала врвот во ноември, што значи дека би било избрзано да се креваат стапките над целените два отсто бидејќи зголемувањето на цените веројатно постепено ќе успорува следните години.

Годишниот раст на цените е најголем во последните три децении и ги надмина очекувањата на повеќето економисти, но Европската централна банка се противи на повиците да ја заостри монетарната политика со тврдење дека растот на инфлацијата е привремен, укажува Фајненшал тајмс.

Нестабилните цени се чувствителна тема во земјата во која односот на луѓето кон парите сè уште е под голем впечаток на хиперинфлацијата од 1920-тите и 1940-тите која ја уништи заштедата на повеќето Германци. Меѓутоа, пишува лондонскиот весник, ЕЦБ се обиде да ја смири загриженоста поради растот на цените кажувајќи дека повеќето еднократни причини на инфлацијата ќе исчезнат во следната година.

На тоа укажуваат повеќе фактори, меѓу кои и ограничувањата кои се најавени овој месец за да се заузда рекордниот пораст на случаите на коронавирусот кои би можеле да го намалат трошењето и продажните цени.

Претседателката на ЕЦБ Кристин Лагард кажа минатата недела дека заострување на монетарната политика како одговор на моменталниот пораст на инфлацијата би било „погрешно“, предвидувајќи дека притисоците на цените ќе избледат до моментот кога таквите мерки ќе стапат на сила 18 месеци подоцна.

Германија не е сама во соочувањето со растечката инфлација, истакнува лондонскиот весник додавајќи дека цените во Белгија пораснале за 5,6 отсто овој месец, додека шпанските потрошувачки цени, според податоците објавени на 29 ноември, исто пораснале за 5,6 отсто – исто така со најбрзо темпо од 1992.

Агенцијата за статистика на ЕУ јави вчера, 30 ноември, дека инфлацијата во еврозоната пораснала на највисоко ниво од воведувањето на заедничката валута, достигнувајќи двојно повеќе од целта на ЕЦБ од два отсто, пишува Политико.

Еуростат соопшти дека годишната инфлација во 19 земји кои го користат еврото во ноември достигнала 4,9 отсто, во однос на 4,1 во октомври. Тоа, истакнува бриселскиот портал, е значително над она што повеќето аналитичари го очекуваа.

Она што многу економисти сè повеќе ги загрижува е базната инфлација, која ги исклучува променливите фактори како цените на храната, алкохолот, тутунот и енергенсите. Таа скокнала од два на 2,6 отсто, што сугерира дека инфлацијата всушност би можела поспоро да паѓа.

Ваквиот развој на настаните му дава аргумент на делот од Управниот совет на ЕЦБ кој стравува дека инфлацијата би можела да биде поупорна отколку што се претпоставува. Затоа, оценува Политико, Европската централна банка би требало, барем во блиска иднина, да ги ревидира своите проекции на инфлацијата нагоре на својот претстоен состанок во декември.

Вработените во германските сојузни држави добија на крајот на ноември зголемување од 2,8 отсто и еднократна исплата без данок од 1.300 евра, во договор кој на крајот ќе покрие речиси 3,5 милиони луѓе. Во меѓувреме новата влада на Олаф Шолц планира да ја крене минималната плата во земјата за 12 евра до крајот на годината. Двата потези би можеле да имаат тешко занемарливи последици, оценува Блумберг.

Една од причините зошто властите успеаја да го класифицираат моменталниот скок на инфлацијата како „привремен“ е таа што секундарните ефекти досега не успеаја да се остварат. Меѓутоа, германскиот Совет на економски советници и националниот таблоид Билд издадоа предупредувања за исклучително лабавата монетарна политика.

Централната банка треба да биде потранспарентна во опишувањето на своето излегување од монетарните стимуланси, кажа членот на владиниот Совет на економски советници Фолкер Виланд тврдејќи дека исклучување на прекин на негативните каматни стапки следната година би можела да биде грешка, пренесува Блумберг.

Тој смета дека ЕЦБ би требало да му каже на пазарот кога стапките би можеле да пораснат, односно дека би требало да се разгледа изработка на проекции на каматните стапки слични на оние кои ги објавуваат американски Федерални резерви чие најново ажурирање од септември покажува дека трошоците на задолжување во САД долгорочно се смируваат на 2,5 отсто.

Виланд смета дека со „квантитативен“ пристап во донесувањето на намерите на креаторот на политиката би можело да се помогне во решавањето на шпекулациите. Иако стапките на инфлацијата би можеле да паднат „многу брзо“ во следните месеци, Виланд тврди дека и понатаму постојат „ризици за раст“ во што спаѓаат долготрајните „тесни грла“ во снабдувањето, порастот на платите и обилната понуда на пари и кредити.

Легенда под Главна слика

EPA-EFE

После речиси две години очигледно е дека менталното здравје на вработените е исто важно како и нивното физичко здравје. Сега повеќе од било кога, неопходен е силно развиен систем за управување со човечки ресурси.

повеќе

Јазикот е многу повеќе од структура на една реченица или граматика, јазикот е нашата историја, нашите обичаи и нашето наследство...

повеќе

Овој отпад, освен тоа што ја загадува животната средина, исто така предизвикува дефекти во машините, ги оштетува контејнерите и го спречува транспортот на друг отпад.

повеќе